Руските сили погодија телевизиска кула во главниот град на Украина Киев, попречувајќи го нејзиниот сигнал, објави советникот на украинското Министерство за внатрешни работи Антон Херашченко на социјалните мрежи.
Министерството за одбрана преку твит објави дека некои украински канали нема да работат извесно време откако беше погодена ТВ кулата во Киев и дека резервните програми ќе се емитуваат наскоро.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски на Твитер напиша дека најмалку пет лица загинале во ударот што ја погоди ТВ кулата и изрази огорченост што удрил во близина на споменикот во чест на смртта на десетици илјади убиени еврејски мажи, жени и деца кои беа убиени во 1941 година во Бабин Јар набргу откако нацистите го зазедоа градот.
„До светот: која е смислата да се каже „никогаш повеќе“ 80 години, ако светот молчи кога на истото место во Бабин Јар ќе биде фрлена бомба? Најмалку петмина загинати. Историјата се повторува“, напиша Зеленски.
Претходно руското Министерство за одбрана издаде предупредување до жителите на Киев дека се подготвуваат да погодат цели во главниот град на Украина. Во соопштението објавено попладне, руските власти соопштија дека нивните сили се подготвуваат да извршат „напади со висока прецизност“ врз „технолошките центри на украинската служба за безбедност и 72-от главен центар за психолошки операции во Киев“.
„Ги повикуваме жителите на Киев кои живеат во близина на предавателите да ги напуштат своите домови“, изјави портпаролот на Министерството за одбрана Игор Конашенков, пренесува АФП.
Неговата изјава доаѓа во време кога руската војска ги засилува напорите за заземање на главниот град на Украина. Официјални лица тврдеа дека нападите биле извршени за „да се спречат информативни напади врз Русија“.
Украина обвинува се напаѓаат и станбени населби, Москва тврди дека не гаѓа цивили
Украинските власти ја обвинија руската војска дека извршила напади врз станбени населби во неколку градови, вклучително и Харков на истокот од земјата, каде што се водат жестоки борби и каде што најмалку 10 лица загинаа во најновиот ракетен напад. Русија вели дека не гаѓа цивили и покрај доказите за спротивното. Украина соопшти дека од почетокот на руската инвазија се убиени околу 350 цивили.
Сателитски снимки покажуваат дека конвој оклопни возила и артилерија што се протега на повеќе од 65 километри се наоѓа на неколку километри од главниот град Киев. Украинските вооружени сили во тоа гледаат обид руските сили да го опколат и да ја преземат контролата над најголемиот град во земјата.
До ова дојде откако не се постигна напредок во разговорите за прекин на огнот меѓу украинските и руските претставници на 28 февруари, иако и двете стани се согласија да се продолжат преговорите.
Најмалку 70 украински војници загинале кога руски војници гранатирале воена база во градот Охтирка, кој се наоѓа меѓу Харков и Киев, соопшти денеска шефот на регионот Суми, Дмитро Живицки.
Во денешниот напад на Харков повредени се 20 луѓе, соопштуваат од тамошната Брза помош, пренесува Би-Би-Си. Претходно Министерството за внатрешни работи на Украина наведе дека десетина цивили загинале откако Харков, вториот по големина град во земјата, е гранатиран на 28 февруари.
Блинкен: Руските злосторства во Украина растат од час во час
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека руските „злосторства“ во Украина „растат од час во час“, а нападите ги погодуваат болниците, училиштата и станбените згради.
Обраќајќи се пред Советот за човекови права на ОН во Женева, Блинкен рече дека за четврток е закажана итна форумска дебата за Украина, каде со резолуцијата усвоена од Киев и сојузниците ќе започне меѓународна истрага за прекршувањата, како „важен чекор кон обезбедување документација и одговорност“.
„Мораме да испратиме решителна и единствена порака дека претседателот Владимир Путин треба безусловно да го прекине тоа“, рече Блинкен.
ЕП ја повика ЕУ да ѝ одобри кандидатски статус на Украина
Европскиот парламент на седницата на 1 март усвои резолуција со која ги повикува европските институции да го одобрат кандидатскиот статус за Украина. За резолуцијата гласаа 637 пратеници, 13 беа против, а 26 воздржани.
Во пресрет на гласањето се одржа емотивна дебата, а неколку пратеници беа облечени во боите на украинското знаме. Знамето на оваа земја беше истакнато во салата каде се одржуваше дебатата, како и надвор од зградата на Европскиот парламент.
На европските претставници преку видео врска им се обрати и претседателот на Украина Владимир Зеленски.
„Мило ми е што ги обединивме сите земји од ЕУ. „Но, не знаев дека ова е цената што треба да ја платиме: трагедија, илјадници убиени, две револуции, една војна и пет дена целосна инвазија“, им рече Зеленски на присутните.
Зеленски вчера изјави дека потпишал официјално барање Украина да се приклучи на Европската унија.Тој побара од Европската унија да и дозволи на Украина веднаш да добие членство по посебна процедура, бидејќи таа се брани од инвазија на руските сили. Претседателите на осум држави од централна и источна Европа потоа ги повикаа земјите-членки на Европската Унија веднаш да и дадат на Украина статус на земја-кандидат за членство во ЕУ и да започнат преговори за членство.
Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола за време на својот говор потврди дека наредила забрана за влез во просториите на парламентот за кој било претставник на Кремљ, бидејќи, како што рече, „на агресорите и поттикнувачите на војна немаат место во Домот на демократијата."
„Ја признаваме европската перспектива на Украина. Како што јасно вели нашата резолуција, ние го поздравуваме, барањето на Украина за кандидатски статус и ќе работиме на таа цел. Мораме заедно да се соочиме со иднината“, изјави Мецола.
Кремљ: Русија нема да попушти под притисокот на санкциите
Во меѓувреме официјална Москва соопшти дека Русија нема да попушти под притисокот на санкции од Запад. Западните санкции никогаш нема да ја принудат Русија да го промени својот став кон Украина, соопшти денеска Кремљ, пренесува Ројтерс. Одговарајќи на серијата западни санкции поради руската инвазија на Украина, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави:
„Тие сметаат дека ќе не принудат да ја смениме нашата позиција. Тоа не доаѓа предвид“.
Песков на новинарите им изјави дека претседателот Владимир Путин бил информиран за првата рунда разговори меѓу руските и украинските претставници во понеделникот, но дека е премногу рано да се суди за исходот.
„Нема планови за разговори меѓу Путин и украинскиот претседател Владимир Зеленски“, рече тој, додавајќи дека Зеленски може да спречи дополнителни жртви доколку даде наредба да се положи оружјето.
Украина одби да се предаде, а нејзините сили пружија силен отпор на рускиот напад од север, исток и југ, што Москва го опишува како специјална операција за демилитаризација и „денационализирање“ на земјата. Ваквиот изговор Киев и Западот го отфрлаат како воена пропаганда.
Песков ги отфрли наводите за руските напади врз цивилни цели и употребата на касетни бомби и вакуум бомби како лажни. Тој категорично негираше дека Русија извршила воени злосторства.
Зеленски претходно изјави дека Русија истрелала ракети врз градот Харков на 28 февруари, нагласувајќи дека тоа е „очигледно воено злосторство“.
Меѓународниот кривичен суд претходно објави дека внимателно ја следи ситуацијата во Украина. Обвинителството на овој суд соопшти дека со „растечка загриженост“ го следи развојот на настаните и потврди дека ќе го истражи секое злосторство против човештвото или воено злосторство извршено во Украина. Украина веќе поднела тужба до Врховниот суд на ОН во Хаг.
- Територии под контрола во Украина
- Над 600 000 бегалци излегле од Украина, еден милион се внатрешно раселени
Според податоците на Агенцијата за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) над 660.000 бегалци ја напуштиле Украина по руската инвазија што почна на 24 февруари. Проценките се дека уште еден милион луѓе се внатрешно раселени додека беснеат борби во многу области низ земјата.
Како што соопштија од ОН, нивна претпоставка е дека 12 милиони луѓе во Украина ќе имаат потреба од помош и заштита, додека на повеќе од 4 милиони украински бегалци можеби ќе им треба заштита и помош во соседните земји во наредните месеци. Затоа упатија итен апел за хуманитарна помош од 1,7 милијарди долари за погодените.