Поранешниот американски претседател Доналд Трамп беше ранет во, како што рекоа претставниците на законот, „обид за атентат“ за време на предизборен митинг во западна Пенсилванија.
Трамп подоцна рече дека бил застрелан во увото, а на видеото од митингот на 13 јули се виде крв што тече од десната страна на неговото лице, додека агентите на тајната служба го симнуваа од бината каде што требаше да оддржи предизборен говор.
Две лица беа убиени, меѓу кои и осомничениот стрелец, а двајца други во публиката беа ранети, јавуваат американските медиуми. ФБИ подоцна го идентификуваше осомничениот вооружен напаѓач како Томас Метју Крукс, 20-годишен маж од град недалеку од градот Батлер, каде што се одржа собирот.
Асошиетед прес објави дека полицијата открила полуавтоматска пушка слична на американската воена пушка М16 - на местото на настанот. Станува збор за популарно оружје кое е лесно достапно за продажба низ САД.
78-годишниот претпоставен републикански кандидат Трамп штотуку почна со својот говор кога од публиката се слушнаа неколку истрели, што предизвика вресок од толпата.
Тогаш можеше да се види како Трамп посегнува со раката кон десното уво пред брзо да се спушти зад подиумот.
Членовите на тајната служба, кои се назначени да го штитат Трамп, како и другите врвни политички лидери, набрзо го опколија на сцената и потоа го симнаа од неа.
Додека тој стана и беше изнесен од бината, крв беше видлива на десното уво и образ на Трамп. Агентите на Тајната служба го втурнаа во автомобил и го напуштија местото.
Додека го водеа од бината, Трамп се сврте кон толпата, ја вивна тупаницата во воздух и изгледаше како да вика „борете се, борете се!“
„Неверојатно е таков чин да се случи во нашата земја“, напиша Трамп на својата социјална платформа „Truth Social“ по пукањето.
Агентот на ФБИ задолжен за локалната канцеларија на бирото во Пенсилванија изјави дека пукањето се истражува како „обид за атентат“.
Во изјавата објавена на социјалната платформа „X“ порано позната како Твитер кратко по инцидентот, портпаролот на тајната служба Ентони Гуглиелми рече дека напаѓачот бил „неутрализиран“.
Трамп беше лекуван во локалната болница, пред да одлета во неговиот клуб за голф во соседниот Њу Џерси. На видеото од неговото пристигнување објавено од официјален претставник на кампањата се гледа дека Трамп до клубот е придружуван од тешко вооружени агенти на тајната служба.
Бајден го осуди политичкото насилство врз Трамп
Престрелката доаѓа два дена пред отворањето на републиканската национална конвенција на која се очекува бизнисменот и поранешна реалити телевизиска ѕвезда да ја обезбеди номинацијата на партијата и помалку од четири месеци пред изборите на 5 ноември.
Пенсилванија се смета за една од клучните држави кои ќе го одредат исходот на изборите.Потпретседателката Камала Харис беше во државната кампања на истиот ден со митингот на Трамп.
Претседателот Џо Бајден, кого Трамп го предизвикува на изборите во ноември, рече дека е благодарен што слушнал дека Трамп е безбеден и здрав.
„Се молам за него и неговото семејство и за сите оние кои беа на митингот, додека чекаме дополнителни информации“, рече Бајден во изјавата.
„Нема место за ваков вид насилство во Америка. Мораме да се обединиме како една нација за да го осудиме“, додаде Бајден.
Според објавеното на веб-страницата за изборната кампања на Трамп, засега не се предвидени други настани за поранешниот претседател пред конвенцијата.
„Трамп со нетрпение очекува да ви се придружи на сите во Милвоки додека продолжуваме со нашата конвенција“, се вели во кусото соопштение објавено на веб страницата.
Конгресот ќе закаже сослушување по овој настан
Американските политичари го осудија пукањето врз Трамп, кој беше претседател од 2017 до 2021 година.
„Политичкото насилство нема место во нашата земја“, напиша лидерот на мнозинството во Сенатот Чак Шумер на социјалната мрежа „Х“, додавајќи дека е „ужаснат“ од веста и среќен што Трамп е безбеден.
„Овој ужасен чин на политичко насилство на мирен предизборен митинг нема место во оваа земја и треба едногласно и насилно да се осуди“, рече претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон во објавата на X.
Тој исто така рече дека Конгресот ќе закаже сослушувања за да ги знае околностите зад пукањето и како некој можел да донесе оружје на митингот.
Тајната служба, која обезбедува заштита на политичките претседателски кандидати како Трамп, спроведува и безбедносни проверки за политички собири.
Светските лидери го осудија обидот за атентат
Светските лидери го осудија пукањето врз републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, инцидент што ја разбранува предизборната кампања во САД и ги зголеми стравувањата од дополнително политичко насилство.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш „недвосмислено“ го осуди она што ФБИ го опиша како обид за атентат.
„Генералниот секретар недвосмислено го осудува овој чин на политичко насилство. Тој ги испраќа своите најдобри желби до претседателот Трамп за брзо закрепнување“, рече портпаролот на Гутереш, Стефан Дужарик.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека е „длабоко шокирана“ од пукањето.
„Политичкото насилство нема место во демократијата“, напиша таа на социјалната платформа „X“ порано позната како Твитер.
„Му посакувам на Доналд Трамп брзо закрепнување и му изразувам сочувство на семејството на невината жртва“, напиша фон дер Лајен.
Канадскиот премиер Џастин Трудо рече дека се ужаснал од веста за пукањето.
„Не може да се протцени, политичкото насилство никогаш не е прифатливо. Моите мисли се со поранешниот претседател Трамп, со сите луѓе кои присуствувале на настанот и со сите Американци“, напиша тој во објавата за социјалната платформа „X“.
Италијанскиот премиер Џорџија Мелони изрази „солидарност“ со Трамп, додека францускиот претседател Емануел Макрон му посака „брзо закрепнување“, а пукањето го нарече „трагедија за нашите демократии“.
„Франција го споделува шокот и огорченоста на американскиот народ“, напиша Макрон во објавата за X.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој го посети Трамп во неговиот дом на Флорида претходно оваа недела, рече дека неговите мисли и молитви се со поранешниот претседател на САД.
И претседателот на Украина, кој во минатото имаше напорни односи со Трамп, рече дека бил згрозен кога слушнал за пукањето.
„Таквото насилство нема никакво оправдување и нема место никаде во светот. Насилството никогаш не треба да преовладува“, напиша Володимир Зеленски во објавата до Х.
„Се молиме за неговата безбедност и брзо закрепнување“, рече израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во објава за X.
Американската историја бележи неколку обиди за атентати врз политичари
Иако политичкото насилство е ретко во Соединетите Држави, неколку претседатели или кандидати се застрелани во текот на историјата на земјата.
Последен таков обид за политичко насилство историјата го бележи оној врз американскиот претседател Роналд Реган кој беше застрелан и тешко ранет додека го напушташе настанот во хотел во Вашингтон во 1981 година.
Во 1975 година, претседателот Џералд Форд беше неповреден во два одвоени обиди за атентат.
Четворица американски претседатели - Џон Ф. Кенеди, Абрахам Линколн, Џејмс Гарфилд и Вилијам Мекинли - се убиени.