Доживотна пензија, право на канцеларија и на тројца вработени законски добиваат поранешните македонски претседатели. Пензијата висока колку што им била и платата, односно околу 1.200 евра, ја добиваат без разлика на колку години го завршуваат мандатот, а Законот за правата на претседателот на Република Македонија и неговото семејство по престанување на функцијата, не ги обврзува ниту да бараат поевтини понуди, или, пак, да користат објекти во државна сопственост.
Претседателката на Државната комисија за спречување корупција Билјана Ивановска на прашањето на Радио Слободна Европа врз основа на што побараа поранешните претседатели да ги раскинат договорите за канцеларии и да им се доделат простории во сопственост на државата, вели дека има неколку причини.
Според неа, ако веќе се избира варијантата да се земаат канцеларии под наем, тогаш постапката би требало да биде транспаретна и да се направело договор со најповолниот понудувач. Ивановска најавува и дека комисијата ќе достави иницијатива до Уставниот суд за законот со кој се регулираат претседателските привилегии по престанокот на мандатот, особено оти со него се нарушувала и еднаквоста на граѓаните.
„Ќе бараме уставниот суд да се произнесе и да ја оцени уставноста на законот, затоа што категоријата претседател на државата е уставна категорија и таа се регулира со Уставот и донесувањето на обичен закон само го намалува значењето на таа уставна категорија“, вели Ивановска.
Уставниот суд, пак, досега има отфрлено иницијативи за оценување на уставноста на законот, па така на пример, по претставка поднесена во 2005 година оцениле дека со него не се нарушува принципот на еднаквост на граѓаните. Ивановска најавува и дека до парламентот ќе испратат иницијатива за временско ограничување на привилегиите, односно тие да не бидат доживотни.
Видете и ова: Македонските претседатели најпривилегирани во регионот
Намалување на ингеренциите
Она што е извесно, пак, е дека деновиве до Собранието ќе биде доставен предлог за изменување на законот со кој би се намалиле пензионерските претседателски привилегии. Павле Трајанов, пратеник од Демократскиот сојуз таков предлог доставил и во 2009 година, но тогаш вели дека не го поддржале пратениците и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ за да ги штитат „правата на нивните кандидати“.
„Ние за десетина дена ќе го доставиме предлогот за измени на законот до парламентот, треба уште некои технички работи да се направат“, вели Трајанов.
Со предлогот на пратеникот од пред десет години се намалува времето до кое поранешниот претседател може да зема државна плата, ако работел во државна институција се предвидува тој да се врати на работното место или на друго соодветно на неговата стручна спрема, се намалува бројот на вработени во канцеларијата итн.
Од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ побараа време за консултации на прашањето дали сега тие би предложиле или пак би поддржале иницијатива за намалување на привилегиите на пензионираните претседатели.
Црвенковски и Иванов- милион евра од државниот буџет
Во Македонија досега има двајца поранешни претседатели кои се на државен буџет. Бранко Црвенковски нешто повеќе од десет години добива претседателска пензија, има канцеларии во близина на седиштето на СДСМ и вработени.
Ѓорге Иванов, пак, е во пензија од мај годинава. Неговите канцеларии се во скопската населба Лисиче, во зградите на Џевахир Холдинг.
„Нема транспарентен начин за избор на тој стан. Затоа СОЗР треба да го раскине договорот и да им обезбеди канцелариски простор согласно закон и нека биде во сопственост на државата затоа што вака за Иванов се плаќаат 1.950 евра месечно, а за Црвенковски некаде околу 2.500 евра месечно“, смета Ивановска.
Од комисијата тврдат и дека досега државата потрошила 1,1 милион евра за кирија, сметки и плати на членовите на кабинетот на двајцата поранешни претседатели.
Во другите земји од регионот колегите на Црвенковски и Иванов имаат помали привилегии. Во Србија, претседателот по престанокот на мандатот има право на плата во износ колку што му била и додека бил претседател се додека не се вработи или не ги исполни условите за пензија, но како што се наведува во тамошниот закон најмногу шест месеци од денот кога му престанал мандатот. Право на канцеларија и на вработени имаат најмногу колку што години ја извршувал функцијата претседател.
И во Хрватска треба да се врати на работното место кое што го вршел пред да стане шеф на државата, а ако не успее може да оди во старосна пензија чија висина ќе се пресметува како за кој било друг граѓанин. Во Косово по завршувањето на мандатот претседателите добиваат 70 отсто од платата што ја земале доживотно, имаат можност да вработат тројца луѓе во својата канцеларија, но и таму е ограничено на пет години.