Бугарија ја подигнува цената и фаќа позиции во пресрет на продолжување на разговорите во македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања, но и во пресрет на очекувањата на Македонија за откочување на европските интеграции е коментарот на аналитичарите кои ги консултиравме по вчерашниот став на Бугарската академија на науките дека македонскиот јазик не постои и оти тој е „писмено-регионална норма“ на бугарскиот јазик.
Видете и ова: Македонските политичари воздржани за заканите од БугаријаДодека македонско-бугарската комисија запна на Гоце Делчев, а понатамошните средби се откажани за после изборите, искричењата меѓу двете земји сега дојдоа од Бугарската академија на науките, која вчера усвои став дека со тврдењата дека постои македонски јазик се нарушуваат односите меѓу двете земји.
Македонскиот јазик е „бугарски, напишан на српска машина за пишување“, наведуваат од бугарскиот Институт за историски истражувања, повикувајќи се на цитат на неименуван австриски лингвист.
Ставот на Бугарската академија на науките доаѓа како одговор на Повелбата за македонскиот јазик која ја усвои МАНУ минатата недела, во која се наведува дека македонскиот јазик има многувековен континуитет и оти Академијата ќе поддржува и поттикнува научни истражувања поврзани со македонскиот јазик.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека ова е фаќање позиции, кои се повеќе насочени кон домашната јавност.
„Мислам дека сегашните заострувања на тоновите меѓу Македонија и Бугарија на сите нивоа, не само во Комисијата која расправа за Договорот за добрососедство, туку и овие последни иницијативи и од МАНУ и од Бугарската академија на науките, мислам дека се последица на овие зголемени фрикции околу интерпретирањето на историјата и дека ова е фаќање на некакви позиции кои имаат повеќе врска со домашните политики, отколку со науката којашто ја застапуваат“, вели Арсовски.
Видете и ова: Бугарската држава „им ги врзува рацете“ на бугарските историчариПрофесор Лазар Лазаров смета дека Софија со ова ја подигнува цената на македонските евроинтеграции. Тој потсетува дека ова не е нов став на Бугарија, но замерува на млакиот однос и „климањето со глава“ на македонските власти.
„Не е само околу јазикот, не е само околу Гоце Делчев, не е само околу историјата. За нив практично не постои ни Македонија, ни македонски јазик, ни македонски народ“, вели тој.
Ставот на БАН е на линија со Декларацијата на бугарската влада од октомври годинава, која содржи повеќе од 20 услови кои официјално Скопје ќе мора да ги исполни за да стане членка на ЕУ. Во Декларацијата се наведува дека „јазичната норма која е прогласена за уставен јазик во Република Северна Македонија, е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик и неговите наречја со неговата кодификација во 1944 година“. Македонски историчари реагираа дека бугарските барања се неприфатливи и навредливи за Македонците, а министерот за надворешни работи Никола Димитров писмено реагираше дека „прашањата поврзани со идентитетот на македонскиот народ не може да бидат услов за нашиот пат кон Европа, особено не во 2019 година и не во Европската унија“.
Бугарските официјални претставници во изминатиот период дават топло-ладни изјави – еднаш дека ги поддржуваат македонските евроинтеграции, па потоа се закануваат со блокади ако Македонија не ги прифати бугарските барања. Македонските официјални претставници главно се воздржани и повторуваат дека сакаат да работат на подобрување на односите со Бугарија и оти сите проблеми може да се надминат со разговор.
Македонскиот и бугарскиот премиер, Зоран Заев и Бојко Борисов, пред две години го потпишаа Договорот за добрососедство меѓу двете земји, кој, меѓу другото, предвидува формирање мешовита експертска комисија за историски и образовни прашања, која треба да работи на решавање на отворените прашања.