Желби и парадокси

Едни реформираат, други се подготвуваат. За од понеделник. Во меѓувреме, живееме со желби и со парадокси... Њузлетер 25.10.2024

„Речиси сте до отворање на првиот кластер, но прво уставни измени“

Првата рата од 52 милиони евра до крајот на годината ќе легнат на македонската сметка од Планот за раст, е веста што ја донесе претседателката на Европската Комисија Фон дер Лајен во Скопје. Но, не одговори дали за Брисел е прифатлив предлогот на македонската власт за одложено дејство на уставните измени, туку само дека европска помош ќе има во спроведување на преземената обврска за уставни измени.

Урсула фон дер Лајен и Христијан Мицкоски во Скопје, 24.10.2024

Отворањето на кластерот фундаментални вредности од македонските преговори со Европската Унија е на само чекор до вас, само уште да се донесат уставните измени на кои што Северна Македонија се согласи дека ќе ги направи. Оваа порака од Брисел во Скопје ја донесе претседателката на Европската Комисија Урсула Фон дер Лајен. Таа посочи дека целта е јасна, да се отвори кластерот од преговорите што е можно побрзо.

Харис или Трамп – колку е важно за Северна Македонија кој ќе победи?

За помалку од две недели Американците ќе го изберат 47-от претседател на САД – кандидатката на демократите и актуелната потпретседателка Камала Харис или републиканецот Доналд Трамп, кој веќе помина еден мандат на функцијата. Но, што значат тие за Северна Македонија и прави ли разлика за македонската држава кој ќе биде идниот претседател на САД?

Илустрација - Архивска фотографија од ТВ дебатата на Доналд Трамп и Камала Харис

Балканот, а и Северна Македонија, речиси никогаш не биле на врвот на американските надворешно-политички приоритети, смета експретседателот Стево Пендаровски. И тој и поранешниот амбасадор во САД Васко Наумовски, сметаат дека Северна Македонија би можела да почувствува само индиректни последици од тоа дали Харис или Трамп ќе биде идниот американски претседател. Двајцата немаат дилема дека без разлика на исходот, ќе продолжи американската поддршка за внатрешните реформи во земјава.

Расте бројот на пациенти на Онкологија, биолошка терапија лани имало за четвртина

А кога сме кај реформите... Еден од сегментите каде треба итна реформа е здравството, во случајов на Клиниката за онкологија. Тоа го покажува и најновиот ревизорски извештај, според кој, клучен проблем е немањето кадар.

Инфографика - Раст на бројот на пациенти на Клиниката за радиотерапија и онкологија 2021 - 2023 година

Вкупно 35 доктори и 96 лица медицински персонал се грижат за речиси сите заболени од рак во државата, а проблемот потекнува од таму што Министерството за здравство не успеало да ги стави во функција останатите радиолошки центри во државата, па Клиниката во Скопје останува единствена. Од друга страна статистиката покажува дека постојано се зголемува бројот на пациенти на клиниката, па така еден онколог годишно има и по 5.000 прегледи, а од вкупниот број пациенти - Биолошка терапија има само за 24 отсто од нив.

Субвенции, ама по ново правило

Реформи се очекуваат и во авиосообраќајот, за каде Владата најави дека нови авиолинии до Скопје и Охрид треба да почнат да функционираат по Нова година. Се очекува наскоро и официјално да бидат објавени дестинациите со кои ќе се поврзат двата македонски аеродроми.

Инфографика - Број на летови и патници на скопскиот и охридскиот аеродром 2019-2023 и септември 2024

Очекувањата се дека новите авиолинии нема да бидат само до земјите од ЕУ, а како примери министерот за транспорт Александар Николоски, ги посочи земјите и од Блискиот Исток и други дестинации од каде се очекуваат повеќе патници и туристи.
Субвенциите се одвиваат по нов модел, во кој меѓу новините е тоа што тие се даваат за патник по доаѓање, наместо по заминување како што беше досега.

Награди и предизвици

Елвис Шаќири, директор на Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико од Северна Македонија, е еден од шестмината добитници на наградите за глобални двигатели против расизмот. Наградата му ја врачи државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, во американскиот Стејт депармент, на 21 октомври.

Активистот Шаќири кој ги застапува правата на ромската заедница во Северна Македонија, е награден за исклучителна храброст, лидерство и посветеност и за борбата против системскиот расизам, дискриминација и ксенофобија во заедницата. Лидерите се номинираат од амбасадите и конзулатите на САД ширум светот.
„Кога секој од нас би направил по една позитивна работа, сите на некој начин би биле лидери“, порача Шаќири во разговорот со Радио Слободна Европа и додаде дека остануваат уште многу предизвици за нив.

„Кај Зоки малиот во Џубокс секој ден е парадокс“

За Зоран Блажевски - „Зоки малиот“ - велат дека е една од скопските урбани легенди затоа што од 1984 ги поставил темелите на урбано угостителство во Скопје. Од Рандеву во чаршија, па преку МЦМ и до Џубокс.

Со него во најновото издание на поткастот „Зошто“ зборувавме за парадоксите на времето некогаш и сега.
Оваа епизода, како и сите претходни, можете да ги слушате на линкот ЗОШТО.