Клима уредите работат постојано, а речиси во секој двор е пуштено црево со вода за колку толку да ја разлади земјата. Изгор летото донесе и зголемена потрошувачка на струја и на вода.
Видете и ова: Ќе се соочиме ли со недостиг на вода?Јули и август и вообичаено се месеци со најголема потрошувачка на вода. Некои населени места, особено повисоките и оние кои не се приклучени на јавен водовод често снемуваат вода, а се воведуваат и рестрикции. Оние кои имаат, трошат без усул. Статистиката покажува дека Македонците трошат 2,5 пати повеќе вода по жител од просекот во ЕУ. Уште поголем проблем е што две третини од потрошената вода се загуби.
Жителите на унијата во просек трошат по 125 литри вода дневно, додека македонските граѓани по 323 литри дневно. Во тек на летниот период скопјани трошат по над 500 литри дневно, а во рекордните денови и над 640 литри дневно.
Рестрикции на вода за пиење изминативе недели имаше или и натаму има и во Градско, додека во Скопскиот регион во изминатиов период од периодичен недостиг од вода за пиење се жалеа граѓани од Љубанци и Сопиште, а жителите на Кучково протестираа поради немањето вода за пиење.
Од „Водовод и канализација“ – Скопје постојано апелираат до граѓаните рационално да ја користат водата за пиење.
Загубите на вода во земјава се 63 проценти, односно толку вода е потрошена, а нефактурирана. Дебар, Долнени и Гостивар имаат загуби од над 80 отсто, покажува извештајот на Државниот завод за ревизија.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски бара тие да ја одредуваат и цената на водата со што ќе се допринесе до помали загуби.
Видете и ова: Штедењето вода не значи само помала сметка„За која стратегија зборуваме ако имаме загуби на вода од 80 проценти. Тоа е како во некоја фабрика за автомобили да произведете 100 автомобили, а 80 да ви бидат проблематични, значи нема тука бизнис, нема ништо сериозно“, вели Бислимоски.
Податоците на ЕВН Македонија, пак, покажуваат дека во јули годинава биле потрошени 11 отсто повеќе струја отколку во истиот месец минатата година.
„Најголема потрошувачка во изминатиот месец е регистрирана на 15 јули (четврток) и изнесува 17.113 MWh кој е и еден од најтоплите денови овој период, со минимални 22°С и максимални 39°С, а се измерени на скопскиот Аеродром“, велат во ЕВН.
Слична е ситуацијата и во земјите од соседството кои се погодени со топлотен бран. Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис пред неколку дена ги повика доброволно да штедат струја, бидејќи топлотниот бран што ја зафати Грција ја оптовари енергетската мрежа во земјата и ја зголеми можноста за прекин на доставата на струја.
Во ЕВН велат дека електродистрибутивната мрежа во земјава во моментов е во стабилна состојба и солидна кондиција и оти потрошувачката на струја е очекувана за овој период од годината.
„Прекини во снабдување со електрична енергија се регистрирани само во оние делови каде имало пожари, поради огромни материјални штети предизвикани од истите на нашата електродистрибутивна мрежа. Дел од овие прекини се веќе надминати, додека на дел сè уште активно се работи на санирање на штетите сè со цел повторно воспоставување на нормално снабдување со електрична енергија за сите корисници“, велат во ЕВН.
И покрај огромните горештини и трошењето струја за разладување, во Македонија многу повеќе струја се троши зимно време. Најголема потрошувачка на струја годинава е регистрирана на 14 февруари и изнесува 27.417 MWh, што е за скоро 60 отсто повеќе од најголемата потрошувачка во лето. Во изминатата деценија најголема потрошувачка е забележана на 12 јануари 2017 година (четврток) и изнесува 28.657 MWh, велат во ЕВН.