За една недела треба да стартуваат новите анти-ковид мерки. Бројот на активни случаи во Македонија сега е околу 2000. До пред една недела на 2 август имало околу 600 активни случаи, а неделата претходно на 26 јули имало 300 активни случаи. Пред три недели имаше по дваесетина новозаразени дневно, следната недела по педесетина дневно, а потоа бројот на заразени почна рапидно да расте и сега има по речиси 400 нови случаи дневно.
Здравствените власти велат дека епидемиолошките анкети покажале дека повеќето од новозаразените се од свадби и веселби, па затоа од 16 август целосно се забранува работа и организација на секаков вид настани на затворено во сите угостителски објекти (и во кафетерии), вклучително и прослави во угостителски објекти регистрирани за прослави или друг тип објекти од затворен тип.
Од 16 август се воведува задолжителна потврда за извршена имунизација, најмалку прва доза, со задолжителна редарска служба при влез во секаков вид објект, вклучително и во угостителски објекти, каде има повеќе од 30 присутни лица, за било каков настан (прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани). Потврдата за вакцинација важи само за полнолетните граѓани.
Неделава институциите ќе се координираат како ќе се контролираат протоколите.
„Ние не сме единствена земја која ќе воведе мерки. Многу порестриктивни мерки веќе се применуваат во земјите од регионот, Европа и светот. Во обид да се зачува јавното здравје и да се стави под контрола рапидното зголемување на бројот на заразени, што претставува ризик од преоптоварување на здравствените системи, сè повеќе земји воведуваат задолжително приложување на вакцинален сертификат за своите граѓани, за непречено користење на јавните места и услуги“, информираат од Министерството.
Од таму ги набројуваат Данска, Австрија, Унгарија, Грција, Италија, Франција и Соединетите Американски Држави како земји во кои веќе се воведени сертификатите за вакцинација како услов за посета на јавни места.
Според здравствените власти мерките, не се задоцнети, туку се навремени.
Епидемиологот доктор Драган Даниловски во својот став објавен на doktori.mk, коментирајќи ги новите мерки се осврнува на мерката за приложување доказ за примена најмалку една доза вакцина при влез во објекти. Даниловски пишува дека оваа мерка нема никаква епидемиолошка смисла.
„Зошто? Затоа што сега имаме работа со делта сојот, кој во одредена мера го заобиколува имунитетот стекнат природно или со вакцина. Оттаму, подеднакво опасни ширачи на вирусот се и невакцинираните и вакцинираните со една доза“, пишува доктор Даниловски во својот став.
Доколку пак, замислата е да се направи притисок и што повеќе луѓе да се вакцинираат, пишува докторот, тогаш нема смисла, оти сега и да се вакцинираат поголем број, полната заштита со Синовак ќе ја добијат после 9 недели (3 недели меѓу двете дози, плус 6 недели после втората доза – додека почнат антитела да се формираат).
Кога се работи за Делта сојот не може да се смета само на вакцинација вели доктор Даниловски и препорачува да се бара негативен антигенски (рапид) тест или потврда со број на антитела и за вакцинирани и невакцинирани и прележани!
Имунологот доктор Никола Пановски, пак, вели дека сега е доцна за мерки.
„Мерките требаше да се носат кога немаше случаи да се спречи да навлезе Делта сојот и ако навлезе да се спречи да се шири, бидејќи не се спречуваше да навлезе, границите беа отворени ширум и бидејќи беше овозможено кај да се шири - свадби во затворени простор со многу луѓе, значи сите услови нашата држава, а граѓаните тоа го прифатија широкоградо, овозможија да се шири вирусот“, вели Пановски.
Доктор Пановски потсетува дека уште пред месец и половина укажал што треба да се прави, и тоа, како што вели, за ситни пари и без последици за економијата. Тогаш тој посочуваше да има поголеми контроли на границите за патниците од странство, како карантин, негативен ПЦР тест или сертификат за вакцинација.
Од земји во соседството границите ги контролираат само земјите членки на ЕУ - Грција, Бугарија и Хрватска, кои бараат сертификат за вакцинација, негативен тест за ковид или доказ за прележаност на вирусот, за влез во земјата.
Во Тетово најалармантно
Министерството за здравство преку соопштение информира дека во земјава досега се детектирани 30-тина случаи со делта варијантата на ковид-19, која рапидно се шири насекаде во светот, во регионот, па, како што се наведува, многу е веројатно истото да се случи и кај нас.
Министерот за здравство Венко Филипче апелира на поголема вакцинација и вели дека има доволно вакцини. Досега во земјата целосно имунизирани се речиси пола милион луѓе. Филипче вели дека поради новиот бран е забележано зголемување на притисокот врз болниците во државата, но не насекаде исто. Најизразено е во Тетово каде се хоспитализирани 45 пациенти во изминатите денови.
Ситуацијата во Тетово и околината е навистина многу алармантна овие денови, вели матичниот лекар од Тетово, Лириден Диша.
„Има многу заразени поради учество на разни семејни забави и поради непочитување на нашите препораки. Клиничката болница Тетово е преполна со пациенти. Најзагрижувачки е фактот што имаме пациенти со две дози вакцинирани и изразиле тешки клинички симптоми. Затоа, апелирам до граѓаните да се вакцинираат, но во исто време да не се собираат во затворени простории каде што има голем број луѓе“, вели доктор Диша.
Од опозициската партија, ВМРО-ДПМНЕ, реагираа дека новите новите анти-ковид мерки се задоцнети и неефикасни. Каква влада, такви мерки против ковид, неефикасни и дискриминаторски, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
И други земји воведуваат мерки за спречување на ширењето на вирусот.
Во многу земји за секојдневни активности ви требаат ковид-пасоши
Граѓаните на Косово од 20 август ќе мора да имаат примено барем една доза вакцина против коронавирус за да може да одат во трговски центри, ноќни клубови и на семејни забави.
Во Франција, секојдневните активности, како што се одење на кафе или возење со воз, ќе им бидат дозволени само на оние кои покажуваат потврда дека се вакцинирани, дека го прележале Ковид-19 или имаат негативен ПЦР-тест за коронавирус.
Во САД, Њујорк е првиот град кој воведе ковид-пасоши. Таму не може да се влезе во ресторан, спортска сала и театар без потврда за вакцинација.