Достапни линкови

Собрание - декларацијата за суверенитетот и интегритетот на Украина


Знамињата на Македонија, Русија Украина
Знамињата на Македонија, Русија Украина

Декларација за поддршка на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина денеска ќе се најде на собраниската Комисија за надворешна политика, а поголемите партии како СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ веќе најавија поддршка за документот поднесен од страна на ЛДП.

Големите политички партии и од власта и од опозицијата ја прифаќаат декларација на Собранието за осуда на политиките кои го доведуваат во прашање постоењето на европските држави и поддршка на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. Најпрвин декларацијата е на расправа во матичната комисија за надворешна политика.

Пратениците од ЛДП ја предложија декларацијата, а пратеничката од партијата Моника Зајкова вели дека е жално што сведочиме за напад на мирот и цивилизацијата во една европска земја.

„Декларацијата е за осуда на политиките кои што го доведуваат во прашање постоењето на европските држави и поддршката на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. Важно е да се упати пораката дека во 21 век е недозволено да се случува воена агресија која што директно доведува до кршење на меѓународното право и доведува до катастрофални загуби на животи и човечко страдање“, вели Зајкова.

Таа додава дека и во регионот голем дел од Парламентите едногласно усвоиле вакви декларации.

Што сочинува декларацијата

Во декларацијата е наведено дека „Прифаќајќи го минатото, водени од стремежот да се надминат меѓусебните разлики и конфликти на дипломатски начин, во насока на заштита на постоењето на сите европски држави и нивната независност, како директен одговор на оние што ја доведуваат во прашање македонската државност и право на постоење, ние пратениците на Собранието, со оваа декларација најстрого ги осудуваме политиките што го доведуваат во прашање постоењето на европските држави и се залагаме за обезбедување на поддршка на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“.
Земајќи во предвид дека, како што се наведува во декларацијата, рускиот напад врз Украина претставува еклатантно кршење на меѓународното право што не може да се оправда со ништо. Во документот се критикува актот на агресија на Русија под параванот дека политиките на Украина претставуваат „закана за безбедноста на руската држава и народ“.

„Согледувајќи ја целокупната моментална ситуација во руско-украинскиот судир, препорачуваме Министерството за одбрана да се стави во приправност и силно да го осуди признавањето на делови од Украина, за независни држави, од страна на Русија. Полагањето право на територии каде што живее руски народ, или територии што некој смета дека се неоправдано одделени и не се дел од границите на Русија, е веќе еднаш видено сценарио, кое се обидел да го реализира Хитлер анектирајќи ја Австрија, Чехословачка и Полска“, се посочува во декларацијата.

Во декларацијата се порачува дека на таквото сценарио треба да му се застане на патот и дека братскиот руски народ не може да биде агресор врз братискиот украински народ.

„Ако сите во Европа почнат да ги прелистуваат историските книги таму каде што некогаш биле границите, ни претстои мошне вознемирувачки период не само во Југоисточна Европа, туку и на Балканот и пошироко“, се додава во документот.

Поддршка и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ

Од СДСМ велат дека ја поддржуваат декларацијата.

„Теротиријалниот интегрритет на Украина го поддржуваме а воената агресија на Русија против Украина е чин којшто силно го осудуваме. Тоа претставува кршење на меѓународното право и е закана за европската безбедност. Воедно, граѓаните на нашата земја треба да се мирни, бидејќи како членка на НАТО, ние ја уживаме, и можеме да сметаме на заштитата која ја нуди најмоќниот одбранбен сојуз во светот“, велат од СДСМ.

Пратеникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Комисијата за надворешни работи Антонијо Милошоски вели дека и неговата партија ја поддржува декларацијата и очекува заеднички документот да се усвои.

Од Алтернатива велат дека го поддржуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, како што и соопштиле пред некој ден.

Откако декларацијата ќе се усвои на Комисијата за надворешна политика, а потоа оди на расправа и на пленарна седница.

Руската инвазија на нејзиниот сосед Украина започна на 24 февруари. Вчера не се постигна напредок во разговорите за прекин на огнот меѓу украинските и руските претставници, иако и двете стани се согласија да се продолжат преговорите во наредните денови.


  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG