Достапни линкови

Сега е на земјите на ЕУ да ги поддржат преговорите со Северна Македонија


Жбогар: Од Брисел добивме добра вест!
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:00 0:00

Жбогар: Од Брисел добивме добра вест!

Од Брисел денеска добивме многу добра вест и затоа ви честитам за напорите, посветеноста и жртвите што ги направивте, рече евроамбасадорот Самуел Жбогар, откако Европската комисија денеска препорача почеток на преговорите со Северна Македонија

Евроамбасадорот во земјава Самуел Жбогар ја поздрави одлуката на Европската Комисија да и препорача на Северна Македонија почеток на преговори за членство во Унијата. Тој им честиташе на граѓаните за напорите, посветеноста и жртвите кои биле направени во изминатиот период за исполнување на обврските од заклучоците на Советот на министри минатиот јуни. Евроамбасадорот ги наброи областите во кои земјава направила напредок и апелираше да продолжат реформите во областите владеење на правото, судскиот систем, борбата против организираниот криминал и јавната администрација.

„Во однос на правосудството, добар напредок беше постигнат во однос на адресирање на итните реформски приоритети и препораките на Венецијанската комисија. Земјата покажа посветеност во подобрување на судскиот систем и спроведување на новата законска рамка е основа за континуираниот напредок. Освен правните промени сите судски институции треба да демонстрираат дополнителен напор за зголемување на довербата во судството. Напорите на судскиот совет за заштита на независноста на судиите е ограничена, демонстрирана е соодветна ограниченост во однос на спречување на внатрешни и надворешни притисоци, но требаат дополнителни напори за намалување на ризиците од политичко мешање“, рече Жбогар нагласувајќи ја потребата од континуирана работа на СЈО и нивната улога во борбата против организираниот криминал.

Жбогар посочи дека земјава треба да продолжи да го подобрува своето досие во однос на истрага и гонење на случаи на висока корупција, а во таа насока ја пофали улогата на ДКСК во борбата против организираниот криминал и корупција.

„Препораките на комисијата од 2018 година во однос на вработување на заслуги и отворена конкурентност остануваат валидни, особено во однос на назначување на високи функционери или раководители, почитување на принципот на транспарентност и вработувања врз основа на заслуги останува клучна. Имаме наводи за непотизам и политички назначувања“, потенцираше Жбогар.

Тој додаде дека е забележана политичката желба да се постигне напредок и од страна на владата и од опозицијата, културата на компромис во политичкиот пејсаж и улогата на парламентот како форум за конструктивен дијалог била подобрена, а додаде дека е нотирана конструктивната улога на граѓанскиот сектор во донесувањето на значајни општествени одлуки.

Во однос на медиумите евроамбасадорот истакна дека климата е подобрена но дека државата треба да вложи трајни напори за подобрување на независноста и професионалноста и финаниската стабилност на јавниот радиодифузер. Жбогар заклучи дека меѓуетничката состојба е добра а го истакна и напредокот во делот на почитување на основните човекови права. Сепак била забележана стагнација во делот на економијата, особено кај инвестициите и недостигот на соодветните вештини на пазарот на трудот.

Претходно, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, кој пред Комитетот за надворешна политика на ЕП кој ќе расправа по ова прашање, го претстави пакетот за проширување на ЕУ и препорача отворање на преговори со Северна Македонија и Албанија.

Еврокомесарот Хан повтори дека Европската Унија останува партнер на земјите од Западен Балкан и ги пофали реформите кои двете земји ги постигнале во изминатата година.

„Северна Македонија не само што продолжи со својата амбициозна реформска агенда, туку и го постигна историскиот договор со Грција, решавајќи го долгогодишниот спор за името. Ова заедно со билатералниот договор со Бугарија е пример за зајакнување на добрососедските односи во целиот регион. Ова е светол пример за другите земји и сведочи за привлечната моќ на европската перспектива. Двете земји испорачаа резултати во реформите кои беа едногласно усвоени на Советот во јуни 2018 година. Врз основа на тоа Комисијата препорачува Советот да ги отвори преговорите со Албанија и Северна Македонија, сега“, рече Хан во своето обраќање.

Хан предложи почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:43 0:00

Хан додаде дека со цел да се задржи довербата во Унијата и земјите членки, и тие треба да се држат до своите обврски и да одговорат јасно и позитивно, тогаш кога земјите ќе ги исполнат своите обврски.

На прес конференција во Брисел, и шефицата за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини нагласи дека Северна Македонија и Албанија се подготвени за отпочнување на преговорите за членство со ЕУ и оти сега топката е кај земјите членки.

„Тие го сработија своето и сега ЕУ треба да го исполни својот дел. Дискусиите сега се во земјите- членки, дали тие се подготвени за отпочнување на преговорите… Тоа е комплициран процес“, рече Могерини.

Според процедурата натаму, министрите за надворешни работи на земјите - членки на ЕУ, ќе треба да расправаат за отворањето на преговори со Северна Македонија и Албанија, веднаш по објавувањето на пакетот.

Според дипломатски извори, нема согласност од сите земји- членки на ЕУ за отворање на преговорите, бидејќи во некои од нив се потребни процедури на национално ниво, а временската рамка не го дозволува тоа. Кај други земји членки пак нема расположение за давање на зелено светло. За отпочнување на преговорите е неопходна едногласна одлука од сите земји- членки. Ставовите се усогласуваат на ниво на министри, а конечниот политички печат мора да го дадат шефовите на држави и влади.

Ова е десетта препорака за Северна Македонија, а втора за Албанија. Минатата година Европската Унија даде условна препорака за почеток на пристапни преговори доколку земјата ги изврши реформите, односно ги задоволи критериумите што важат во ЕУ.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG