Достапни линкови

Ќе се соочиме ли со недостиг на вода?


Илустративна фотографија - човек пие вода од шише. Во летниот период домакинствата во Македонија значително ја зголемуваат потрошувачка на вода, покажуваат официјалните податоци.
Илустративна фотографија - човек пие вода од шише. Во летниот период домакинствата во Македонија значително ја зголемуваат потрошувачка на вода, покажуваат официјалните податоци.

Водата е лимитирачки фактор и постојано се наоѓа во недостиг, велат експерти. Според нив, државата треба да направи „сериозна реформа“ за модернизација на системите за наводнување во земјоделството, а урбаните средини да добијат дополнителен систем за употреба на техничка вода.

Јули и август се месеци кога има најголема потрошувачка на вода во земјава - ресурс кој станува еден од најкритичните во светот, според повеќе научни истражувања. Но, додека потребите за вода дополнително се зголемуваат од влијанието на климатските промени, податоците покажуваат дека македонските граѓани просечно трошат поголеми количини во споредба со жителите на ЕУ, а експерти посочуваат и на неконтролирано трошење на вода во земјоделието, главо поради слабата употрба на системите за наводнување.

Водата е лимитирачки фактор и постојано се наоѓа во недостиг, што доведува до ограничување на македонското земјоделство во однос на продукцијата на земјоделски култури, вели професор Ордан Чукалиев од Земјоделскиот факултет во Скопје. Тој додава дека климатските промени дополнително ќе го лимитираат земјоделското производствo.

Официјалните бројки покажуваат дека Македонија има изградено системи за наводнување на површина од 160.000 хектари, од кои во моментов се активни на околу 120.000 хектари.

„За жал вистински наводнувани од тие површини се едвај околу 30.000 хектари. Имајќи предвид дека земјоделците слабо наводнуваат од постоечките системи за наводнување, се случува појава, не знам дали треба да ја наречам диво наводнување, односно наводнување од сопствени бунари“, вели Чукалиев.

Тој истакнува дека државата треба да направи напори земјоделците да се вратат кон постоечките системи за наводнување, посочувајќи дека за тоа е потребна „посериозна реформа“ за модернизација на системите и нивно прилагодување за наводнување „капка по капка“ со што ќе биде потрошена помалку вода за разлика од другите техники за наводнување.

„Проблемот е дека во летните месеци се јавува недостигот на вода. Во пикот на потрошувачката во месеците јули, август, а веќе и септември станува сушен месец, доаѓа до зголемување на потрошувачката на вода воопшто, меѓутоа во земјоделството се зголемува многу повеќе бидејќи културите се во силно развиена фаза“, вели Чукалиев.

Штедењето вода не значи само помала сметка

Од друга страна овој период има значително зголемена потрошувачка на вода во домакинствата.

Деновиве ЈП Водовод и канализација – Скопје апелираше до граѓаните на Скопје за рационалното да ја употребуваат водата, бидејќи како што е наведено во соопштението, последиците од климатските промени стануваат дел од нашето секојдневие.

„Високите температури кои достигнуваат и до 40 степени целзиусови придонесуваат за енормно зголемување на потрошувачката на водата и намалена издашност на изворот Рашче“, велат од ЈП Водовод и канализација – Скопје.

Институцијата апелира граѓаните да се воздржат од полнење базени, наводнување на поголеми зелени површини, полевање на ниви и бавчи со водата од градскиот водоснабдителен систем, за да има нормално водоснабдување во секој дел од главниот град.

Дома на одмор - се полнат викендиците и се купуваат базени

Историски, според податоците на ЈП „Водовод и канализација“, најголема потрошувачка на вода има во јули и август, а рекордна потрошувачка е забележана во август 2017 година.

Сепак минатата година од ЈП „Водовод и канализација“ посочија дека вкупната загуба на вода во текот на годините се движи околу 60 проценти, главно поради технички дефекти, потрошувачка на вода за полевање на градско зеленило, миење улици, чешмички за вода и кражби на вода.

Според неодамнешните податоци на Еуростат, жителите на земјите од Европската унија просечно трошат околу 200 литири вода дневно, додека во Македонија просечната потрошувачка достигнува до 323 литри по жител дневно. Само во Скопје во лето секој жител во просек троши околу 500 литри вода.

Македонија без амбициозен план против климатските промени

Но, каква е покриеноста со техничка вода? Професор Чукалиев објаснува дека „техничката вода“ е израз за вода којашто не е погодна за употреба за сите намени, односно не е за пиење.

Според законската регулатива, вода од прва категорија е вода за пиење, додека водата од прва, втора и трета категорија може да се кориси за наводнување.

Чукалиев вели дека во урбаните средини треба да постојат два системи – едниот за снабдување на населението исклучиво со вода за пиење од прва класа, а другиот систем да обезбедува „техничка вода“ вода од понизок квалитет за задоволување на останатите потрби, како наводнување на градини, одржување на чистота на јавни површини, миење возила и сл.

„Возможно е да се применува техничка вода, пред се во урбаните средини за наводнување на зеленилото, јавните зелени површини. Ние тоа во моментов го правиме со истата вода за пиење, бидејќи имаме само еден постоечки систем“, вели Чукалев.

Преспанско Езеро се повлекува, сушата зема данок

Преспанско Езеро се повлекува, сушата зема данок, но одговорни се и земјоделците
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:01 0:00

Кризата за вода е еден од најголемите ризици на глобално ниво, според Светскиот економски форум.

Сушните есен и зима, без дождови и снег, ги намалуваат нивоата на водите на големите езера во земјава. Оваа година таков е случајот со Преспанското Езеро, за што освен сушниот период, придонесува и наводнувањето на овошните засади во целиот Преспански регион.

На крајот на минатиот месец беше намален и водостојот на Охрдското езеро, според мерењата на Управата за хидрометеролошки работи (УХМР). Намалување на водостојот исто така беше забележан и во речиси сите реки во земјава.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG