Хакерските напади врз клучни институции е опасност и по граѓаните и државата. Трендот на сајбер нападите се поактуелен, како во Македонија и на Балканот, така и во европските земји. Надлежните во Македонија сајбер нападите ги поврзуваат со инвазијата врз Украина, при што речиси ниедна земја не остана имуна. Но, каква историја на сајбер напади имаат повеќето земји уште пред да започне војната?
Првиот хакерски напад во историјата - без компјутер
Првиот хакерски напад во историјата според интернет податоците се случил уште во далечната 1903 година, со што се верува дека се означил почетокот на една нова ера. Иако на прв поглед замислувањето на хакер во 20 век создава многу противречности, со оглед на тоа што во почетокот на 20 век не постоеле компјутери, се поставува прашањето - Што би можело да биде хакирано од првиот хакер на сите времиња?
Во ова време се развива првиот бежичен телеграф и неговиот создавач ги уверува граѓаните дека пораките испратени преку овој телеграф се безбедни и може да се пренесат приватно. Невил Маскелин, англиски магионичар при проекцијата на овој бежичен телеграф успева да испрати навредливи пораки преку Морзеов код за да докаже дека овој наводно безбеден телеграф не е толку безбеден и приватен колку што го прикажуваат. Така, првото хакирање во историјата било испраќање навреда со Морзеова азбука.
Во новата ера
Со започнувањето на една нова ера, светот беше на удар на хакерски напади. Се хакираа телефонски системи за бесплатни повици, телевизии, радиа (хакерот Кевин Поулсен освои Порше бидејќи ги блокирал сите дојдовни повици да не може да има други јавувачи освен тој). Со развојот на технологијата започна и хакирањето на компјутерски системи со што почна еден нов период во оваа хакерска ера.
Поголеми хакерски напади во последнава деценија
- Украина 2015 година
Околу 230 илјади луѓе останаа шест часа без струја во декември 2015 година откако хакери се инфилтрираа во три компании за снбдување со електрична енергија и ги исклучија генераторите во два региона во Украина. Украинските тајни служби ја обвинија руската влада за нападот.
- Украина 2016 година
Една година по претходниот напад на електричната мрежа во Украина, сајбер напад се случи и во украинскиот главен град Киев во декември 2016 година и траел нешто повеќе од еден час каде бил оневозможен целосниот проток на струја. Dragos Security заклучи дека нападот не бил само да предизвика краткорочни прекини, туку да предизвика доготрајна штета што можела да трае со недели или месеци.
- Германија 2019 година
Германија во 2019 година го претрпе најголемиот хакерски напад во историјата. Стотици политичари од Бундестагот беа цел на нападот, меѓу кои и канцеларката Ангела Меркел и претседателот Штајнмаер. Преку анонимен профил на Твитер протекоа чувствителни информации за политичарите како броеви на мобилни телефони, информации за контакт, детали за кредитни картички, банкарски и финансиски детали, како и приватни разговори.
- Германија 2020
Во 2020 година во Германија според надлежните се случил и првиот сајбер напад кој предизвикал смрт кај пациентка. Со оглед на тоа што хакерите нападнале 30 софтвери во болница во Дизелдорф барајќи откуп, ги урнале системите и ја принудиле болницата да ги отфрли итните пациенти. Како резултат на тоа властите соопштија дека пациентка на која животот и бил во опасност била испратена во друга болница која била одалечена 20 километри во Вупертал и починала затоа што задоцнило лекувањето.
Според германските медиуми сајбер нападот не бил наменет за болницата. Белешката за откуп била упатена до блискиот универзитет. Напаѓачите го прекинаа нападот откако властите им рекоа дека всушност затвориле болница.
Но сепак, болниците се честа мета на сајбер-криминалците, особено нападите со откуп, бидејќи потребата за пристап до здравствените досиеја и компјутерските системи создава итност што ја зголемува веројатноста жртвите да им платат на изнудувачите.
- Израел 2020
Во април 2020 година, Израел претрпе сајбер напад врз нивните водни објекти, но имаа доволно среќа да ги избегнат последиците. Нападите беа спроведени да ги компромитираат командните и контролните системи за пумпните станици во Израел, канализационите системи, постројките за отпадни води и земјоделските пумпи.
Хакерите се обидоа да ги пробијат системите за индустриска контрола (ICS) на пет објекти на израелската управа за водоснабдување и да го подигнат нивото на хлор во снабдувањето со вода на нацијата и да го нарушат снабдувањето со вода за време на топлотниот бран и пандемијата со Ковид-19. Доколку беше успешно, ова ќе предизвикаше големи здравствени проблеми на сите оние кои ја пиеја водата, како и сериозно ќе ѝ наштети на земјоделската индустрија. Нападот беше брзо спречен.
WannaCry: 200 илјади компјутери, 150 држави, милионски штети...
Еден од најголемите хакерски напади за откуп на сите времиња се случи во 2017 година - WannaCry. Тој зафати над 200.000 компјутери во 150 земји. Софтверот ги шифрирал датотеките и барал од корисниците стотици долари откуп во замена за дешифрирање на фајловите. Од овој напад беа погодени болници, меѓу кои и многу кои се дел од Британскиот национален здравствен систем (НХС), банки и други компании. Шпедицијата Федекс соопшти дека изгубила стотици милиони долари како резултат на нападот.
Сумирајќи, откупниот софтвер имаше огромно влијание врз неколку индустрии со глобален трошок од околу 6 милијарди фунти за поправка.
Балканските земји на удар на хакерите изминатава година
Во Албанија во јули минатата година со кибер напад привремено беа затворени албанските јавни сервиси и веб-страниците на Владата, мета на хакерите беа и државните институции на Црна Гора, во Србија неколку дена беше хакиран катастарот, а хакери упаднаа и во страницата на Парламентот на БиХ. Сајбер напади имаше и во Косово.
Последниот случај со хакирање на системот на Фондот за здравство во Македонија придонесе неколку недели граѓаните да имаат проблем со купување лекови, не се исплаќаше породилно отсуство, лекарите не можеа да земат плати. Регионот е под постојан удар на хакерите.
Видете и ова: Долгодишна негрижа или хибридна војна- зошто крахираше системот на ФЗО
Македонија под хакерски напади 2022/23 година
- Покрај можеби најголемиот хакерски напад врз Македонија досега - поради кој речиси две недели беше нефункционален Фондот за здравство, една од критичните инфраструктури во земјата - во Македонија претходно беа хакирани и системот на Бирото за јавни набавки, чија интернет станица во позадина „копаше“ криптовалути.
- Сајбер напад имаше и врз електронскиот систем на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство по кој беше блокиран редовниот работен процес во институцијата.
- Напаѓачите успеаја да дешифрираат податоци од документи и за нив бараа откуп, а хакиран беше и системот на Министерството за образование и наука.
- Слично беше и со сајтот на Владата Vlada.mk каде хакерите ги искористиле безбедносните пропусти и прикачиле линкови за препродавање на облека, патики и чанти.
Албанија и сајбер нападите во 2022 година
Државните сервери во Албанија, минатото лето беа под опсада на сајбер напади. Според анализите на Мајкрософт при нападот имало истекување на чувствителни податоци кои беа преземени од државните сервери-испратени, примени и избришани мејлови на поединечни високи владини функционери, како и електронски комуникации на одделни амбасади.
Оневозможување на работата на веб страната е-Албанија- портал кој обезбедува голем број дигитални услуги како упис во училиште, поднесување барања за издавање лични документи, регистрација на сопственички права. и регистрација на деловни податоци.
Албанскиот премиер Еди Рама на почетокот на септември објави дека иранската влада стои зад сајбер нападот, по што двете земји ги прекинаа дипломатските односи.
Иранските дипломати ја напуштија амбасадата во Тирана на 8 септември, а претходно запалија документи и документација во просториите на амбасадата.
Србија на удар
Српскиот катастар беше под сајбер напад во јуни минатата година. Со оглед на тоа што траеше неколку денови, оневозможени беа купопродажните трансакции, суспендирани беше издавањето одобренија за градба, а немаше можност ниту за добивање имотни листови или давање хипотекарни кредити. И работата на нотарите беше во застој.
Можат ли да се откријат хакерите?
За хакерските напади, мала е шансата да се откријат сторителите. Овие кривични дела се вршат брзо и на различни начини, од други земји каде што сторителот е анонимен и е многу лесно да ги прикрие криминалните дејствија. Сајбер-криминалот е меѓународен криминал кој ги преминува државните граници и затоа е многу мал процентот кога сторителите биле откриени, бидејки хакерите не мора да бидат во истата држава каде што полицијата би требало да ги гони.
Што може да се направи?
Експертите предупредуваат дека секоја земја треба да има стратегиски план за превенција на овие сајбер напади, брз одговор и брзо справување со последиците и враќање на нормален тек на нападнатата критична инфраструктура. Затоа секоја држава треба да ги дефинира националните критични сектори и да направи безбедносен план за да ги заштити.
За справувањето со хакерски напади најважна е превенцијата, односно секоја институција да има соодветна заштита на своите електронски податоци, но и постојано да го обновува системот согласно развојот на технологијата.
На меѓународно ниво постигнат е напредок со усвојување на Конвенцијата за компјутерски криминал на Советот на Европа94, која исто така се нарекува Будимпештанска конвенција. До денес, Будимпештанската конвенција е единствениот обврзувачки меѓународен инструмент за сајбер криминал кој пропишува упатства за државите за развивање на сеопфатни национални законодавни рамки во борбата против сајбер криминалот и воспоставување на рамка за меѓународна соработка меѓу земјите потписнички.
Подготвила: Тамара Дичовска