Голем дел од граѓаните спасот од летните горештини го гледаат во наводнување на своите дворови или површините пред своите домови. Јавни чешми, фонтани, црева кои се приклучени на градските хидранти, се полеваат бавчи и ниви, се мијат улици, вода тече од сите страни. Граѓаните се разладуваат и ретко кој од нив воопшто мисли колку вода троши додека ги наводнува зелените површини и разнобојните цвеќиња во својот двор.
„Летен период е, се троши повеќе вода. Јас живеам во куќа и често ги наводнувам цвеќињата. Мислам дека треба да се води сметка за количината која ја трошиме, ама на вакви високи температури нормално е да се користи водата повеќе отколку во другите месеци“, вели 50 годишен граѓанин кој живее во населбата Ново Лисиче во Скопје.
„И јас сум во куќа и мислам дека треба подомаќински да се однесуваме. Јас не наводнувам секој ден, ама кога е многу жешко да, трошам вода“, вели 63 годишна пензионерка од Скопје.
„Забележувам дека има многу неисправни чешми кои течат по цел ден, мислам дека треба да има почести контроли на терен од службите на водовод, а голем проблем претставува и тоа што имаме недостиг на техника вода“, вели Емилија, вработена во продавница во центарот на градот.
И од Јавното претпријатие Водовод и канализација информираат дека во изминатите две недели со зголемувањето на температурите, се зголемила дневната потрошувачка на вода за околу 17, 5 илјади метри кубни или за 6 проценти.
Оттаму велат дека деновиве се забележани неколку случаи на диви приклучоци и потсетуваат дека таквите активности се забранети со Закон и истите подлежат на кривична одговорност.
„Согласно процедурите за работа наши служби секојдневно се присутни на терен за откривање на дивите приклучоци, нивно исклучување и понатамошно процесуирање. Години наназад испливуваат на површина нелегалните приклучоци кои најчесто се употребуваат во руралните средини, но не ретко ги им и в урбаните средини, за перење теписи, перење на автомобили, наводнување на тревници итн. Еве неделава имаме 7 исклучени нелегални приклучоци на општина Сарај и за нив се отпочнати постапки за кражба на вода и тие ќе се процесуираат понатаму со судски постапки и разрешници“, вели Зоран Недевски, раководител на сектор за наплата во Водовод и канализација.
Не е непознато дека потребите за вода дополнително се зголемуваат од влијанието на климатските промени и дека македонските граѓани просечно трошат поголеми количини вода во споредба со жителите на ЕУ. Дополнителен проблем претставува и трендот на изградба на мали хидроцентрали кои дополнително ги менуваат изгледот на речните корита и го намалуваат количеството вода во реките.
Експертите предупредуваат дека ваквото трошење и нерационално искористување на водените ресурси ќе предизвика криза за вода.
„Свеста е клучот на решавање на проблемите. Кога ќе сфатите дека треба да ја штедите водата, кога ќе сфатите дека тој ресурс е она што многу скоро ќе стане еден од најбараните на планетата, а ние за среќа сега засега го имаме во изобилие, мора да почнеме да го третираме соодветно. И штедењето треба да се случи во сите сектори. Вие не можете да ја направите водата да е прескапа. Таа е право на сите и не може да биде прескапа. На пример во Австралија сега ја зголемија цената на водата, па голем број земјоделци сега се откажуваат од производство, бидејќи не можат да си дозволат да ја платат вода за наводнување, тоа е нешто што не смееме да дозволиме да се случи кај нас“, вели Ордан Чукалиев професор на Земјоделскиот факултет во Скопје.
Професорот додава дека земјоделството е најголемиот потрошувач на вода во земјава. Според некои анализи 50 до 80 проценти од водата се употребува во овој сектор, а токму таму водата се користи најнерационално, предупредува Чукалиев. Тој додава дека има и други системи на наводнување со кои се троши помалку вода, како што е системот „капка по капка“, фертилизација, микронаводнување и сл. но само мал дел од земјоделците го користат тој систем на наводнување.
„Постигнати се значајни заштеди. Нашите земјоделци преминуваат на систем капка по капка, таму каде што е можно. Тоа се мали групи на земјоделци, на пример во Ресен, таму неколку илјади земјоделски производители користат систем капка по капка, а ние во земјава имаме 180 000 земјоделски производители, тоа е огромна бројка и е невозможно да се пријде до сите. Треба да се најдат и нови начини на пренесување на информациите кон земјоделците,“ посочува Чукалиев.
Од Водовод смируваат дека граѓаните ќе имаат вода и дека ќе се направи се за да не се наруши водоснабдувањето на домаќинствата. Сепак апелираат граѓаните да се воздржат од полнење базени, наводнување на поголеми зелени површини, полевање на ниви и бавчи со водата од градскиот водоснабдителен систем, за да има нормално водоснабдување во секој дел од главниот град.
Инаку според Светскиот економски форум, недостигот на вода е еден од најголемите ризици на глобално ниво. Долгите сушни периоди ги намалуваат нивоата на водите на големите езера во земјава. Таков пример се Преспанското и Охридското езеро, а намалување на водостојот исто така беше забележан и во речиси сите реки во земјава.