Достапни линкови

Историјата и натаму пречка за македонската иднина во ЕУ


Архивска фотографија- Премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов
Архивска фотографија- Премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов

По најавите од Софија и Атина за конкретни барања или будно следење на спроведувањето на договорите, дел домашни аналитичари велат дека за почнување на преговорите со ЕУ не би требало да се очекуваат блокади, но дека во иднина тоа е можно.

Рок до октомври за постигнување договор за Гоце Делчев на заедничките комисии за историски и образовни прашања испорача официјална Софија, а од Атина, пак, се позачестени се изјавите од новата грчка власт дека будно ќе го следат секој детаљ од Договорот од Преспа. И двете соседни земји ваквите најави ги споменуваат во контекст на напредокот на државата кон Европската унија.

Според Зоран Нечев од Институтот за демократија, на нив треба да се гледа како на најава за тоа колку исцрпувачки ќе биде процесот на преговори за зачленување во Европската унија.

„Не очекувам блокади за отпочнување на процесот на преговори, но како држава многупати во иднина ќе се соочуваме со проблеми и предизвици, кои ако не се решат во духот на добрососедските односи, може да ескалираат до ниво на софистицирана блокада од страна на одредени земји-членки”, вели Нечев.

Двата договора и со Софија и со Атина се двонасочни и немаме само ние обврски кон нив, туку и тие кон нас, вели Алберт Муслиу од Асоцијацијата за демократски иницијативи. Според него, работите сега ќе се сменеле оти земјава извесно е дека ќе стане дел од друг моќен сојуз- НАТО и таму ќе има иста одлучувачка тежина како двата соседа.

„Во однос на Европската унија кое било неодговорно однесување кое не е во согласност со договорите ќе си има импликации и врз нашето однесување во исполнувањето на договорите. Не верувам освен што прават политика преку своите изјави, дека соседните земји навистина имаат намера да го блокираат процесот”, вели Муслиу.

Во меѓувреме Нечев потсетува и на домашните обврски кои треба да се сработат до октомври кога Европската унија, како што беше заклучено во јуни, ќе се наврати на отворањето преговори со Северна Македонија.

„Доколку Македонија ги заврши сите свои обврски поврзани со процесот на проширување, особено во делот на владеењето на правото во кое спаѓа и законот за јавно обвинителство, не мислам дека не мислам дека еден- единствен проблем кој е поврзан со комисијата за историски прашања со Бугарија ќе има толку големо влијание да го блокира отпочнувањето на преговорите”, вели Нечев.

На јунскиот состанок на Советот за општи работи на Унијата кој се одржа во Луксембург, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан рече дека малцинство земји членки не го поддржале почетокот на преговорите. Во заклучоците пак се наведува дека „Советот ќе се врати на прашањето со јасна и суштинска одлука што е можно поскоро, но не подоцна од октомври 2019 година”.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG