Достапни линкови

Општина Тетово непристапна за лица со инвалидска количка


Општина Тетово
Општина Тетово

Тетово е град во кој пристапот до јавните објекти за лицата кои се движат со инвалидска количка е речиси невозможен. Пример за тоа е и зградата на Општината.

Нема промена на состојбата околу отежнатото движење на луѓето со посебни потреби, особено тие кои се во количка, поради непристапноста на објектите на државните институции на централно и на локално ниво во Тетово. Токму зградата во која се сместени Општина Тетово, како и подружници на државни установи е пример за неможност да се влезе во нив со инвалидска количка. Таму е направен обид да се изгради пристапна рампа која има висок агол на нагорнина, па тешко е кој било да помине преку неа. Воедно истата е блокирана од влезна порта на објектот. Другите влезови не ни имаат пристапни рампи.

Од здруженијата на граѓани, кои се обидуваат да дејствуваат во подобрување на состојбите, велат дека со години ги посочуваат проблемите. Тие не се решаваат, иако за сè постојат законски одредби. Но, никој не ги почитува и кога станува збор за градењето на пристапните рампи.

„Таа пристапна рампа не треба да има агол поголем од седум степени. Освен тоа, треба да има доволно ширина за да може лице со количка да се качи. Не треба да биде со лизгава површина, туку треба да биде од материјал кој нема да дозволи лицето да се лизне, да се повреди. Тие се стандарди, тие се пропишани со законот, но никој кај нас не ги применува. Новите градби, новите згради што се градат, мора да имаат пристапни рампи. Но видете во Тетово дали некоја од овие нови згради има пристапна рампа. Гарантирано нема никој“, вели Зоран Андонов од здружението на родители на деца со церебрална парализа.

Сите вработени во Општина Тетово, вклучувајќи ја и градоначалничка Теута Арифи, поминуваат низ истата влезна порта. На градоначалничката ѝ е петта година работа или втор мандат, а за проблемот се согласува дека треба да го реши, но без прецизност во роковите и дали тоа ќе биде поитно направено.

„Сите го имате предвид фактот дека ние сите работиме во објекти и институции кои се затечени од едни други системи каде што чувството за овие проблеми очигледно било помало. Општинската зграда Тетово е зграда која ние ја споделуваме со уште четири други централни институции и тој процес на заедничка одговорност нормално е многу важен. Ние ќе продолжиме да го стандардизираме тој процес на пристапност, но во процесот на планирање на нови објекти на Општина Тетово во градот работиме на тоа, имаме предвид да бидат пристапни за сите луѓе. Има два спрата, работиме на тоа“, изјави Теута Арифи.

Законите предвидуваат, но не се почитуваат и параметри како треба да изгледаат тротоарите и пешачките премини со цел да бидат пристапни според потребите на лицата кои се движат со инвалидски колички.

XS
SM
MD
LG