Достапни линкови

Снегот само ја ублажи сушата во Пелагонија


Земјоделците од најголемата житница во земјава, Пелагонија, стравуваат дека ќе дојде до преполовување на родот, пред сѐ на житото, ако не паднат поголеми врнежи. Според нивни проценки есента, а сега и зимата се едни од најсушните во последните две децении.

Снегот, кој деновиве падна во Пелагонија, само привремено ја ублажи катастрофалната состојба со сушата. Дваесетте сантиметри снежна покривка ги заштитија растенијата од измрзнување за време на утринските ниски температури кои паднаа и до 12 степени под нулата, но нема да ја задоволат потребата од влага на почвата која е сува со оглед на тоа дека и есента и зимата беа сушни.

Земјоделците од најголемата житница во земјава Пелагонија стравуваат дека ќе дојде до преполовување на родот, пред сѐ на житото, ако не паднат поголеми врнежи. Според нивни проценки есента, а сега и зимата се едни од најсушните во последните две децении. Поради ланската суша што половина година ја зафати најголемата житница во државата, есенските култури беа посеани задоцнето до 15 декември, а околу девет илјади хектари со лебно зрно и зимава се соочуваат со недостиг на влага.

„Што снег беше ова? Една педа. Порано врнело по половина метар, во текот на есента имало обилни врнежи дожд, а годинава ни капка. Ова што заврна само не спаси од целосна катастрофа, но е премалку за да ја подобри состојбата“, вели земјоделецот Мите Јакимовски.

„Да не речам дека и до 50 проценти ќе влијае врз посевите. Имавме задоцнета сеидба, па голомразица и ќе имаме доста загуби доколку не заврне дожд или снег. Според метеоролозите, не се очекуваат пообилни врнежи. Дождовите што паднаа беа многу слаби. Ако продолжат ваквите временски услови, ќе имаме проблем и со пролетната сеидба, ќе недостига влага, ќе има задоцнување. Ако продолжи вака ќе биде лоша за земјоделството. Не можеме да се бориме со климатските промени“, рече земјоделецот Панде Дамчевски.

Во Битола наврнале околу 130 литри дожд во месец мај ланската година, меѓутоа, од јуни па до февруари годинава наврнале околу 160 литри. Тоа е многу мало количество кое не може да ги задоволи потребите на почвата за да можат да се развиваат сите култури.

Зоран Бардаковски, советник во Агенцијата за развој и поддршка на земјоделството вели житните култури во моментов се наоѓаат во фаза на мирување и немаат некоја посебна потреба во овој период од вода.

„Но, секако доколку сушен период продолжи и натаму, тоа ќе се одрази врз приносот. Во февруари започнува периодот на прихрана на овие култури што значи дека можно е да се одложи или оневозможи оваа агротехничка мерка. Сите овие моменти ќе се одразат на приносот. Нема да се задоволат оние просечни приноси карактеристични за Македонија“, вели Бардаковски.

Климатските промени, а како нивни последици сушите и поплавите, се сѐ почести во Пелагонија. Дури и експертите предлагаат да се сеат поиздржливи сорти.

„Се препорачува кај земјоделците да набавуваат семенски материјал и сорти кои се отпорни на сушни временски услови“, вели Бардаковски.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG