Владата денеска одлучи дека од први септември за влез и излез од државата на граничните премини ќе се бара сертификат за вакцинација со примени најмалку две дози или сертификат за прележан Ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, како и негативен тест направен 72 часа пред влез во земјата. За македонските граѓани, според владиното соопштение, кои ќе се враќаат во земјата после први септември, а немаат ПЦР тест, или потврди за примена вакцина или за прележан Ковид-19, ќе се одреди мерка карантин од 7 (седум) дена домашна изолација со решение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Претходно туристичките агенции пак, се заканија дека ако се усвои предлогот за задолжително ПЦР тестирање ќе излезат на протест.
На дневен ред на владината седница беше и прашањето дали оваа училишна година ќе стартува со физичко присуство. Во учебната година 2021/2022 на 1 септември сите ученици од прво до деветто во основно и учениците во средните училишта ќе се вратат во училишните клупи, реши Владата. Предлогот на Главниот координативен кризен штаб дојде по разгледувањето на актуелната епидемиолошка состојба во државата. На нивниот состанок било заклучено дека се создадени услови новата школска година да започне со физичко присуство на учениците со одделни исклучоци. Исклучоци од оваа одлука може да се однесуваат на деца со ретки болести или попречености, деца кои доаѓаат од семејства со хронично болни семејства, по барање на родителите, како и други немедицински причини со дозвола на училиштето.
Видете и ова: Ковид мерки- После свадба тапаниВо меѓувреме, бројките на заразени не стивнуваат. Според последниот биланс, регистрирани се 999 нови КОВИД случаи и 14 починати лица.
На владината седница беа изменити и мерките кои вчера стапија во сила. Со нив не може да се добие услуга доколку гостите не поседуваат сертификат за примена вакцина против ковид-19 или потврда за прележан ковид во изминатиот месец и пол. Измените се однесуваат на капацитетот на локалите, односно за влез во угостителски објекти, кафулиња и барови, без разлика на капацитетот и бројот на присутни лица, како и за настан од секаков вид што значи прослава, веселба, свадба, роденден, крштевка, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културен или спортски настан, обложувалници, казинаќе биде задолжителна вакцинација или сертификат за прележан ковид во последните 45 дена.
Затворените делови од угостителските објекти од денеска не се во функција. И покрај новите измени на мерките, во сила останува забраната за организација на свадби, веселби и прослави во објекти од затворен тип, додека друг тип на настани на затворено и натаму може да се организираат со исполнетост до 30 отсто од капацитетот на местото каде што се одржува настанот и ограничен број на посетители до максимум 1.000 посетители со задолжително поседување, приложување и проверка на еден од задолжителните Ковид-19 документи.
Утрово кафулињата кои ги посетивме во центарот на главниот град беа празни. На улица Македонија можеа само да се забележат неколку угостители кои нервозно чекаат некој да седне на маса и да порача кафе.
Вработените во кафулињата велат дека по првиот ден од новите мерки работата им се преполовила, а гостите кои немаат сертификат за примена вакцина се лутат.
„Па вообичаено ако двајца седнат на кафе, едниот има сертификат, а другиот нема и тогаш воопшто не го ни покажуваат сертификатот, затоа што поради другиот не можат ни тие да седнат, разочарани се премногу, им се гледа по изразот на лицето, и за жал мораме да им кажеме дека не може да седнат и си одат разочарано,“ вели вработена во кафуле на улица Македонија.
Таа објаснува дека бројот на гости за само еден ден е преполовен, затоа што до сега ретко кој од нив се вакцинирани против ковид-19.
Имунологот доктор Никола Пановски, пак, вели дека сега е доцна за мерки.
„Мерките требаше да се носат кога немаше случаи да се спречи да навлезе Делта сојот и ако навлезе да се спречи да се шири, бидејќи не се спречуваше да навлезе, границите беа отворени ширум и бидејќи беше овозможено кај да се шири - свадби во затворени простор со многу луѓе, значи сите услови нашата држава, а граѓаните тоа го прифатија широкоградо, овозможија да се шири вирусот“, вели Пановски.
Тој на социјалните мрежи упати апел до граѓаните кои немаат примено втора доза на вакцина, а не прележале ковид -19 да не влегуваат во кафулиња и ресторани.
„Ве молам да не влегувате во објектите во кои власта ви дозволува да влегувате. Вие се уште немате имунитет, не сте заштитени, под голем ризик сте таму да се заразите и потоа да ја ширите заразата. Потврдата не ве штити од зараза, нека не ви дава лажна сигурност. Откога ќе ја примите втората доза и ќе поминат две недели, тогаш може да претпоставиме дека сте заштитени“ напиша тој на својот фејсбук профил.
ВМРО-ДПМНЕ ги нарече ваквите мерки дискриминаторски, а Независната угостителска комора јавно побара од Владата целосно и безусловно да ја укине одлуката за забранет влез на невакцинирани во угостителските објекти, посочувајќи дека е условена и неспроведлива и дека е неприфатлива и за многу граѓани.
Видете и ова: Кафулињата се знае како ќе работат, а училиштата неСпоред владината одлука, секаде каде што има повеќе од 30 присутни лица задолжително треба да има редарска служба, а кај помалите објекти проверката на гостите ја прават вработените на смена. Угостителските објекти мора да имаат редарска служба која ќе врши контрола, а се најавуваат и засилени инспекциски контроли.
Угостителите се жалат дека може да бидат жртви на злоупотреби од гостите, односно гостите да покажат туѓ сертификат за примени вакцини.
„Може да се случи лице кое не е вакцинирано да земе сертификат од тоа што е вакцинирано и да покаже на редарот, редарот да го прими, но не смее да му побара лична карта, може да има злоупотреба од тој аспект ако дојде полиција и да провери и да идентификува па да утврди дека не е тоа лице кое што тврди дека е“ велат угостителите.
Според надлежните, мерките се носат за да се заштити јавното здравје и за да нема потреба од повторно воведување локдаун и целосно затворање на одредени дејности.
Комисијата и оваа недела ќе ја следи ситуацијата, а се размислува да се ограничи работното време на локалите и да се редуцираат местата во јавниот превоз. Според Филипче, здравствените институции се соочуваат со силен бран на коронавирус. Во однос на вакцинацијата во земјава, вакцинирано е 35 отсто од населението и околу 4.000 деца на возраст до 18 години. Тој најави и дека Националниот комитет за имунизација ќе препорача трета доза вакцина за пациенти со хронични заболувања кои влијаат врз нивниот имунитет.