Во предизборната програма рековте дека ќе се залагате за истражувања, развој на иновации, трансфер кон технологии, но можен ли е тој развој ако помалку од 1 промил од државниот буџет се одвојува за наука? Европскиот просек е 20-30 пати повисок.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Издвојувањата за наука од Бруто домашниот производ се сè помали и помали. И сега се на едно незначително ниво од 0,3 проценти. Со тие средства кои се главно средства за исплата на плати во научните институти и некогаш за набавка на некоја поситна научна истражувачка опрема за лабораториите или преводи на книги, апсолутно не се доволно средства за развој на наука, меѓутоа универзитетот ќе бара други алтернативни извори за финансирање на истражувачката активност. Ќе направам максимални напори да се обезбедат материјални средства, да се платат членарините во интернационалните конзорциуми ма ЕРИКС мрежата, тоа е европската научна мрежа каде што нашите единици кои се прилично ориентирани кон наука, како што се единиците до техничкиот кампус, медицинскиот, па и од општествениот, биохемискиот да може многу полесно да дојдат до проекти, да дојдат до финансиски средства. На тој начин ќе добиеме и дополнителен know how, на кој дополнително ќе можеме да го трансферираме од странските искуства кон нашиот универзитет со цел да испорачаме поквалитетно знаење, поквалитетни предавања, бидејќи тие се во фокусот на нашата мисија.
Видете и ова: Далеку е „Шангај“ кога студентите се само бројкаПредизвик е вработувањето на кадар и платите на вработените во високото образование. Пристојни ли им се платите на вработените?
Не, апсолутно не. Никогаш порано во историјата универзитетските професори немале пониски плати. Универзитетските професори во Македонија, во моментот, имаат најниски плати во Европа и во регионот. Таа е некаде околу 800-900 евра за редовен професор. Тоа мора да се промени во иднина. Ние досега имавме еден колективен договор кој се имплементираше две години, и заврши во текот на мај оваа година, кој за жал, за разлика од останатите колективни договори со кои се регулираат работничките права, меѓу кои и платите, бевме врзани со фиксен коефициент. Можам да кажам еден од најлошите колективни договори што сме ги имале. Во сила од 2024 влегува новиот колективен договор со кој се предвидува зголемување на платите за 25 отсто во 2024 година, и уште толку во текот на 2025-та година. Се надевам дека Владата доследно ќе го почитува договореното.
Од една страна нема кадар, од друга страна платите се мали. Како со такви плати да се привлече кадар?
Доцентите имаат плата на ниво на просечна плата во Република Македонија. А асистентите со магистратура имаат под македонскиот просек. Тешко е да привлечете подмладок во една ваква ситуација. А реков дека научено истражувачки подмладок се создава, се гради во еден просец, од неговото вработување, од препознавање на талентот за време на студиите, па понатака во целиот негов кариерен развој преку магистрирање, докторирање и вклучување во наставните процеси. Затоа сметам дека Универзитетот ќе треба да преземе мерки, она што се во наши ингеренции, а тоа е да ги поттикнеме младите истражувачи со материјални средства овозможувајќи им пристапи до проекти, средства за објавување трудови, за да може да направат научно истражувачка основа што во иднина ќе им овозможи побрз, поефикасен, поуспешен кариерен развој.
Видете и ова: Тешко до наука без пари, само со ентузијазам и странски проекти
УКИМ не е на Шангајската листата на најдобрите 1000 универзитети во светот. Има ли капацитет УКИМ да дојде на листата на тие први универзитети?
УКИМ го има целокупниот човечки капацитет за да се најде таму, меѓутоа потребни се финансиски средства. За да се реши оваа прашање, да се најде на Шангајска листа која рангира до 1000 универзитети, иако проценува над 40.000 универзитети, рангот е само на првите илјада, потребни се дополнителни финансиски средства до државата. Мора да издвои државата од својот буџет за да финансира фундаментални истражувања, да финансира во софистицирани лаборатории од кои можат да произлезат иновации кои ќе влезат во часописите со импакт фактор кои се вреднуваат на шангајската листа. Како што се иновации во 21 научно-истражувачки области дефинирани од страна на Шангајската листа, со цел да можеме конечно да се најдеме таму. Има критериуми кои не можеме да ги задоволиме, барем не засега, тоа се 30 отсто од критериумите кои се однесуваат на вработени алумни или нобеловци, меѓутоа останатите критериуми со значително вложување во наука можеме да ги постигнеме.
Колку дисперзираните студии влијае на квалитетот на образование. Треба ли да постојат?
Дефинитивно не. Тоа беше една епизода, таа се заврши, имаше дисперзирани студии во повеќе градови. Се знае дека студентскиот живот е на Универзитетот, во оваа средина во која се обезбедени сите предуслови за да се одвива наставата. Не може наставата да се одвива во импровизирани услови, со патувања кои се на подалечни дестинации, кои генерално го нарушија квалитетот. Не може да дадат исто таков квалитет како квалитетот кој се одвива овде на универзитетот.
Видете и ова: Да се стави ред кој и како може да отвори факултетКолку сте задоволни од сегашниот Закон за високо образование кој се донесе пред неколку години по протестите на Студентскиот и на Професорскиот Пленум? Треба ли нешто да се менува?
Законот има определени слабости, има делови кои се пререгулирани, а има делови кои не се детално регулирани. Можеби потребно е во законот повторно да се врати оној дел кој се однесуваше на избор на наставниците во наставнички звања, каде што се бараше објавување на трудови со импакт фактор, бидејќи видовме дека во тој период кога го имаше регулирано тој дел со претходниот закон, тогаш имавме висока научно истражувачка продуктивност, тогаш нагло скокна таа продуктивност на сите универзитети, и на нашиот најмногу.
Друго, мандатите на студентите кои сега се по една година, тоа се мандатите на студентите во факултетските студентски собранија, во универзитетското студентско собрание. Мандатот е прекраток, студентите се наши партнери, ние постојани работиме со нив и за нив, меѓутоа брзо се вршат тие промени, би требало да се хармонизираат со мандатите на деканите, на ректорот и проректорите.
Исто така сметам дека подетално треба да биде финансиската и кадровската автономија, бидејќи тие навистина се прилично нарушени и но во засегаат секојдневното работење.
Ова начелно се основните работи што би требало да ги регулира законот, има и некои работи кои се недоречени, односно недовршени од овој закон, како на пример формирање на Националната рамка на квалификации и занимања во високото образование. Таа се направи во средното, предвидена е и со овој закон за високо, меѓутоа се уште не е донесена, се надевам дека сега ќе се среди и овој аспект на законот.