На помалку од три недели до почетокот на учебната година Министерството за образование и наука не дава прецизни детали како ќе се одвива наставата. Се уште во игра се трите сценарија кои ги објавија на крајот на јуни, а беа усвоени минатиот месец. И во последното соопштение на министерството повторно се наведуваат тие три можности- целосно отворање на училиштата и сите ученици да бидат во клупите, согласно сите усвоени протоколи, онлајн настава како претходната учебна година за учениците од четврто одделени нагоре и третото сценарио ротирање на учениците на една недела со физичко присуство во училиштата.
„Кое од трите сценарија ќе се применува ќе зависи од епидемиолошката состојба за што одлука ќе донесе Комисијата за заштита од заразни болести“, наведуваат од МОН.
На прашањето на Радио Слободна Европа дали покрај овие сценарија планираат и конкретни мерки ако се оди со физичко присуство, како на пример потврда за вакцинација на наставниот кадар и учениците над 12 години, сертификат за антитела или негативен тест, од Министерството велат „се зависи од одлуката на Комисијата за заштита од заразни болести“.
Извори од комисијата, пак, велат дека има разни идеи и се разгледуваат многу опции, но се уште нема одлука оти го следат бројот на новозаразени, но и на хоспитализации кој што бил многу важен.
СОНК- непријатно ќе биде ако наставниците се принудени да се вакцинираат
Претседателот на Синдикатот за Образование Наука и Култура Јаким Неделков вели дека досега никој од Комисијата за заштита од заразни болести не ги викнал да им објасни како планираат да се организира оваа учебна година. За нив додава тој, важно е да е заштитен наставниот кадар.
„Ние апелираме до надлежните благовремено да ја информираат и јавноста и членството за да знаеме и да се подготвуваме. Сепак, рестриктивни мерки во однос на притисок за вакцинирање или забрана и ограничено право на движење за невакцинирани не оди во добар правец...особено во образование ако се донесат такви мерки, каде што наставниците практично би биле принудени да се вакцинираат, а нема таква законска ниту уставно право да им се наложи, тогаш навистина би имале непријатни ситуации“, вели Неделков.
Инаку, епидемиолошката состојба во Македонија се влошува последниве две недели со троцифрен број новозаразени. Но, слично е и во соседна Грција, а таму надлежните излегоа со поконретен план за учебната година- таа почнува на 13 септември ќе биде со физичко присуство, наставниот кадар ќе мора да приложи сертификат за вакцинација, резултати за антитела од прележан ковид или пак, два негативни ПЦР теста неделно. Истото важи и за учениците над 12 години кои исто како и во Македонија може да се вакцинираат. Разликата меѓу наставниците и учениците е што првите мора да приложат ПЦР тест, а учениците тест кој може да се прави и во домашни услови.
Грција со конкретен план за школската година
Микробиологот, професорот Никола Пановски вели дека ова ако државата го плати, а како што нагласува нема да го стори тоа е добар план. Тој смета дека се доцни со планот за работата на училиштата, а дека стручните лица знаат како ќе се движи ширењето на вирусот.
„Мислам дека не се спремни за физичко присуство, требаше досега да се испитаат децата колку се заштитени кај нас, да се направеше барем една студија по случаен избор, но сега е доцна што било да се направии дека на крај ќе донесат ад-хок решенија“, вели Пановски.
Во меѓувреме, групите родители кои се за и против наставата со физичко присуство почнаа со свои кампањи на социјалните мрежи. Во едната која се залага за онлајн наставата родителите прашуваат како ќе се спроведат протоколите во училница од околу 30 м2 функционална површина во која има 30 до 34 ученици. Во другата група во која членовите сметаат дека наставата со физичко присуство мора да има родителите повикуваат да „не се ќути пред учебната година“.
„Ништо не се знае 15 дена пред школската година, сценарија ми вртат. Или и таму ќе бидеме бележани....вакцинирани и невакцинирани ???(за родители мислев)“ пишуваат во групата.
Минатата година наставата се одвиваше исклучиво онлајн за учениците над четврто одделение, а оние од прво до трето имаа опции и за настава со физичко присуство. Од кога почна вакцинацијата против ковид19, според податоците од Министерството за образование, се вакцинирале 60 отсто од наставниците.