Осомничениот Томас Метју Крукс бил застрелан и убиен од тајната служба по само неколку секунди откако тој наводно пукал кон бината каде што поранешниот американски претседател Доналд Трамп зборувал на предизборен митинг во Батлер, Пенсилванија.
ФБИ соопшти дека работи на утврдување на мотивот за нападот, во кој загина еден учесник на митингот, а двајца се тешко ранети. Трамп беше застрелан во уво и сега се чувствува добро.
Евиденцијата на гласачите во Пенсилванија покажува дека Крукс бил регистриран републиканец. Но, претстојните избори на 5 ноември требаше да бидат првите за кои Крукс би бил доволно возрасен да гласа за претседател.
Крукс живеел околу еден час од местото каде што се случило пукањето во Батлер. Федералната управа за авијација во неделата соопшти дека го затворила воздушниот простор над паркот Бетел поради „посебни безбедносни причини“.
Кога Крукс имал 17 години, тој направил донација од 15 долари за ActBlue, политички акционен комитет кој собира пари за левоориентираните и демократските политичари, покажува пријавата на Федералната изборна комисија од 2021 година.
Донацијата била наменета за Прогресивен проект за излезност, организација која ги повикува демократите да излезат.
Таткото на Крукс, 53 годишниот Метју Крукс за американскиот медиум Си-Ен-Ен изјави дека се обидува да открие што се случило и ќе почека додека не разговара со полицијата и надлежните пред да зборува јавно за својот син.
Томас Крукс дипломирал на средното училиште Бетел Парк во 2022 година, според Питсбург Трибјун-Ревиз. Тој доби награда од 500 долари од Националната иницијатива за математика и наука, пишува весникот.
На видеото од церемонијата на дипломирање во 2022 година, обезбедено од „Њујорк тајмс“, се гледа како Крукс ја добива својата диплома за средно училиште со аплауз. На видеото од церемонијата што е објавено на интернет се гледа како Крукс со очила во црна униформа за матура позира со службеник на училиштето. Ројтерс не можеше веднаш да ја потврди автентичноста на видеото.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Официјални лица за спроведување на законот во саботата изјавија дека Крукс не носел легитимација на местото на пукањето и дека мора да биде идентификуван со други методи.
„Во моментов ги гледаме фотографиите и се обидуваме да ја тестираме неговата ДНК и да добиеме биометриска потврда“, рече специјалниот агент на ФБИ Кевин Роек за време на брифингот со новинарите.
Американскиот медиум „USA Today“ објави дека десетици полициски возила биле паркирани пред домот, односно наведената адреса во документите за гласање на Крукс.
Периметарот на резиденцијата на осомничениот во неделата беше опколен со жолта полициска предупредувачка лента.
Ројтерс не можеше веднаш да ги идентификува точните профили на Крукс на социјалните мрежи или онлајн објавите. Матичната компанија на Фејсбук и Инстаграм, Мета не одговори веднаш на прашањата на Ројтерс, дали платформите отстраниле какви било профили или објави поврзани со осомничениот.