Достапни линкови

Врховниот суд го ограничи СЈО, кој ја направил пензиската дупка?


Специјалната обвинителка Катица Јанева
Специјалната обвинителка Катица Јанева

Врховниот суд одлучи дека СЈО не може да поднесува обвиненија по истекот на рокот на 18 месеци, со што многумина политичари ќе се спасат од истраги и обвиненија. Весниците пишуваат и за аферата во пензискиот фонд.

Како нова „бомба“ одекнува веста во медиумите: „Врховен суд одлучи: СЈО не може да поднесува обвиненија по истекот на рокот од 18 месеци“ – наслови Нова Македонија. Истата вест ја објави и Слободен печат, а Вечер излезе со наслов: „Врховен ги спасува Ахмети, Османи, Камчев, Ставрески, Милошоски, Бонева...“, а дека и бегалецот Груевски е меѓу нив пишува подолу во текстот на електронското издание на весникот, па ја објавува и реакцијата на државниот обвинител Љубомир Јовески: „Нема да се мешам во работата на СЈО, доколку специјалната обвинителка иницира средба ќе разговараме и ќе ги разгледаме сите прашања во врска со предметите. Врховниот суд излегол од своите надлежности, додал државниот обвинител во изјавата за медиумите.

Независен го обработува скандалот со Пензискиот фонд со неуплатените придонеси на 12 илјади осигуреници: „Обвинителството ќе утврдува кој давал, а кој земал од ПИОМ“, а Нова Македонија пишува: „Пари има, нема виновник за дупката во вториот пензиски столб“ и прашува дали целата афера ќе се забошоти и зошто толку време се криела кражбата од идните пензионери.

Нова Македонија ја пренесува изјавата на Владиниот портпарол: „Владата ќе чека да заврши истрагата за вакцините, потоа ќе одлучи дали ќе бара одговорност од министерот Филипче доколку се утврдат неправилности со МРП вакцината“.

Сите портали на печатените медиуми ја објавија веста дека „Вработен на клиниката за стоматологија е заразен со опасната бактерија МРСА“, пренесувајќи ги уверувањата од Клиниката дека немало место за паника и дека сите вработени ќе бидат подложени на санитарен преглед. Бактеријата е исклучително отпорна на антибиотици и се пренесува со директен контакт со заболено лице или заразен материјал и предизвикува опасни крвни и белодробни инфекции, се дознава од информациите на електронските изданија на пишаните медиуми.

„ДУИ одлучи да има свој кандидат за претседателските избори, Шекеринска, Спасовски и Димитров без потврда дали ќе се кандидираат за претседател на Македонија“, објавија Нова Македонија и Вечер. Независен и Слободен печат ја прошируваат информацијата додавајќи го делот од изјавата на портпаролот на ДУИ, Бујар Османи по седницата на Претседателството на партијата: „Оставена е можност, доколку се создадат услови за соработка со други политички партии од албанскиот кампус или со партиите на другите етнички заедници за разговори според концептот консензуален кандидат“.

Некои електронски изданија на печатените медиуми ја објавуваат веста на европскиот портал Еуроактив: „Северна Македонија може уште на самитот во јули да стане членка на НАТО“. Порталот објавил дека Грција прва ќе го ратификувала Протоколот за НАТО на 8 февруари, но тоа не било официјално потврдено во Атина. Независен информира за пишувањето на агенцијата Ројтерс: „Инвеститорите се нафрлија на македонските обврзници откако Договорот од Преспа помина во грчкиот Парламент, што го отвори патот за влез на земјата во НАТО и во ЕУ“. Агенцијата додава дека македонската обврзница во понеделникот достигнала највисока вредност во последнава година и имала раст од 3,5 проценти.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG