Вишок во битолскиот буџет – Власта ништо не работи или се спрема за инвестициска офанзива?

Битола

Во битолскиот буџет за годинава има вишок од 300 милиони денари кои се префрлени во буџетот за догодина. Опозицијата обвинува дека тоа покажува дека власта ништо не работи, додека градоначалничката вели дека тие пари ќе се потрошат на големите инфраструктурни инвестиции наредната година.

Општина Битола за 2020 година го има најголемиот буџет во своето постоење. Тој изнесува над 2,1 милијарда денари, од кои 1,7 милијарди денари основни средства.

Видете и ова: Стадионот во Битола почна да се реконструира пред избори

Од опозицијата обвинуваат дека се јавува вишок на средства кои не се потрошиле во 2019–та за проекти во градот, па сега се префрлуваат за следната година.

„Имаме префрлен вишок од над 300 милиони денари кој е доказ само за една работа, во изминатите две години наместо тие пари да се вложуваат во инфраструктура и граѓаните да гледаат бенефит од тоа, денес гледаме дека тие средства не се трошат туку се акумулирани на сметката на Општината. Исто како што имавме префрлен вишок од 2018 во 2019 година бидејќи не се работеше ништо во 2018 година сега имаме префрлен вишок од 2019 во 2020 година зашто Општина Битола е парализирана заедно со јавните претпријатија“, рече Иванчо Тошевски, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

Градоначалничката Наташа Петровска вели дека вишокот не постои оти не работеле, туку го заштедиле за значајни прокети за престојната година, за кои веќе се потпишани договори.

„Наспроти обвинувањата дека не трошиме пари оти не сме знаеле да работиме, сакам јавно да кажам дека пренесениот вишок е детерминиран во голем дел со склучени договори. Тие пари што сега изгледаат дека некој ги штедел, практично ќе се стопат во многу краток временски период. Така, во годината што следува за капиталните расходи имаме над 8 милиони евра“, рече Петровска.

Видете и ова: Повеќе од година ипол се реконструира улица долга 450 метри

Дел од средствата ќе бидат искористени за доградба на северната трибина на стадионот „Под Тумбе кафе“, чија градба ја започна претходната власт пред одржувањето на парламентарните избори, но вложи многу малку средства и градбата беше закочена. Сега се исплатени голем дел од средствата и ништо не му се должи на изведувачот.

„Имаме 165 милиони денари кои ќе треба да се потрошат на Стадионот, улица Илинденска, Офицерски дом и гасификација. Само Стадионот ќе земе дел од тие средства во висина од 120 милиониденари. До локалните избори биле исплатени само 140 илјади евра или 2,5 проценти за Стадионот, наспроти сега кога се исплатени 1,4 милиони евра, инвестиција на оваа локална самоуправа. Буквално не должиме ни денар кон изведувачот“, рече Петровска.

За идната година од локалната власт најавија дека багерите ќе ја раскопаат Битола зашто ќе се реконструираат голем бврој на улици, меѓу кои и една од најдолгите сообраќајници „Илинденска“. За зафатите веќе се потпишани договори.