Спиропали - ЕУ да продолжи да нуди јасен и достапен пат до членство

Претседателката на парламентот во Албанија, Елиса Спиропали, во официјална посета на Северна Македонија, каде ја пречека претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Гаши порача дека интеграцијата во ЕУ е важно не само за двете земји туку и за целиот регион. Спиропали порача дека ЕУ треба да нуди јасен пат за членство на целиот Западен Балкан, а последните пораки од Брисел ги оцени како „надежни“.

Северна Македонија и Албанија очекуваат заеднички да го продолжат патот кончленство во Европската Унија (ЕУ), е порака која денеска (23 септември) ја испратија претседателите на парламентите на двете држави, Африм Гаши и Елиса Спиропали.

Спиропали е во официјална посета на Скопје каде се сретна и со лидерите на опозициските партии СДСМ, Венко Филипче, и ДУИ, Али Ахмети, како и со поранешниот претседател на Собранието Талат Џафери.

Со Гаши имаа и заедничко обраќање пред медиумите од двете држави.

„На средбата искажавме очекување и надеж дека нашите две земји заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција. Сметаме дека тоа е многу важно како за нашите две земји така и за останатите земји од регионот бидејќи заедничка ни е посветеноста за сеопфатен развој на Западниот Балкан“, рече Гаши.

Видете и ова: Лидерите на Западен Балкан на разговор за реформската агенда во Брисел

„ЕУ да нуди јасен пат за членство“

Тој додаде дека проширувањето е една од најдобрите политиките на Унијата како геостратешка потреба и „долгорочна инвестиција за цела Европа во политичка, безбедносна и економска смисла“.

Спиропали рече дека двете земји имаат долги искушенија, но и сопствени назадувања во напорите да се обезбеди интеграција во ЕУ.

„Ние силно и недвосмислено ја поттикнуваме европската перспектива на Република Северна Македонија. Што се однесува до Албанија, членството во ЕУ останува наш стратешки приоритет, како во внатрешната, така и во надворешната политика. Ние веруваме дека ЕУ треба да продолжи да нуди јасен и достапен пат кон членството за двете наши земји, како и за целиот наш регион на Западен Балкан“, порача Спиропали.

Таа нагласи и дека жали што Северна Македонија не ги исполнила обврските за уставни измени.

Многу предизвици пред Балканот

Соработката помеѓу двете држави, но и во регионот, двајцата претседатели на Собранието ја истакнаа како важна за иднината.

„Заклучивме дека во наредниот период уште многу предизвици го очекуваат Балканот за што е потребна наша поголема меѓусебна соработка, поддршка и помагање со цел нашите граѓани што поскоро ја живеат во благосостојба“, рече Гаши.

Видете и ова: Скопје и Софија – Од културна дипломатија до протестна нота

Кога е во прашање перспективата на регионот, претседателката на албанскиот парламент се осврна и на минатонеделниот состанок во Брисел на лидерите од Западен Балкан со претседателката на Европската Комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен која го претстави новиот состав на ЕК.

„Пораките од Брисел за време на средбата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, со лидерите на Западен Балкан се надежни дека земјите од нашиот регион припаѓаат на Европа и дека Европската унија и Западен Балкан ги зближуваат своите економии и пазари преку Планот за раст од шест милијарди евра за регионот“, оцени Спиропали.

Пораката која на 19 септември, кога се одржа состанокот во Брисел, ја испрати фон дер Лајен беше дека сите шест земји партнери од Западниот Балкан и припаѓаат на Европа.

„Тоа е она на кое што работиме. Паралелно, ги доближуваме нивните економии и пазари до нашите со нашиот План за раст од 6 милијарди евра за регионот, наведе Фон дер Лајен во објава на Икс.

Покрај за перспективите во ЕУ, гостинката Спиропали со домаќинот Гаши зборуваа и за билатералните односи на Северна Македонија и Албанија.

Гаши, меѓу другото, порача дека мора да се продолжи со изградба на патиштата, енергетското и железничкото поврзување на двете држави во рамки на Коридорот 8. Спиропали, пак, ја искористи можноста да порача дека очекува оти „ќе продолжи пропорционалната и правична застапеност на Албанците во институциите во Северна Македонија, како и дека ќе има целосна имплементација на Законот за јазиците.

Северна Македонија и Албанија досега заедно чекореа по евроинтегративниот пат. На 19 јули 2022 година тие ги одржаа првите меѓувладини конференции со ЕУ, но досега ниту една од нив не ги отвори првите поглавја.

Видете и ова: Тајани: Ако не подадеме рака на Балканот, некои како Русија и Кина ќе сакаат да не заменат

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји на конференција за Заедничката надворешна и безбедносна политика и Заедничката безбедносна и одбранбена политика во Будимпешта на почетокот на септември изјави дека целта е во октомври да се одржат нови меѓувладини конференции со Србија, која веќе има отворено кластери, и со Албанија, „а можеби и со Северна Македонија“.

За Скопје да продолжи понатаму (втора меѓувладина конференција и отворање поглавја) треба да направи уставни измени со кои ќе ја вметне бугарската заедница во Преамбулата од Уставот. Меѓутоа, новата власт во земјата не се согласува со овој услов најавувајќи дека ќе се обиде да издејствува „уставни измени со одложено дејство“ односно тие да се направат сега, но да важат од моментот на полноправното членство на Северна Македонија во ЕУ.