Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков и дел од обвинетите во предметите на СЈО се обидуваат да се спасат од правно гонење со одлуката на Врховниот суд со која се ограничува рокот на дејствување на ова обвинителство. Во меѓувреме привршува и судскиот процес за насилството во Собранието од 27 април каде што од 33 обвинети им се суди на 18, затоа што останатите меѓу кои и пратениците што ги отворија вратите од Собранието се опфатени со Законот за амнестија. За организаторите и по година ипол од насилството се уште не е завршена предистражната постапка.
Ваквата ситуација доведува до дополнително намалување на довербата на граѓаните во судството и во правдата, велат анкетираните граѓани и експертите од оваа област.
Видете и ова: За функционери, правдата не важиДиректорката на Академијата за јавни обвинители и судии и поранешна уставна судијка Наташа Габер - Дамјановска во интервју за Радио Слободна Европа кое во целост ќе биде објавено в недела, вели дека актуелната состојба е комбинација на општи државни приоритети и јавен интерес кој некако, како што вели, го надвјасува оној кој што се однесува на владеењето на правото во оваа смисла.
„Се надевам дека ова нема да трае долго, затоа што следната задача што ни престои нам како општество е примена на правните норми спрема секого подеднакво, што значи во случај да постои докажано остварување на кривично дело треба да постои соодветна одговорност и треба така во иднина да се применува. Имаме одредени исклучоци, имаме одредени дисторзии со тоа што вие го кажавте. Со оглед на приоритетите кои што претходеа мислам дека ќе треба да живееме со тоа, но отсега натаму веќе ценењето на тоа како ние ги остваруваме нашите општествен ред и приоритет треба да биде на поинаква нога поставено и јас мислам дека така ќе почне да се оценува и мери,“ вели Габер - Дамјановска.
Граѓаните кои ги анкетиравме велат дека се чувствуваат излажани од сите влади досега и дека ја изгубиле и онака кревката доверба што ја имале во судскиот систем.
„Те овој ќе го носиме на суд, те оној ќе лежи затвор, сите ги извадија од затвор, а кој обичен човек е изваден од суд? Јас ќе ви кажам ниту еден.“
„Сè е нешто против непознат сторител, сè е недовршено, многу треба време да се открие па сè се одлага.“
„Сè е резултат на алчност, нема исаф, со милиони евра да се краде, нема правда во оваа држава“, велат анкетираните граѓани.
Поранешниот претседател на Врховниот суд Дане Илиев вели дека правните случувања од изминатиов месец ја уништуваат довербата на граѓаните во судскиот систем и ќе остави големи последици.
„Тоа ќе има последици во смисла што нема да се извршат потребните реформи, нема да се извршат потребните замени на кадри кои доведоа до ова, а тоа ќе влијае на нашата позиција на преговорите со ЕУ. Сето тоа е негативно за Република Македонија а поготово за граѓаните кои ќе живеат во една правна небезбедна држава односно средина“, вели Илиев.
Последното истражување на јавното мислење на МЦМС покажува дека 61 процент од испитаниците немаат доверба во Обвинителството и во судскиот систем наспроти 33 отсто од испитаниците кои одговориле дека се уште им веруваат на овие институции. Анкетата покажа и намалување на довербата на граѓаните во Специјалното обвинителство за речиси 20 проценти во однос на довербата која ја стекнаа од граѓаните при нивното формирање.