Достапни линкови

На крај сите го плаќаат цехот на популистичката дарежливост


Редици за ваучери за клима уреди, Скопје, 7/11/2024
Редици за ваучери за клима уреди, Скопје, 7/11/2024

Краткорочни мерки финансирани од буџетски пари носат само политички поени, но не и економски бенефит на долг рок, сметаат аналитичарите со кои разговараше РСЕ. Владата најави нови мерки со кои како што вели, ќе ја покаже грижата за народот. Дел од нив аналитичарите ги опишуваат како популистички.

Владата минатата недела подели над 6000 ваучери за бесплатни клима уреди. Проектот го стартуваше минатата, а го спроведе новата Влада. Турканици меѓу нервозни граѓани во долги редици кои чекаа со саати за ваучер за бесплатна клима, беше сликата што ја виде македонската јавност. Веднаш по оваа сцена, премиерот Христијан Мицкоски најави дека и догодина ќе одвои државни пари за бесплатни клими за граѓаните.

Неговиот сопартиец министерот за транспорт Александар Николовски на 8 ноември најави дека младите од догодина, по, како што вели пристапни цени, ќе можат да си купат дом со помош на државата. Детали за тоа, како ќе се спроведе во пракса и колку ќе чини се уште нема.

Краткорочни мерки финансирани од буџетски пари носат само политички поени, но не и економски бенефит на долг рок, сметаат аналитичарите со кои разговараше РСЕ.

За 52 годишната скопјанка Дафина, мерките кои владата ги спроведува под мотото „ се грижиме“ се делумни и не праведени затоа што не ги опфаќаат сите граѓани.

„Не очекувам граѓаните да искористат многу од овие мерки, ќе искористат само неколку кои со врски ќе добијат инвертери, како што оди се во нашата држава, тоа се популистички мерки“, вели 52 годишната скопјанката Дафина.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски, смета дека дел од мерките како „Купи куќа купи стан“ и инвентор климите може да им помогнат на дел од граѓаните, но тие мора да бидат дел од посериозна стратегија за заживување на целата економија, затоа што вака поставени може да се толкуваат како популистички. Според него, мерките не се доволно добро таргетирани.

„Вака како што е, сите граѓани ќе го платат цехот за дарежливоста на Владата. Но, не само тоа, таа создаде една социјална атмосфера во која извесен слој луѓе ќе очекуваат помош од владата и ќе го оптовари буџетот и ќе ја зголеми инфлацијата“, објаснува Арсовски.

Ваучерите кои изминатава недела им беа доделени на шест илјади граѓани ја чинат 2,5 милиони евра од државната каса. Колку пари ќе се исплатат од државната каса за бесплатни клими за нова група граѓани се уште не се знае.

Економскиот аналитичар Арбен Халили пак, вели дека краткорочните мерки кои се финансирани од државната каса што ја полнат сите граѓани со даноци, носат придобивки само за мала група на луѓе. Тој додава дека треба да се спроведе тактиката како во кинеската поговорка, „ Наместо да му дадеш една риба, научи го да лови“.

„За да не го научиме народот цело време да чека риба, мора да се преземат други мерки. На пример, работоспособните корисници на социјална помош да се условат со следење на бесплатни курсеви за стекнување вештини, со цел да им се овозможи вработување, нешто од што би имало корист стопанството“, објаснува Халили.

Владата е „подарежлива“ со народните пари во изборна година

Халили очекува дека во буџетот за следната година ќе биде одвоени повеќе пари за разни мерки со кои би се хранел таканаречениот „клиентелизам“ кон граѓаните, затоа што е изборна година.

„Во нашава долгорочна транзиција, од независноста па навака, укажува на тоа дека секогаш кога има предизборно расположение, ваквите мерки да се поприсутни. Очекувам ваквите социјални мерки да бидат зголемени, интересот на граѓаните да биде поголем и најверојатно истите мерки ќе служат за да се добијат поголем број на гласови“, вели Халили.

Кога станува збор за купувањето на гласови со „државни дарови“, Арсовски вели дека и претходната Влада субвенционираше разни мерки, а тоа не и помогна многу на изборите.

Посуштинско прашање дали тоа е во согласност со пазарната економија, и дали со тоа интервенира на слободниот пазар. Правило е Владата што е можно помалку да се меша на слободниот пазар и да остави пазарот сам да се регулира. Тоа е правило на сите западни слободни економии. Дали е ова вонредна околност или не, не знам, но преголемото мешање на Владата на тој слободен пазар, може да донесе проблематичен буџет“, објаснува Арсовски.

Во меѓувреме, изминатава недела владата најави поевтино месо и овошје за новогодишните празници. Таа подготвува „новогодишна кошничка“ слична на „есенската“ во која ќе биде поефтина храната само за празници.

Новогодишната потрошувачка кошничка, за разлика од инветер климите, нема да биде на товар на државниот буџет. За неа се водат преговори со трговците и дистрибутерите за да се откажат од дел од заработувачката, со цел граѓаните за новогодишните празници да купуваат поевтино месо и овошје.

Дел од граѓаните кои ги анкетиравме стравуваат дека и овој пат нема да видат „ќар“ од новогодишната кошничка.

„Mлекото, јајцето, зејтинот. Тоа се основни работи што во светот се со пониска цена за да може обичниот човек да преживее. Треба да се размислува општо, во текот на целата година да бидат намалени. Мислам дека ова е само една, ај да не ја речам измама на луѓето. Како мало залажување“, вели Адријана Темова од Скопје.

„Демек со минатата кошничка ги намалиле цените за нас граѓаните, а големите маркети прво ги зголемија цените, па после ги намалија и кажа дека се намалени, а всушност немаше никакво намалување на тие производи од есенската кошничка“, вели Дафина.

Ефектите од зимската и есенската кошничка на Владата за аналитичарите се тешко мерливи, но не и за политичарите. Владината пресметка покажа дека минатата есенска кошничка им „заштеди“ од 10 до 20 евра на граѓаните, додека опозициската пресметка покажа дека заштедата не била поголема од едно евро, и мерката ја опишаа како популистичка.

Халили вели дека секоја мерка која е во интерес на граѓаните може да се смета за добредојдена, но само ако нема краток рок на употреба. Во спротивно, освен политички поени нема да донесе никакви економски бенефиции за граѓаните.

Место поевтина храна, поголема куповна моќ на граѓаните

Според економскиот аналитичар Арбен Халили наместо вакви, потребни се мерки кои ќе ја зголемат потрошувачката моќ на граѓаните.

„Владата треба да се фокусира на долгорочни економски мерки кои ќе ја зацврстат позицијата на домашното производство и на домашните компании, со тоа ќе се овозможи отворање на поголем број на работни места кои што од друга страна ќе овозможи нивната придобивка да се мултиплицира со зголемена потрошувачка сила на граѓаните“ вели Халили.

Според податоците од минатогодишната економската анализа на Бранимир Јовановиќ, „ Влијанието на инфлацијата врз сиромаштијата во Северна Македонија“ околу половина милион граѓани во земјава, која брои околу 1,8 милиони жители, живеат со помалку од 200 денари на ден во таканаречена „умерена сиромаштија“, а околу 80 илјади жители можат да трошат по 60 денари на ден и живеат во „екстремна сиромаштија“.

Во услови кога повеќе од една четвртина од населението живее во услови на сиромаштија, краткотрајни мерки не даваат резултати, велат аналитичарите. Според нив неопходни се сериозни анализи и стратегии за излегување од „амбисот на сиромаштијата“.

Последните податоци за сиромаштијата Државниот завод за статистика ги објави минатиот месец, но тие се однесуваат на 2021 година. Според нив, во земјава нешто повеќе од една четвртина од населението живее во сиромаштија, а најзагрозени се четиричлените семејства со две мали деца.

Претходната влада, предводена од коалицијата на СДСМ и ДУИ во 2022 година воведе мерки од неколку месеци поради високата инфлација со кои беше замрзната маржата (разликата меѓу цената по која набавуваат одреден производ и по која потоа ќе го продаваат) и субвенции за пензионери.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG