Десет години битолчани чекаат да се изгради покриен базен. Него од 2009 година го ветуваше претходната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, но не го изгради. Деновиве, сегашната власт на чело со СДСМ вети дека на лето ќе почне да се гради во дворот на Основното училиште „Даме Груев“ во Битола.
„Општина Битола ќе добие затворен базен кој ќе овозможи училишни, рекреативни и спортски активности за тренинг, натпревари од локален карактер за спортови на вода. Вредноста не можеме да ја кажеме бидејќи е донација на Владата и Агенцијата за млади и спорт. Но, димензиите ги знаеме, бидејќи се изготвува проект. Функционалниот дел на базенот ќе биде 25 на 10 метри. Предност ќе имаат основните и средните училишта од нашиот град, а во подоцнежните попладневни часови можност за користење ќе имаат и граѓаните на Битола“, рече Менде Илиевски, координатор на советниците од СДСМ од Битола.
Според најавите, базенот ќе се гради со средства на Владата и Агенцијата за млади и спорт. Претходната власт, пак, за базенот бараше инвеститор за јавно-приватно партнерство, па екс градоначалникот Владимир Талески во 2013 година ветуваше дека ќе се направи и вотерленд, односно забавен парк на вода и дека заинтересиран инвеститор има од Австралија. Но, на двата огласи никој не се пријави.
„Сакаме да направиме и паркови кои би биле интересни и вотерленд, но тоа зависи од инвеститорите. Ние сме тука да дадеме максимални услови, а нивно е доколку имаат интерес да разговараме со нив. Покриениот базен е многу скапа инвестиција. Само подлогата што треба да се изолира е околу 4 милиони евра. Тоа е инвестиција која некој треба да ја вложи и да му се врати. Господинот Михајловски од Австралија со своите партнери размислува да вложи, но не е дефинитивно“, рече Талески во 2013 година.
Иако планот на успеа, и Антонио Милошоски како носител на кандидатската листа на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори во 2016 година ветуваше изградба на еден голем спортски центар во кој ќе има сала со 6000 седишта.
„Ќе има затворен базен со ватерполо димензии, сала за боречки вештини и една гимнастичка сала. Еден од најдобрите спортски центри во југозападна Македонија и достоен за големината на Битола и спортот кој секогаш имал тука корен“, рече тогаш тој.
Сепак, Битола до денес остана само со два отворени базени кои работат преку лето. Новите најави за затворен базен ги подгреаја надежите кај битолчани, посебно за младите генерации кои бараат да имаат услови за рекреирање како врсниците во развиените земји.
„Ова е многу добра работа да имаме затворен базен со олимписки димензии. Да се рекреира, пливањето е здрава работа. Ние досега сме немале затворен базен.“
Одлично би било да има затворен базен и таму да одржуваме часови по физичко воспитание, како што е во странските земји, а досега немавме можност за тоа“, велат битолчани.
Битолската јавност е навикната на неисполнетите ветувања на градоначалникот Талески, но тоа не значи и дека не ги памети. Имено, пред локалните избори во 2009-тата, Талевски вети дека на оваа локација ќе изгради затворен олимписки базен. Неговиот мандат помина, но од базенот нема ни трага ни глас.