Ако сте руски олигарх, српска авиокомпанија можеби е најдобра опција за лет до Европа

Илустрација

Одбивањето на Белград да се приклучи кон западните санкции и забрани за руски летови засега го искористуваат државната компанија „Ер Србија“ и приватната авиокомпанија „Ер Пинк“. Летовите брзо се распродадоа меѓу Русија и Белград откако стапија на сила забраните за европскиот воздушен простор за да се казни инвазијата на Москва врз Украина.

Со оглед на тоа што повеќето патнички авиони кои летаа меѓу Москва и другите европски престолнини се приземјени поради забраните за воздушниот простор што беа донесени по големата инвазија на Украина од страна на Русија, две авиокомпании со седиште во Србија сè уште превезуваат патници во и надвор од руската престолнина.

Државната „Ер Србија“ и „Ер Пинк“ во приватна сопственост го искористија одбивањето на Белград да се приклучи на санкциите на ЕУ за таквите летови, потенцијално намалувајќи го предвидениот ефект врз про-Кремљ елитите и другите богати Руси, и покрај растот на глобалното незадоволство поради хуманитарните трошоци кои произлегуваат од конфликтот.

Видете и ова: Русија бомбардира украински градови, падобранци се спуштија во Харков

Цените на седиштата во српските комерцијални летови надвор од Москва неделава пораснаа, но и покрај тоа летовите се распродадоа. Забраните за летови се дел од невидениот досега европски одговор на руската инвазија на Украина, вклучително и отсекување од банкарската меѓународна трансакциска мрежа и пазарите на капитал, исклучување од големите спортски натпревари и санкции насочени кон претседателот Владимир Путин и неговиот најблизок круг.

„Треба да бидеме многу внимателни за транспортот на олигарсите, бизнисмените и политичарите кои можеби се од тесниот круг на владејачката структура во Москва“, изјави за балканскиот сервис на Радио Слободна Европа извршниот директор на Советот за стратегиска политика во Белград Никола Луниќ.

ЕУ го затвора воздушниот простор за руски авиони

На денот кога претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ја објави забраната за авиокомпаниите ширум ЕУ, авион на приватната „Ер Пинк“ полета за Белград од вториот по големина руски град, Санкт Петербург, покажува веб страницата за следење на летови „FlightRadar24“.

Освен ЕУ, кон оваа забрана се приклучија и други европски земји кои не се членки на ЕУ, вклучително и Велика Британија и Норвешка кои го затворија својот воздушен простор за руските авиони. Следниот ден, авионите на „Ер Србија“ и „Ер Пинк“ летаа од Москва до аеродромот „Никола Тесла“ во Белград.

Официјалните претставници на белградскиот аеродром ги упатија новинарите на Радио Слободна Европа да бараат информации за бројот на патници од самите авиокомпаниите, кои не одговорија на новинарските прашања.
Државната авиокомпанија „Ер Србија“ досега леташе осум пати неделно меѓу Москва и Белград, а има и линија до Санкт Петербург. Од компанијата не одговорија на прашањето дали планира да ја зголеми фреквенцијата на летови или капацитетот на руските рути.

Чартер-превозникот „Ер Пинк“ има флота од 15 авиони кои собираат најмногу осум патници плус еден авион што собира до 13 патници. Сопственик на оваа компанија е Жељко Митровиќ. Станува збор за српски бизнисмен кој е влезен и во медиумскиот пазар и се смета за близок до сегашната владејачка структура во Србија.

Според податоците на веб страната „FlightRadar24“ авионите на „Ер Пинк“ слетуваат во Москва и Санкт Петербург, Ница, Солун и Палма де Мајорка, и неколку други места. Забраните за воздушниот простор го блокираа пристапот на руските авиокомпании Аерофлот и Нордвинд до повеќето европски аеродроми, вклучувајќи го и Белград, кој е опкружен со земји кои сега забрануваат руски прелети.

Србија не е членка на Европската унија, а претседателот Александар Вучиќ со години водеше надворешна политика на „четири столба“ која се обидува да комбинира поголема европска интеграција но и поблиски врски со Москва и Пекинг. Вучиќ агресивно ѝ се додворуваше на Москва за дипломатска поддршка за да го блокира признавањето на поранешната покраина Косово, да се снабдува со воена опрема и да обезбеди евтин гас и инвестиции.

Тој и неговата владејачка Српска напредна партија се соочуваат со трио од претседателски, парламентарни и локални избори на 3 април, а анкетите покажуваат дека повеќето Срби ја сметаат Русија за „пријателска“ држава.
Минатата недела Вучиќ ја нарече инвазијата на Путин „тешка грешка“ и повреда на територијалниот интегритет на Украина, но тој ги отфрли повиците Белград да се приклучи на санкциите кон Русија.

Видете и ова: Quo Vadis момент за Европа

Брисел очигледно внимателно ја следи ситуацијата

„Мораме да останеме внимателни за влијанието на кризата врз Западен Балкан и да погледнеме што се случува на позицијата, на усогласувањето на земјите од Балканот, на нашите кандидати за членство во Европската унија, нивната усогласеност со нашата надворешна политика“ изјави минатата недела шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.

Портпаролката на Европската комисија Ана Писонеро потоа додаде дека „од земјите-кандидатки, како што е Србија, се очекува да се усогласат со одлуката и позицијата на ЕУ за надворешната политика и безбедносните прашања“.

Висок функционер на ЕУ кој побара да остане анонимен запрашан конкретно за српската политика за санкциите за воздушниот простор изјави дека се во контакт со соседните и други трети земји со цел да укажат на важноста за усвојувањето на овој тип на мерки. Тој истакна дека на руските компании не им е дозволено да продаваат билети преку Белград за дестинации на ЕУ, но вели дека ЕУ не приложила „екстратериторијалност“ на сегашните мерки.

„Значи доколку Србија или другите земји не се усогласат, Ер Србија ќе може да ги продава тие билети“, изјави претставникот на ЕУ за РСЕ.

Но, изворот инсистираше на тоа дека забраните „нема да дозволат олигарх да изнајми авион за да лета преку Србија бидејќи санкциите ги опфаќаат и авионите што не се регистрирани во Русија, а кои се во сопственост или изнајмени од руски државјани“.

Руските олигарси и пријателите на Путин беа обвинети дека украле милијарди во текот на двете децении од неговото владеење. Со замрзнувањето на имотот и преземањето на други казнени мерки во текот на изминатата недела, руската елита се чини дека бара безбедно пристаниште за своите јахти.

Американскиот претседател Џо Бајден на 1 март објави дека САД веднаш ќе го затворат својот воздушен простор за руските авиони, а истото го направи и Канада. Дури и Швајцарија ја омекна својата долгогодишна политика на „неутралност“ за да се приклучи на санкциите на ЕУ кон Русија.

Српската држава поседува 82 отсто од Ер Србија, откако со докапитализацијата пред една година го намали уделот на стратешкиот партнер на Емиратите, Етихад Ервејс. Во меѓувреме, експертите за воздушен транспорт се сомневаат дека регионалниот оператор како „Ер Србија“ ќе има значителни долгорочни придобивки со својата ограничена флота.

Тој и другите експерти рекоа дека поголемите надворешни оператори како Туркиш ервејс, со својот центар во Истанбул, веројатно ќе профитираат повеќе од забраните на западниот воздушен простор и контразабраните на Русија.

Русија одговори на забраните за летови на 28 февруари со затворање на својот воздушен простор за авиокомпании од 36 земји, вклучувајќи ги сите 27 членки на ЕУ, Обединетото Кралство и Канада.