Помалку од една година ќе има новото раководство на социјалдемократите да ги збие редовите, да се консолидира и да се обиде да направи добар резултат на следното изборно соочување со политичките ривали. Периодот е краток, а работата што го очекува новиот партиски врв, оценува поранешниот партиски лидер и премиер Владо Бучковски, е „ѓаволски тешка“ бидејќи ова е најдлабоката криза во која западнал СДСМ.
Во чии раце, покрај кај актуелниот лидер Венко Филипче, ќе биде жешкиот костен по најтешкиот изборен пораз што го доживеа СДСМ во својата историја, се очекува да биде познато в недела (24 ноември) за кога партијата закажа Конгрес на кој треба да се избере новиот Централен одбор.
Но, не само за сопствениот рејтинг и резултат, консолидирана и гласна опозиција е важна и за македонското општество.
„Важно е, еден од столбовите на македонскиот плурализам се СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Во секој случај, силен СДСМ како предводник на идната опозициска коалиција е исклучително важен затоа што апсолутна власт, владејачката коалиција веќе доаѓа до две третини, носи многу опасности“, вели Бучковски за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Видете и ова: Политичка клима – поблиску до помирување или поларизацијаВладејачката ВМРО-ДПМНЕ која на изборите во мај освои 58 мандати, заедно со коалициските партнери Вреди (14 мандати) и ЗНАМ (6 мандати) има 78 пратеници во 120-члениот парламент.
СДСМ се сведе само на 18 што водеше до оставки на раководството, вклучително и од поранешниот премиер и лидер Димитар Ковачевски.
Тоа го отвори патот актуелниот пратеник Венко Филипче, кој е поранешниот министер за здравство во владата на Зоран Заев, да победи на внатрепартиските избори за нов лидер што се одржаа на крајот на јуни.
Рано е за оценка за Филипче, треба нова стратегија
Во речиси петте месеци од неговото претседателствување досега се слушаше и поддршка, но и незадоволства кои одеа дотаму што поранешни функционери обвинуваа и за „заробена партија“.
Ваквите кризи, според политичкиот аналитичар Петар Арсовски, се очекувани во секоја партија откако ќе загуби избори. Тоа, вели тој, сега се случува и во демократската партија во САД чија кандидатка Камала Харис беше поразена на изборите од републиканецот Доналд Трамп.
„Треба да се заврши конгресот за избор на ново раководство и тоа треба да покаже некаква политичка, комуникациска стратегија итн. Мислам дека овој период на различни мислења околу иднината на партија е нормален, се случува во секоја партија после полош резултат на изборите. Но, треба да се почека малку за првите резултати за да може да констатираме дали се консолидирани или не. Сепак, тоа се мери со резултати, а не со изјави на сегашни или бивши функционери“, вели Арсовски за РСЕ.
Видете и ова: Петровска: Немам амбиција да сум дел од раководството на СДСМДа се почека Конгресот в недела бидејќи важно ќе биде што ќе се случи и какви ќе бидат одгласите од него, посочува и Бучковски. Неговите очекувања се „работите да тргнат кон подобро“ и нагласува оти консолидацијата не е процес што се случува преку ноќ.
„Забележливо е дека ангажманот на Филипче во изминатите месеци дава резултати, но тие се уште скромни. Според мене најбитно е да се задржи атмосферата на солидарност, СДСМ секој пат кога бил во опозиција покажувал многу повеќе солидарност отколку кога бил на власт. Во секој случај мислам дека на Филипче ќе му биде полесно кога ќе има раководство. Има многу нагаѓања кој сè ќе биде во новото раководство, но, подобро е да се направи некоја грешка во изборот отколку воопшто да нема раководство како што немаше изминатите четири месеци“, смета Бучковски.
Кога го закажаа конгресот за 24 ноември, социјалдемократите, пак, оценија дека успеале да ја подобрат внатрепартиската атмосфера.
„Заедничка е оценката дека интензивната работа во изминатиот период води до консолидација на СДСМ, забележано е подобрување на атмосферата во општинските организации и до постепено враќање на довербата“, пишуваше во партиското соопштение во кое се најави изборот на ново раководство.
Ќе се продолжи ли мандатот на Филипче?
В недела, според најавите ќе се формира нов состав на Централниот одбор, кој пак, според статут, е надлежен да ги избере партиските потпретседатели, генералниот и организацискиот секретар… Токму кога е во прашање организацискиот секретар од партијата најавија статутарани измени за воведување на два наместо еден поради „засилување на оперативната работа“.
Заменик-претседателот, пак, го предлага партискиот лидер, а го избира Конгресот. Она што е извесно, според извори во партијата, е дека и овојпат на оваа позиција ќе биде назначена жена. Досега на оваа позиција беше пратеничката Сања Лукаревска, а пред неа Радмила Шекеринска.
Отворено останува прашањето дали ќе се продолжи мандатот на Филипче кој според актуелниот статут треба да заврши в март 2025. Иако имаше шпекулации дека е можно такво нешто, а се споменуваше и варијанта на продолжување на мандатот само до локалните избори што треба да се одржат во октомври следната година, во првичната најава за конгресот тоа воопшто не се споменува.
Видете и ова: СДСМ на чело со Филипче – или ребрендирање или тонењеДо објавување на овој текст, од СДСМ не одговорија на прашањето на РСЕ дали на Конгресот на 24 ноември ќе се разгледува ова прашање.
Тешко дека СДСМ ќе направи чуда на локалните избори
А, по овој Конгрес, ниту раководството ниту членството и пошироката јавност не треба да очекуваат дека ќе се случи чудо до локалните избори во октомври 2025, согласни се нашите соговорници.
Бучковски вели дека работите нема да се сменат спектакуларно до локалните избори, но очекува „пријатни изненадување од СДСМ затоа што ВМРО-ДПМНЕ има исклучително лоши градоначалници во мнозинството општини во Македонија“.
„Во секој случај, не може на СДСМ таргетот да му биде да направи чуда на локалните избори. Но, трендот на пад на рејтингот и консолидацијата треба да заврши и очекувам да има подобар резултат на локалните избори отколку што имаше на парламентарните“, вели Бучковски.
Тешко ќе се стигне до добар резултат за толку мал период, очекува и Арсовски. Според него, предизвиците за СДСМ се големи за локалните избори и ако се има предвид дека по избори на кои се менува централната власт има тенденција тоа да се прелее и на локално ниво.
„Слабиот резултат на парламентарните избори заедно со нужните промени во раководството што треба да се случат, мислам дека ќе направат да биде многу тешко за СДСМ да оствари сериозен резултат на локалните избори бидејќи имаат многу работа внатре во сопствената партија, па дури потоа да настапат кон граѓаните освен ако не се случи некој драматичен пресврт и ВМРО-ДПМНЕ покаже некои драматично лоши резултати, но не гледам дека тоа ќе се случи“, смета Арсовски.
Видете и ова: Локалните ќе покажат дали треба предвремени парламентарни избори, порача МицкоскиАко ВМРО-ДПМНЕ има лоши резултати на локалните, премиерот и лидер на оваа партија, Христијан Мицкоски, рече дека ќе се оди и на предвремени парламентарни избори. Филипче, пак, посочи дека тие се подготвени и за вакво соочување.
Тој е третиот лидер на СДСМ кој го избра членството на непосредни избори. Ваквата промена беше воведена во март 2021 кога лидер беше Зоран Заев. Како единствен кандидат тој тогаш освои 60.000 гласови од членството и доби мандат од четири години. Меѓутоа, од новиот мандат Заев потроши само неколку месеци бидејќи си даде оставка по поразот на локалните избори во октомври истата година. Се повлече и од премиерската позиција. Нов лидер, а потоа и премиер, стана Димитар Ковачевски кој освои нешто повеќе од 37.000 гласови. Тој се повлече по поразот на претседателските и парламентарните избори во мај годинава, а Филипче стана лидер со освоени околу 9.000 гласа на гласање за кое се пријавија околу 23.000 членови на СДСМ.