Достапни линкови

Повеќе од година ипол се реконструира улица долга 450 метри


Реконструкцијата на улицата „Климент Охридски“ во центарот на Битола.
Реконструкцијата на улицата „Климент Охридски“ во центарот на Битола.

Улицата „Климент Охридски“ во центарот на Битола, во должина од 450 метри се реконструира една година и седум месеци и се уште не е завршена. Општината го раскинала договорот со изведувачот, оти се пробиени роковите.

За година и седум месеци не заврши реконструкцијата на една од најзначајните улици „Климент Охридски“ во центарот на Битола. Со месеци граѓаните и возилата се движат низ улицата со натапкан чакал, полна дупки, па критикуваат дека предолго се реконструира улица долга 450 метри.

„Колите ги искршивме, ако удриш во дупка отиде гумата, бандашот.“

„Треба да се стави нов асфалт.“

„Или дупките да се пополнат или нека ја асфалтираат.“

„Ова е доста фреквентна улица, сметам дека со нејзиното асфалтирање и партерно уредување на тротоарите ќе добиеме сите граѓани на Битола“, реагираат битолчани.

Од Општина Битола велат дека деновиве му го раскинаа договорот на изведувачот зашто ги пробил сите рокови според договорот потпишан во јуни 2017 година.

Градоначалничката Наташа Петровска рече дека се одлучила на ваков чекор за да се научат изведувачите да ги запазуваат договорените рокови.

„Ниеден изведувач да не калкулира дека со наплатата на оштетата која по нивните математики е помала од сумата што треба да ја добијат по изведената работа, дава профит разлика која во иднина би ги мотивирала да учествуваат на јавни набавки, однапред знаејќи дека немаат капацитет да го завршат она на што се обврзани и со тоа сакам да создадам култура секој во иднина кога ќе се јави на јавна набавка да види сметка дека роковите за кои се обврзува ќе ги испочитува“, рече Петровска.

Ќе бидат преземени и други мерки против изведувачот согласно законите.

„Се одлучува на тој чекор без разлика колку ќе трае динамиката за завршување на улицата зашто за мене е многу поважно создавањето на вакви понормални услови во кои во иднина треба да работимеотколку популарноста или непопуларноста како градоначалник“, рече Петровска.

Битолчани ги измачуваат и дупките низ другите улици кои се појавија по студената зима и околу 370 тони сол, што беа фрлиле поради обилниот снег, а која го разјадува и уништува асфалтот. Од минатата недела, се започна со крпењето на дупките со бекатон коцки и со ладна асфалтна маса. Општината не располага со сопствена асфалтна база, бидејќи во тоа не се вложувало изминатите години, па за топол асфалт зависат од други фирми и претпријатија. Надлежните ги разгледуваат можностите во иднина градот да добие своја мини асфалтна база.

„Една од активностите за кои е задолжен директорот на Нискоградба е да изврши сериозна анализа и да ги разгледа сите можности што значи набавката на тоа и од финансиски аспект и од аспект на капацитет за задоволување на овие потреби на градот“, рече Петровска.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG