Достапни линкови

Која е вистината за македонската економија?


СДСМ и ВМРО ДПМНЕ продолжуваат да се оглaсуваат во јавнoста со рaзлични заклучоци за висината на БДП, влезот на странските инвестиции и вработувањата. Од Фајнанс тинк велат дека има рани знаци на стабилизација.Сепак екпертите велат дека граѓаните не ги чувствуваат ефектите од добрите бројки.

Економијата традиционално е резервирана за партиски препукувања меѓу власта и опозицијата кои во соопштенија и на прес конференции деновиве се оглaсуваат со рaзлични заклучоци за висината на БДП, влезот на странските инвестиции и вработувањата.

Порастот на БДП оспоруван од опозицијата?

Осврнувајќи се на актуелната економска состојба во земјава СДСМ излезе со соопштение во кое истакнуваа дека економијата се движи во добар правец и оти потврда за тоа е растот на БДП од 3,7 проценти во четвртиот квартал од 2018, додека опозицијата смета дека економијата е пред колапс како и дека „економијата е закована на дното со срамни 2,05 раст кој е далеку од 5 до 7 проценти“ кој бил ветуван.

Власта исто така тврди дека има рекорден износ на странски инвестиции од 624,5 милиони евра, а најголемата опозициска партија вели дека тоа е лага.

На годишната конференција на Унијата на жени, лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека од наводни 656 милиони евра, дури 500 милиони е реинвестираната добивка на странските компании што ги донела владата на ВМРО-ДПМНЕ.

Невработеноста намалена или за иселување станува збор?

Во дел од заклучоците за економијата СДСМ наведува дека во последниот квартал од 2018 стапката на невработеност паднала на 19,4 отсто и оти минатата година се отворени нови 26 600 добро платени работни места. ВМРО ДПМНЕ пак наведува дека во недостиг на економски резултати повеќе од 500 000 граѓани живеат под прагот на сиромаштијата, а оти СДСМ и нивните функционери вработувањето на свои роднини го прикажуваат како економски успех.

Што велат експертите:

Од Институтот за економски и политички истражувања Фајнанс тинк велат дека бројките во економијата покажуваат рани знаци на стабилизација на инвестициската активност, но дел од екпертите велат дека добрите статистички показатели се невидливи за граѓаните.

Од Фајнанс тинк посочуваат дека во четвртиот квартал од 2018 година, економијата испорача раст на БДП од 3,7%, што заедно со другите квартали резултираше со раст за целата 2018 година од 2,7%.

„Овој резултат е благо над очекувањата на меѓународните финансиски институции и домашната експертска јавност” вели Благица Петрески извршен директор во Фајнанс тинк.

Таа објаснува дека според расходната страна, растот на потрошувачката на домаќинствата останува солиден (3,5%), но она што е различно од претходно се раните знаци за стабилизација на инвестициската активност, која има раст во четвртиот квартал од 1,6%, што е важно, особено ако се има предвид дека во остатокот од годината инвестициската активност беше потисната генерално, како и поради подизвршувањето на капиталните инвестиции на државата

Таа дополнува дека сепак, инвестициската активност е значајно варијабилна и овие рани знаци не се гаранција дека таа ќе продолжи според тој тек.

„Позитивните придвижувања кај БДП се проследени со понатамошно значајно намалување на невработеноста на 19,4% на крајот од четвртиот квартал од 20,8% на крајот од претходниот квартал. Овој пад се должи главно на зголемената побарувачка за работници во приватниот сектор, особено кај големите работодавачи и оние во слободните зони, а делумно и на раздвижениот пазар на труд поради активните мерки за вработување. Во услови на вака динамизиран пазар на труд, особено вработувањата во јавниот сектор треба да се сведат на неопходниот минимум и да се засноваат на принципот на заслуги” вели Петрески.

Фајнанс тинк ѝ препорачува на Владата да го искористи позитивниот момент присутен во овие бројки за БДП и невработеноста и целосен фокус да стави врз економските политики и бизнис-климата. Формулирањето јасна економска визија од страна на Владата сè уште отсуствува. Владата не треба да дозволи претстојните избори и други политички турбуленции сега да ги нарушат раните знаци на подобрување на економската активност“, додаваат од Фајнанс тинк.

Економистот Висар Адеми вели дека добрите економски бројки не може да се видат во секојдневниот живот на луѓето

“Што се однесува до БДП и странските инвестиции јас не гледам инпакат затоа што да беше така ќе имавме по една фабрика во градовите во кои живеемее, затоа што тие имаат моќ да вработуваат. Треба да објасни држават кои се тие компании кои инвестираат со име и презиме, а да ги изостават најавите на тие што планираат да инвестираат”вели Адеми.

Осврнувајќи се на меѓусебните обвинувања на власта и опозицијата тој вели дека ВМРО ДПМНЕ и СДСМ имаат иста матрица и порака. Тој вели дека во времето кога беше премиер Груевски земјава се промовираше како една од најразвиените економии со бројни странски инвестиции и оти СДСМ не заостанува зад праќањето на слични пораки. Според него, намалувањето на невработеноста најмногу се должи на високата стапка на емиграција.

"Имаме многу висока стапка на емиграција. Имам информација дека 12 илјади луѓе чекаат пред германска амбасада да добијат виза. Ова намалување под 20 проценти се должи повеќе на емиграцијата отколку на економските политики" вели Адеми.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев деновиве изјави поголемиот дел од граѓаните ја имаат можноста да избираат работа, пред се затоа што се повеќе се отвораат нови работни места. Тој рече дека само минатата година се отвориле 26.600 нови работни места, неспоредливо поголем дел во приватниот сектор.

Тој најави дека проектите во градежниот сектор ќе бараат дополнителен ангажман на градежни работници.

"Само за патишта имаме проекти од над милијарда евра и дополнително се очекува почеток на градба на втората фаза од железницата кон Бугарија. Сите овие процеси ни даваат за право да очекуваме очекуваме процентот на невработеност кој во моментов достигна рекордно ниско ниво од 19,4отсто и е намален за околу 3,5 отсто за само една година, да продолжи да опаѓа" изјави Анѓушев.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG