Достапни линкови

Голем скок за иновативноста, мал за економијата


Фонд за иновации и технолошки развој
Фонд за иновации и технолошки развој

Најновиот извештај за Глобалниот иновациски индекс, покажува напредок на земјава во вложувањата во иновациска инфраструктура. Според домашните бизнисмени пак, способноста на македонските фирми да инвестираат во технолошки иновации не е на завидно ниво

Тоа што земјава се искачи 25 места погоре на листата на земји кои вложуваат во иновациска инфраструктура не ја менува големата слика за домашната економија, велат домашните бизнисмени. Дел од нив велат дека извештаите како оној за Глобалниот иновациски индекс, се убави за читање, но дека во нивната секојдневна работа тоа ништо не менува.

„За да имате вие иновација, некој треба да овозможи услови за таа иновација. Тоа треба да го работат институции, стручни лица, ним им треба финансирање, соработка со реалниот сектор, а тоа многу малку го има. Па вие имате во земјава 75.000 фирми, во просек вработени во една фирма се неколкумина. Значи ако земеме просечна фирма од неколку луѓе, колку луѓе би можеле да финансирате да се занимаваат со иновативност и развој? Дали тие луѓе да работат оперативно и да опстанат или да иновираат?“, прашува Трајан Анѓелоски, сопственик на металска фирма од Тетово.

Најновиот извештај за Глобалниот иновациски индекс, покажува дека Република Северна Македонија е на 59-то место, што претставува значителен напредок во однос на претходните две години. Во него се посочува дека државата остварила високи резултати и во делот на зголемен степен на инвестиции во иновации од страна на домашните институции, како и подобрена бизнис клима со што се наоѓа во група со првите 50 земји во светот.

„Раздвижувања во бизнис климата има, но тие повеќе се должат на извесноста за влез во НАТО, па подоцна и ЕУ, а не толку на инвестициите во иновативноста и технолошкиот развој на компаниите. Македонските компании кои не се во странска сопственост се или микро или мали. Нивната способност да инвестираат во технолошки иновации не е на завидно ниво. Тоа бара поголеми инвестиции. Владата направи исчекор со Фондот за иновации кој помага на компаниите, но тие пари се исклучиво поврзани со иновации во бизнис пристапот технолошка опременост, нови пазари и така натаму“, вели стопанственикот Мирче Чекреџи.

Иако Анѓелоски нема позитивно искуство со Фондот за иновации, од каде ја одбиле апликацијата на неговата фирма на еден од јавните конкурси, тој сепак смета дека е добро што тоа тело функционира.

„Процентот на апликации наспроти процентот на одобрување е минорен. Значи, ни од далеку тие не можат да излезат во пресрет на барањата. Меѓутоа, реално ако гледаме и сегашното ниво на тој фонд од неколку милиони евра наспроти претходната состојба во која немаше ништо, веројатно е напредок. И можеби и токму тоа сака да го покаже овој Глобален иновациски индекс“, вели Анѓелоски.

Чекреџи пак, останува на ставот дека најголем импулс за домашната економија ќе има членството на земјава во евроатланските структури.

„Најголем стимул за економијата, а и бизнис секторот ќе биде членство во НАТО. Тука ќе се отвори иднина за македонскиот бизнис, тоа всушност ќе влијае за привлекување нови инвестиции и подобрување на глобалната економска слика“, смета Чекреџи.

Инаку, земјава е на 63-тото место во однос на постигнатите резултати од вложувањето во иновации. Северна Македонија годинава има натпросечни оцени во пет од седумте столбови на Глобалниот иновациски индекс, кои се однесуваат на институции, инфраструктура, софистицираност на пазарот, каде е на 28-мо место, знаење и технолошки резултати и креативни резултати. Извештајот рангира 129 држави во светот по 80 различни параметри,

Швајцарија и годинава ја задржа својата позиција како најиновативна земја во светот. Шведска од третата позиција се качи на второто место, додека третото место го зазедоа САД кои се искачија за три места од шестата позиција во 2018 година. Аналитичарите посебно ја издвојуваат Кина, која продолжува да се искачува на листата и сега е на 14-тото место и е единствената држава од земјите со средни приходи која се најде во топ 30. Меѓу земјите од поранешна Југославија најдобро е рангирана Словенија, која е на 31-то место. Во анализата се истакнува и дека иако светскиот економски раст забавува во однос на минатата година, иновативноста добива на замав во се поголем дел од светот.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG