Мигранти сведочат: Србија со тортура не враќа во Северна Македонија
„На српска територија полиција нè тепаше, а ни пуштија и кучиња“, сведочат за РСЕ мигранти кои се обиделе илегално да влезат во Србија од Северна Македонија. На насилство се жалат и мигранти кои успеале да ја преминат границата. Српската полиција негира.
Јасмин Реџепи од невладина организација Легис, чии активисти се на терен и во кампот во Табановце и во пограничните села, вели дека мигрантите и досега се жалеле дека се жртви на насилство на српската полиција. Во изминатиот период регистрирани се неколку случаи на тепани мигранти од Србија во Северна Македонија, вели тој.
Сè поголемиот број на принудни протерувања на бегалците го бележат и активистите во Србија.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Тоа протерување во последните неколку месеци сè повеќе вклучува прилично брутални методи, пред сè физичко насилство, но и понижување на бегалците при ова протерување“, вели Милица Швабиќ од белградската невладина Кликактив.
Во меѓувреме, продолжува и шверцот на мигранти. Во извештајот на МВР се објаснува како функционира криумчарењето. Мигрантите од Грција пеш влегуваат во Северна Македонија преку илегални влезови. Нив ги чекаат луѓе со моторни возила и ги носат до села во близина на границата со Србија. Транспортот се врши со патнички возила на кои се поставени лажни или пак регистарски ознаки од други возила, а во мал број случаи и со товарни возила и комбиња, а возачите откако ќе ги забележат полициските патроли, ги оставаат возилата со мигрантите покрај патот и бегаат.
И македонските државјани, без пасош со новото име, исто така не можат преку граница
Стотици илјади граѓани сеуште немаат нов пасош и не знаат кога ќе успеат да ги добијат. Закажувањето за фотографирање, фотографирањето и подигањето на новите пасоши, се чини дека е подобрено, но сеуште има проблеми. Го посетивме пунктот на МВР во Македонската телевизија, каде што има подобрување, но граѓаните и натаму тешко ги добиваат новите пасоши. Од неодамна, за личните документи, им помага и Народниот правобранител.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Не можат сите и да се кандидираат на изборите
„Подмолно“, „подметнато како тројански коњ“, „удар врз демократијата“, се дел од епитетите со кои независни советници зборуваат за начинот на кој беше зголемен прагот за бројот на потписи што во иднина ќе треба да го соберат независните листи доколку сакаат воопшто да учествуваат на избори.
Ваква промена не била дел ниту од предлозите што ги дала работната група за измени на Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР, тврди претседателот на ова работно тело, адвокатот Александар Новаковски.
Новите правила значат дека независните листи за пратеници во Собранието и советници во локалните совети, како и независни кандидати за градоначалници ќе треба да соберат потписи од 1% од вкупниот број гласачи запишани во конкретната изборна единица или општина за да може да се најдат на гласачкото ливче.
Во пракса ова значи дека ако за поднесување независна листа за пратеници во која и да е од шесте изборни единици досега се бараа 1.000 потписи, сега ќе бидат потребни од околу 2.500 до 3.500, зависно од големината на изборната единица.
Ваквите промени во јавноста поминаа незабележано на седницата во Собранието на 7 март бидејќи беа донесени во пакет со измените кои се направија со цел да им се овозможи на граѓаните кои немаат важечки лични документи да гласаат на претстојните претседателски и парламентарни избори.
Зет на Заев обвинет за случајот „корнишони“
Основното обвинителство во Велес поднесе обвинение против Атанас Костов, зет за прва братучетка на Заев, Емилија Заева Костова.
Осомничен е дека со фиктивни фактури се обидел имотот на сопствената фирма „Дена Продукт“ да го префрли на фирмата „Глобал Трејд“ во сопственост на неговата сопруга со цел да избегне да и го плати долгот на австриската компанија АММА од 4 милиони евра.
Граѓанскиот суд во Скопје отвори стечајна постапка за фирмата „Дена Продукт“ во исто време кога велешкиот суд забрани отуѓување на имотот.
Австриската амбасада го следи судскиот процес во Велес.
РСЕ присуствуваше на подготвителното рочиште во судот во Велес кое се одржа на 12 февруари 2024 година, но таму не се појави ниту еден од обвинетите. Според обвинението во кое РСЕ имаше увид, Костов со помош на фиктивни фактури сакал да ја „осиромаши“ сопствената фирма, со цел австриската АММА, на која и должи околу 4 милиони евра, да не може да си го наплати долгот.
АММА има правосилна пресуда која ја доби на арабитражен суд во Виена, а РСЕ пишуваше за начинот на кој Костов успеал да ги „изигра“ сопствениците на АММА од Австрија во врска со производство и дистрибуција на корнишони.
Пропаднати странски инвестиции
Македонија е меѓу земјите од регионот кои се уште не можат да го надминат годишниот праг на странски инвестиции од една милијарда евра. Податоците на Народната банка покажуваат дека во 2023 година вкупните директни инвестиции во Македонија изнесувале 616,7 милиони евра, што е слично на нивото на БиХ, Црна Гора и Косово.
Видете и ова: Странските инвестиции останаа во странствоЗначителни зголемувања на странските инвестиции нема и покрај ветувањата на власта дека тоа ќе се случи откако земјата ќе стане членка на НАТО. Србија која не е членка на НАТО, во 2023 година имала нето приливи од директни странски инвестиции од 4,5 милијарди евра. Меѓу земјите од ЕУ и НАТО кои го надминуваат прагот од милијарда евра на годишно ниво се Хрватска, Словенија, Албанија и Бугарија.
Власта на СДСМ и покрај тоа што ја критикуваше политиката на ВМРО-ДПМНЕ за привлекување на странски инвестиции, таа не направи значителни промени во стратегијата, ниту, пак, воспостави нова, a во меѓувреме најавуваше големи странски инвестиции, од кои дел пропаднаа.
Пет поенти за претседателските избори во Русија
Во Русија, наредниот викенд, се одржуваат претседателски избори, на кои актуелниот претседател Владимир Путин, речиси сигурно ќе победи. Опозицијата е елиминирана, медиумите се под контрола, независни посматрачи нема.
Со тоа, Путин ќе биде со најдолг стаж на лидерската позиција во Русија, по Сталин.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Да ја заштитиме јавноста од неквалитетни новинари
Идејата за Советот за Етика е да биде тело за морални санкции за неквалитетни новинари, повторното давање пари од државната каса за платена политичка реклама, како и новинарството некогаш и сега се теми на разговор во поткастот „Зошто“ со познатиот македонски новинар и Претседател на Комисијата за жалби при Советот за етика Мирче Адамчевски.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Рокерката Михаела: „Ме исмеваа што не сум по турбо-фолкот“
Со електрична гитара во рака и песни на кои е кант-авторка, гостиварчанката Михаела Антеска сака да стигне до светската музичка сцена. За музиката „влече“ гени од нејзиниот татко Владо Антески, поранешен гитарист и тапанар во групата Ареа. За пишувањето на текстови, пак, вели дека наследила талент од мајка си, Љупка Антеска, која е новинарка и поетеса. Сама најдобро можам да искажам што чувствувам, вели рокерката која сака да се држи надвор од „калапот“ и да остане бунтовна, каква што е и музиката која ја сака.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се ТУКА. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл Nakevl@rferl.org