Достапни линкови

Европски пари за преминот Маркова Нога и развој на Преспанскиот Регион


Обезбедени се 4,5 милиони евра за отворање на преминот, а преку ЕУ фондовите до 2020 година предвидени се дури 45,5 милиони евра за прекугранична соработка на општини од двете страни на границата. Се најавува и друга парична помош за Преспанскиот крај од Европа.

Ќе се вложи поголема сума на пари за отворање на граничниот премин Маркова Нога-Герман на македонско-грчката граница, како и за развој на Преспанскиот Регион каде беше потпишан договорот помеѓу двете соседни држави.

Обезбедени се 4,5 милиони евра за отворање на преминот, а преку ЕУ фондовите до 2020 година предвидени се дури 45,5 милиони евра за прекугранична соработка на општини од двете страни на границата. И покрај ова се најавува и друга парична помош за Преспанскиот крај од Европа.

„Преминот е во изградба, обезбедени се 4,5 милиони евра за отворање. Ќе ја подобри комуникацијата меѓу двете страни. ЕУ ќе го обезбеди и остатокот од средствата, точниот износ сѐ уште не се знае, може ќе биде и повеќе од 10 милиони евра, кои ќе се инвестираат исклучиво во Преспанскиот регион во инфраструктури и други проекти кои ние ќе ги предложиме за подобрување на животот во овие региони“, вели министерот за локална самоуправа Горан Милевски.

Тој додава дека мора да се зајакнат капацитетите во земјава за да се искористат што повеќе средства од ЕУ фондовите предвидени за прекугранична соработка.

„И во периодот кога политичките односи меѓу двете држави не беа на највисоко ниво, општините и НВО секторот и тоа како успешно соработуваа. Опремени се голем број на здравствени установи во земјава, енергетски ефикасни фасади на јавните институции, подобрена е заштитата од катастрофи со набавка на опрема и обучување на тимови кои ќе се справуваат со елементарни непогоди, подобрување на животот на граѓаните. Финансирани се еколошки и проекти од областа на туризмот. Како Министерство мораме да ги зголемиме капацитетите за да искористиме што повеќе средства од овие што ги нудат европските фондови со цел“, вели Милевски.

И од Секторот на прекугранична соработка на ЕУ во нашата земја не можат да прецизираат кога ќе се подигне рампата која е спуштена 52 години.

„За граничниот премин Маркова Нога не може да прецизира кога ќе се подигне рампата. Најважно е дека двете страни се согласија да го реконструираат по долго време. Тоа ќе има голема придобивка за туризмот и економијата. Важно е што двете страни сега работат заедно за да ги обезбедат техничките услови, дизајнот и прогресот“, рече Френк Јанмат, раководител на Секторот за прекугранична соработка во ЕУ.

Градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски, изјави дека тој и неговиот колега од грчката страна инсистираат да се забрзаат сите подготвителни работи и да се отвори преминот.

Преминот Маркова Нога - Герман некогаш се минувал само со лична карта, но во 1968 година беше затворен и до сега не проработи.

Во Преспа пред две години беше потпишан Преспанскиот договор со што се стави крај на долгогодишниот спор за името со Грција.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG