Достапни линкови

Два затворски и еден куќен притвор за поранешните министри за земјоделие


Обвинителката Вилма Рускоска која ја води истрагата
Обвинителката Вилма Рускоска која ја води истрагата

Судот денеска одобри мерка притвор за осомничените поранешни министри и заменици за земјоделие. Осомничени се поранешните функционери Ацо Спасеновски, Михаил Цветков, Љупчо Димовски и Кристијан Делев за злоупотреба за службена должност.

Бесплатно делеле земјоделско земјиште и со тоа го оштетиле буџетот за речиси еден и пол милион евра. Ацо Спасеновски, Михаил Цветков, Љупчо Димовски, како поранешни министри, и Кристијан Делев, како поранешен заменик министер, се осомничени за злоупотреба на службена должност.

Откако неколку часа денеска беа на распит во Основниот суд Скопје 1, Судот на Михаил Цветков и на Кристијан Делев им одреди притвор од 30 дена, а поради здравствени причини, на Ацо Спасеновски му одриди домашен притвор. Поранешниот министер, а сегашен пратеник Љупчо Димовски се повикал на пратенички имунитет и ќе биде дополнително повикан да се прозинесе во Судот, откако ќе се создадат услови за тоа.

Обвинителката Вилма Рускоска по распитот изјави дека од Судот побарале мерка притвор за тројца од осомничените.

„За еден од осомничените, поради здравствени причини, затоа што ни донесоа медицинска документација го преиначив предлогот од притвор во куќен притвор“, изјави Рускоска.

По распитот дома си замина актуелниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Димовски кој во Судот беше спроведен со полиција. Според извори од Судот тој има право да не се произнесе по предметот затоа што може да се повика на пратеничкиот имунитет. Потребно е прво да се испочитува процедурата за одземање на имунитет на пратеникот Димовски, за тој да може повторно да се јави на сослушување кај судија од претходна постапка, по што ќе се одлучува дали ќе му биде одредена мерка притвор како што бара Обвинителството.

Над 500 штетни договори

Основното јавно обвинителство бараше притвор за четворицата бивши функционери затоа што нивната истрага покажала дека со над 500 потпишани договори за закуп на земјоделско земјиште, при што закупувачите да не плаќаат надоместок за закуп, а одговорните кои ги потпишувале договорите не ги раскинале.

„ Станува збор за досега утврдени 584 договори за закуп на земјоделско земјиште на разни локации низ државата. На овој начин била предизвикана штета на Буџетот на Република Македонија во износ од 88.467.607 денари“ се вели во писменото соопштение на Основното јавно обвинителство.

Ацо Спасеновски беше министер за земјоделие во период од 2006 до 2009 година, по што во 2010 година замина на амбасадорка позиција во Украина. Неговиот наследник Димовски беше министер во период од 2009 до 2014 година. По него на таа позиција застана Цветков и неговиот мандат траеше до 2016 година. Тројцата поранешни министри се од редовите на „ Социјалистичка партија“ додека поранешниот заменик министер Христијан Делев е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Димовски претходно беше обвинет и во предметот на обвинителството за насилството во Собранието на 27 април 2016 година. Тој минатиот месец стана еден од четворицата пратеници кои за овој предмет побара и доби амнестија.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG