Девојчиња не одат на училиште за тоа што нивните семејства немаат доволно пари за да купат производи за менструална хигиена. Состојбата е утврдена претежно во македонските рурални области при истражувањето на организацијата Новинари за човекови права. Се бележи дека изостанувањето од наставата е и поради немање соодветни услови во училиштата за менструална хигиена, па и срамот кај девојчињата.
Ваква состојба треба да се промени, затоа што освен негативните последици врз нивното образование има и врз целокупното здравје на девојчињата, но и на сите заедно, вели доктор Михаил Кочубовски од државниот Институт за јавно здравје.
„Зошто е битна за мене како доктор по хигиена и здравствена екологија. Затоа што ако имаме бесплатни продукти за одржување на менструалната хигиена девојчињата ќе имаат побезбедно здравје, значи подобро здравје. Ако практикуваат добри хигиенски практики ќе имаме пак подобро здравје заради болестите кои можат да ги добијат, дали од небезбедна вода, дали од несоодветна хигиена или несоодветна санитација и на тој начин ќе ја унапредиме и ќе ја подобриме здравствена состојба кај младите“, рече докторот.
Од невладината организација сега прават проекти во неколку училишта со цел да направат подобри услови за одржување менструалната хигиена.
„Ние ги адаптиравме посточките тоалети според стандардите за управување со менструалната хигиена. Најважно е во самата тоалетна кабина да имаме пристап до вода. Да можат девојчињата да ја одржуваат хигиената. Исто така да имаме две канти за смет. Селектирање на отпад и одржување на хигиена. Се разбира треба да има сапун и хартија за бришење на раце. Она што е наша идеја и што сметаме дека државата треба да го направи понатаму и да овозможи на секое девојче кое е вклучено во образованиот систем да добива бесплатен пакет со управување со менструалната хигиена“, изјави Наташа Доковска.
Една од опциите за надминување на менструалната сиромаштија е намалување на данокот на додадена вредност за овие хигиенски производи. За таквото искуство во Обединетото кралство, зборува амбасадорката Рејчел Галовеј.
„Не треба да има ситуација во која девојчиња немаат пристап до хигиенските производи за кои се срамат да побараат и да ја пропуштаат наставата поради тоа. Во Обединетото Кралство статистиката исто не е добра. Тоа не е прифатливо и мора сите да работиме за промена. Мора да биде одржливо ова и да биде поддржано од властите и бизнисите“, истакна британската амбасадорка Рејчел Галовеј.
Во насока на подобра состојба организацијата во училиштата обезбеди бесплатни хигиенски продукти.