Достапни линкови

Тешко до наука без пари, само со ентузијазам и странски проекти


Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ Скопје
Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ Скопје

Државата двои малку пари за научно истражувачки проекти во високото образование. Критики има многу, решенија малку. Или како што вели професорот Ивица Милевски, се е оставено на ентузијазмот на малкумина.

Во изминатите пет години професорот Ивица Милевски, од Институтот по геграфија успеа да издаде десетина научни трудови во влијателни научни списанија. Како ентузијаст и професор во држава што многу малку вложува во наука, тој мораше да бара начини како да дојде до средства за да ги прави истражувањата. Од пари за превоз, на пример кога се патува во планините за да се истражуваат карпите во Македонија, за соработници, за лабораториски испитувања... И потоа, по многу непроспиени ноќи средувајќи го истражувањето над компјутер, да размислува како да се објави трудот во влијателно научно списание што може да чини и по неколку илјади евра.

Се присетува дека последното поголемо истражување финансирано од државата го работел пред петнаесетина години. Сега мора да се снаоѓа и да прави соработки со странски институти и научници, па на тој начин да го задоволи својот глад за наука. Но на овој начин, вели, тешко е да се најде работа на проекти кои се од главен интерес на Универзитетот, но и на државата.

„Ние обично се уште во Македонија, народски кажано, се шлепаме на истражувачи и проекти од други држави. Зошто? Затоа што свои немаме, односно Министерството за образование и наука со години, односно веќе можеби петнаесетина години нема финансирано проекти коишто би биле особено од домашен интерес. Значи ние работиме проекти, меѓутоа често се од аспект или од некаков интерес на некој странски универзитет, научна институција. Така што, пробуваме преку нив, тие да ги плаќаат трошоците за труд, за да може нешто да биде објавено“, искрен е Милевски.

И покрај најавите за зголемување на буџетот за наука и научно-истражувачки проекти, и во 2022 година растот е далеку помал од очекуваниот. Така ако за лани под ставката наука имало предвидено 448 милиони денари, годинава има 462 милиони, но значителен раст има во ставката научно-истражувачки проекти.

Апел од Ректорот на УКИМ за повеќе пари во наука

Изминатите години за наука во просек се двојат по само 0,1 отсто БДП, што е далеку под потребните средства, но и далеку зад парите што ги двојат европските држави.

Проблемот го знае и Ректорот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“(УКИМ), Никола Јанкуловски. Апелира за поголеми издвојувања, но не дава конкретно решение.

„Со децении наназад многу малку се вложува во науката во нашата земја, така што ние постојано апелираме да сите влади и власти наназад, меѓутоа не сме задоволни од одговорот што го добиваме и лично сметам дека сме најслаби во регионот, да не зборуваме пошироко. Ако кажам дека еден постојан процент што с е врти во јавноста, дека 0.1 % од БДП се одвојува за наука, што сметам дека е и далеку помал во нашата земја. Во околните да речам земји во регионот е околу 1%, а во европските земји се движи некаде околу 2 отсто, па и над 2. “, вели Ректорот Јанкуловски, во интервјуто на Радио Слободна Европа, кое ќе го емитуваме во недела.

Тој забележува дека и овие средства од 0,1 % од БДП, не се трошат исклучиво за научни истражувања, туку и за плаќање школарини во странство кои вели дека немаат никаква допирна точка со науката.

Така, во изминатата деценија, од овие средства околу 11 милони евра биле дадени за додипломски, магистерски и докторски студии за најдобрите универзитети во странство. Иако минаа многу години, државата не направи систем како да ги искористи овие студентите кои ги стипендирала, ниту начин како овие умови да ги задржат во земјава.

За професорката Бојана Наумовска, финансирањето на додипломски студии не може да се смета за инвестиција во наука.

„Овие стипендии влегуваат во делот издвојување на МОН за наука, што апсолутно не би можело да биде. Значи додипломските се студии се далеку од наука и не би требало да влегуваат во тој фонд и како такви да се сметаат дека се инвестира во науката“, забележува Стојановска.

И нејзиниот колега, професорот Петар Атанасов од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, кој пред неколку години беше и заменик министер за образование го согледал проблемот со инвестициите во наука. Вели дека во изминатите 15 години е вложувано во квантитет, но не и во квалитет. Професори и научници од земјава, укажува тој, не можат да си дозволат ниту патувања во странство за присуство на научните конференции. И покрај најавите дека вложувањата ќе растат, не забележал никакви промени. Затоа смета дека на земјава и треба Фонд за наука.

„Мора да се формира еден фонд за наука, каде што ќе можат факултетите или професорите од различни науки да добиваат редовно средства, индивидуално и тимски, но и на ниво на факултет можеби. Каде ќе можат да се инвестираат многу повеќе. Бидејќи нашиот образовен систем е мал, не е автономен, му треба поддршка. Во овој момент имаме многу малку вложување и најоштетени се или најмалку се вложувало во општествените науки“, смета Атанасов.

„Не може Брисел да се секира за нашата наука“

Во прилог на ова оди и неодамнешното истражување на Независниот академски синдикат кое покажа дека самите професори го оценуваат нашето образование како просечно, а науката ја нема.

Она што дополнително го револтира, е очекувањето дека професорите мора да наоѓаат проекти од странство.

„Често слушам, па вие аплицирате во Брисел. Не може Брисел да се секира за нашата наука и нашиот развој. Пред се мора државата т.е владата што ги има ресурсите да ги вложи. Ние дополнително може да најдеме и други извори, но основното мора да дојде од Владата и од Министерството“, дециден е Атанасов.

И професорот Милевски забележува дека полека стануваме „научна колонија“. Забележува дека и последните промени на Законот за високо образование не го решија проблемот. Со нив, место да се подобат инвестиции во наука, само се олесниле постапките за некој да стане професор, забележува тој. Па затоа смета дека сета истражувачка работа сега се базира главно на ентузијазам.

Денеска тој работно патува за Србија. И повторно, новиот научно-истражувачки проект на којшто работи е во соработка со истражувачи од странство, бидејќи Македонија нема пари за наука.

Во последниот буџет за 2022 година стои дека активностите на Министерството за образование и наука ќе бидат насочени кон четири приоритети. Два од нив се обезбедување квалитетно високо образование и зголемено вложување и развој на науката, истражувањето и иновациите. Така, според индикаторите за успех, планот е ако бројот на финансирани научно-истражувачки проекти бил 15 во 2020, 40 во 2021, тој да порасне на 80 проекти годинава.

Лани, дополнителни средства за наука во висина од 17,3 милиони денари беа обезбедени од МОН како поддршка за развој на лабораториската инфраструктура во рамки на научните и високообразовните установи. Одредени средства се предвидени и за објавување научни трудови во влијателните списанија.

Професорите ги поддржуваат ваквите активности, но сметаат дека не смеат да бидат замена за системски вложувања во науката.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG