Достапни линкови

Освен нуклеарната, кои се другите опции на Путин за ескалација со Западот


Цевки на гасоводот Северен тек 1 во Лубмин, Германија
Цевки на гасоводот Северен тек 1 во Лубмин, Германија

Американскиот претседател Џо Бајден предупреди дека рускиот претседател Владимир Путин „не се шегува“ кога упатува прикриени нуклеарни закани. Но, што освен нуклеарно оружје може да употреби тој против Западот? Тод Принс

По предупредувањето на претседателот Џо Бајден, сенаторот Марко Рубио, републикански член на разузнавачкиот одбор на американскиот Сенат, исто така изјави дека стравува оти Русија може да изврши конвенционален напад против членка на НАТО за да ја попречи воената помош на Алијансата за Украина.

Но, аналитичарите велат дека Путин можеби ќе користи други, средства за да се обиде да го заплаши Западот да ја намали неговата поддршка за Украина, како што е таргетирање на критичните енергетски гасоводи и кабли на море, како и сателити кои орбитираат околу Земјата.

Бајден: нуклеарната закана на Путин е најголем ризик по кубанската ракетна криза

„Сите овие методи на напад би биле пологични за Русија отколку директен воен напад врз објекти на НАТО или употреба на нуклеарно оружје“, вели Шон Монаган, аналитичар во Центарот за стратегиски и меѓународни студии со седиште во Вашингтон, кој претходно служел во британското Министерство за одбрана.

Како прво, според Монаган, рускиот напад насочен кон рутата за снабдување со оружје во земја на НАТО, како што е Полска, ќе предизвика одговор на 30-члената западна воена алијанса. „Војната со Украина не е егзистенцијална за Русија. Тоа е војна по избор. Војна со НАТО би била егзистенцијална“, вели тој.

„Саботажа“ на „Северен тек“

Во случајот со подводните гасоводи, постојат обвинувања дека Русија веќе извршила таков напад. Експлозиите што погодија два руски гасовода за извоз на природен гас во Германија кон крајот на минатиот месец беа знак за работите кои доаѓаат, наведува Монаган, нарекувајќи го „предвесник на побезобразни хибридни напади“.

Гасоводите Северен тек 1 и Северен тек 2, контролирани од Русија, претрпеа голема штета кон крајот на септември кога, според данските и шведските истражители, биле активирани неколку стотици килограми експлозив во она што Бајден и другите западни официјални лица го нарекоа саботажа.

Официјалните лица во голема мера избегнуваа директни обвинувања, но многумина на Запад велат дека веруваат оти Русија ги саботирала сопствените гасоводи за да ја одврати Европа да и помогне на Украина.

од истекувањето во гасоводот Северен тек 2 на површина поголема од 1 километар во близина на Борнхолм, Данска, на 27 септември.
од истекувањето во гасоводот Северен тек 2 на површина поголема од 1 километар во близина на Борнхолм, Данска, на 27 септември.

Русија со месеци го намалува извозот на природен гас во Европа, зголемувајќи ги цените на рекордно високи нивоа и предизвикува енергетската криза на континентот. Кремљ ги отфрли обвинувањата и ги обвини Соединетите држави, кои се спротивставија на гасоводите.

Експлозиите на гасоводот ја продлабочија загриженоста на Запад за руските напади врз европските подморски гасоводи и кабли. На 8 октомври, оштетувањето на каблите на копно предизвика повеќечасовен прекин на целиот железнички сообраќај во северна Германија.

ЕУ: истекувањето на гасоводот „Северен тек“ е „намерен чин“

Државниот железнички оператор обвини за „саботажа“ и започна истрага за тоа кој стои зад мешањето. Монаган смета дека нападите врз таквата критична инфраструктура се негирани од Русија и „не го преминуваат прагот на воен одговор“.

Вилијам Кортни, поранешен дипломат од кариера кој учествуваше во американско-советските одбранбени разговори, исто така, вели дека Русија е поверојатно да ескалира со напади врз гасовод, интернет-кабли или сателити.

Подморските кабли со оптички влакна го носат најголемиот дел од интерконтиненталниот интернет сообраќај. (илустраcija)
Подморските кабли со оптички влакна го носат најголемиот дел од интерконтиненталниот интернет сообраќај. (илустраcija)

Покрај другите фактори, нападот против Полска можеби нема да биде успешен, вели тој, додавајќи дека земјата има големи вооружени сили и е во состојба на висока готовност.

„Наместо да ја погоди територијата на членка на НАТО, Русија може да погледне во цел што е понејасна во однос на тоа како НАТО би одговорил“, смета Кортни, кој сега е аналитичар во тинк-тенк корпорацијата RAND со седиште во Вашингтон.

Сајбер напад во Естонија

Русија во минатото изврши големи хибридни напади против членките на НАТО и други земји.

Во 2007 година Русија започна повеќенеделен, координиран сајбер напад против Естонија, таргетирајќи ги веб-страниците на владата на балтичката земја, банките, телекомуникациските компании, интернет-провајдерите и медиумите откако Талин го премести контроверзниот советски воен споменик што стоеше во центарот на градот.

Во екот на нападот, привремено беа замрзнати банкарските картички и мобилните телефонски мрежи. Русија е осомничена и во други инциденти. Во 2021 година, подводните кабли кај норвешкиот брег беа отсечени и отстранети.

Сензорите прикачени на каблите имаа можност да соберат информации за руски подморници, што доведе некои да веруваат дека можеби Москва стои зад инцидентот.

Потоа, на 7 јануари оваа година, беше исфрлен еден од двата подморски оптички кабли кои обезбедуваат интернет и комуникациски врски помеѓу копното Норвешка и архипелагот Свалбард во Арктичкиот океан.

Исто така во јануари, адмиралот сер Тони Радакин, началникот на британскиот одбранбен штаб, изрази загриженост за „феноменалното зголемување на подводната активност на руските подморници“ во последните две децении.

Во интервју за лондонскиот Тајмс, тој рече дека Русија има поморска способност да ги стави на ризик и „потенцијално да ги искористи“ подморските кабли.

Припадници на руската морнарица присуствуваа на пуштањето на нуклеарната подморница 885M Јасен-М К-571 Краснојарск во бродоградилиштето Севмаш во Северодвинск во јули 2021 година.
Припадници на руската морнарица присуствуваа на пуштањето на нуклеарната подморница 885M Јасен-М К-571 Краснојарск во бродоградилиштето Севмаш во Северодвинск во јули 2021 година.

Монаган вели дека иако подморските комуникациски мрежи се отпорни, сепак постои голема количина на сообраќај на податоци што поминува низ мал број кабли под Балтичкото Море, Северното Море и Атлантскиот Океан.

Црногорската влада цел на голем хакерски напад

„Западните економии се потпираат врз оваа размена на податоци бидејќи имаме претежно економии кои се дигитално поврзани, а Русија го знае тоа. Значи, јас навистина ги гледам експлозиите на гасоводот како еден вид имплицитно предупредување околу напредните подморски капацитети, на кои НАТО треба да одговори“, вели тој, наведувајќи:

„Додека Русија претрпе големи неуспеси на бојното поле во Украина, таа има „исклучително моќни поморски, вселенски и сајбер-просторни сили кои се способни да нанесат штета таму каде што боли“, рече Монаган.

Сателитски цели

Потенцијалните цели на Русија не се само под морето. Во ноември минатата година, Русија го изврши својот прв тест на антисателитска ракета со директно искачување (ASAT), уништувајќи цел од советската ера во ниската орбита на Земјата и предизвикувајќи загриженост во странство за нејзините вселенски способности. Оружјето било истрелано од површината на Земјата додека сателитот поминувал во орбитата.

Константин Воронцов, шеф на руската делегација во Канцеларијата за разоружување на Обединетите нации, изјави дека употребата на комерцијални и цивилни сателитски средства од страна на Соединетите држави и нивните сојузници за помош на Украина „претставува индиректно учество во воени конфликти“ и ,како што рече, „може да стане легитимна цел за одмазда“.

Украинските сили во голема мера се потпираат врз сателитски пристап до интернет за да вршат операции против руските сили. SpaceX на Илон Маск испрати повеќе од 15.000 Starlink терминали во Украина за да ја зајакне интернет покриеноста и поврзувањето по рускиот сајбер напад врз нејзината критична инфраструктура.

Planet Labs и Maxar Technologies, комерцијални сателитски снимки, исто така обезбедија клучна интелигенција со споделување на слики со висока резолуција од бојното поле одозгора.

Кортни вели дека НАТО веројатно сега презема поголем надзор на ранливата инфраструктура, но додаде дека не може да шпекулира како НАТО ќе одговори на такви напади.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG