Достапни линкови

Директорите си ја зголемиле платата за 50 отсто, поштарите на минималец


Пошта на Северна Македонија
Пошта на Северна Македонија

Македонска Пошта е загубар со милионски долгови, ама директорите во септември минатата година незаконски си покачиле плата, утврдија ревозорите. Вработените, кои повремено протестираат заради малите плати, се жалат дека недостасуваат поштари и шалтерски работници, а на еден вработен има по еден шеф

Додека вработените во АД Македонска пошта со месеци штрајкуваа за неисплатени и нередовни мали плати, директорката Бујаре Абази, нејзиниот заменик и директорите на секторите (сега веќе поранешни) незаконски си ги покачиле платите за околу 50 проценти, покажува извештајот на Државниот завод за ревизија. Ревизорите утврдиле дека покачувањето на платите во септември минатата година е незаконски, затоа што претпријатието со години бележи загуби од кои најголемата е во 3,7 милиони евра.

„Според законот во случај на намалена добивка или значително влошена финансиска состојба на друштвото, надоместокот на плата и другите бенефиции предвидени со менаџерскиот договор може да се намалат“ се вели во извештајот за работата на Поштата во 2023.

Поштарот сѐ поретко ѕвони, ниските плати ги избркаа поштарите
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:14 0:00

Вработените во Пошта со години се жалат на лошите услови за работа и нередовното исплаќање на плата. Според нивните изјави за време на минатогодишните повремени протести, кои продолжија и годинава, причините лежат во превработеноста на администрацијата.

„Со минимална плата на 80 отсто од вработените месецот не се издржува, а особено кога доцни платата. Но, револтот е поголем поради финансиската криза, во која се наоѓаме поради лошото менаџирање и непродуктивни вработувања. Се доведовме во состојба на недостаток на работници во технолошкиот процес како поштари и шалтерски работници, а имаме преполни места во администрацијата и на шефовски позиции. На еден вработен имаме еден шеф“, рече во март годинава претседателот на синдикатот на Македонска пошта Боро Велигденов.

Милионските долгови изминатава деценија си растат

Од 2017 година па навака, Македонска пошта работи со загуби, при што најголемата загуба е евидентирана во 2022 година во вредност од 3,7 милиони евра. Според ревизорите загубите се должат на неплатени кредити, заеми и сметки за струја.

Еден од поголемите заеми е до АД Мепсо за пренос на електрична енергија, додека 1,6 милиони евра, додека за два кредити кон банки должат 1,9 милиони евра. Само за кредитите, ревизорите уврдиле дека Пошта годинава треба да плати 109 илјади евра казнена камата која изнесува 24 проценти.

Во извештајот се подвлекува дека сите земени кредити се со висока каматна стапка која се движи во интервал од 4,8% до 6,25%.
Според последните податоци од Министерството за финансии, Пошта од почетокот на годинава е прва на листата должници и нејзиниот доспеан долг и неплатени обврски изнесуваат 71,9 милиони евра.

Шест директори и две влади не „собраа “ сили да ја рестравираат опожарената Пошта

Освен за долговите и честите промени на директори кои ветуваа но ништо не реализираа за што во многу наврати пишуваше Радио Слободна Европа, „алармантно“ е и што опожарената зграда на Македонска пошта, цела деценија чека пари за поправка и да се стави во функција. Шест директори и две влади не „собраа“ ни сили ни пари за обнова на опожарениот објект на Пошта кој изгоре пред една деценија. Претходната Влада предводена од СДСМ и ДУИ се надеваше на европски пари за ревитализација на симболот на градот од постземјотресно Скопје, во период кога администрацијата на Пошта издвои 1,2 милиони евра за тендер за чистење.

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Вреди (Влен) на седница донела одлука да биде реновирана централната зграда на Македонска пошта.

Министерот за култура Зоран Љутков изјави дека објектот ќе биде реновиран, но ќе биде и пренаменет во мултифункционален комплекс којшто ќе биде подготвен и за потребите на Скопје „Европска престолнина на културата“ за 2028 година.

„Разговаравме неколку пати, бидејќи седум години имало тенденција Министерството за култура да ја преземе Пошта и таа да стане друг комплекс, односно да има друга намена. Разговаравме и со министерот за транспорт и врски, Александар Николоски и донесовме одлука на Влада дека таа ќе биде реновирана и ќе има друга намена, ќе има намена за мултифункционален комплекс,“ изјави министерот Љутков на 2 ноември.

Објектот изграден за да го симболизира подигнувањето и реконструкцијата на градот Скопје по силниот земјотрес што целосно го разурна во 1963 година, сега е руиниран и веќе една деценија станува симбол на системската негрижа за државниот имот и културното наследство.

Зградата на Македонски пошти е еден од најкарактеристичните објекти од бруталистичката архитектура во постземјотресно Скопје. Изградена е по проектот на македонскиот архитект Јанко Константинов во 1974 година. Во пожарот во 2013 година изгореа муралите на Борко Лазески со кои беше насликана внатрешноста на шалтерската сала, како и голем дел од мебелот и осветлувањето кои беа дизајнирани специјално за поштата.

Овој објект се најде на листата на седум најзагрозени споменици и локалитети на листата на Еуроностра. Објектите кои се избрани на оваа листа добиваат помош во форма на експертизи, ресурси и можност за аплицирање за инвестициски грантови.

Европскиот глас на граѓанското општество посветено на културното и природно наследство Еуроностра и неговата партнерска организација, Европска Инвестициска Банка овој објект како загрозено културно наследство го означија во април 2021 година. И откако европските институции ја означуваат оваа зграда за загрозено културно наследство, македонските власти ја впишуваат во својот регистар на културно наследство дури шест месеци подоцна како „Споменичка целина Нова пошта“.

За споредба, во регистарот се заведени како културно наследство објектите од проектот „Скопје 2014“ во истата годината кога се пуштени во употреба, додека Дирекцијата на Пошта речиси една деценија откако изгоре.

Меѓународните експерти заклучија дека објектот на Централната Пошта во Скопје е од витално значење за бруталистичкото архитекстонско наследство во Скопје и општо во Европа, но и дека моментално се наоѓа во неповолна состојба.

Граѓаните незадоволни од поштенските услуги

Речиси половина од граѓаните кои ги користат услугите на Македонска пошта минатата година се изјасниле дека не се задоволни од работата на ова претпријатие, покажува анкетата на Агенцијата за пошти.

Таквиот тренд го тестираше и Радио Слободна Европа на терен. Во декември 2022 испрати пет новогодишни честитки од дирекцијата на Македонска пошта, кај Транспортниот центар, за да стигнат до редакцијата на РСЕ во Центар, но и на адреси во Лисиче, Ченто, Влае и Соње.

Две недели подоцна, ниту една од нив не стигна на испратената адреса, иако на пример ако се оди пеш од дирекцијата на пошта до РСЕ се потребни само 15 минути.

Главна причина за незадоволството на корисниците е ненавремената достава.

„Како можни причини за незадоволителниот процент на пренос на пратки (30% од пратките се доставуваат по третиот ден), надлежните вработени ги наведоа недоволниот број на распределувачи на пратки и неповолната старосната структура на вработените (62% од вработените се постари од 50 години)“, се вели во ревизорскиот извештај.

Ревизорите уврдиле и неправилности при пополнување на работните места, пресметката на платата, надоместоците и наградите за вработените. На пример, Македонска пошта склучила договор за работа со 276 поштари, но ревизијата покажала дека дел од нив не разнесуваат пошта, туку извршуваат други канцелариски обврски.

Новиот директор на Македонска Пошта Орхан Куртиши а 2 ноември им одговорил со забелешки на ревизорите, но голем дел од неговите забелешки се однесуваат на помали пропусти во работењето на ова претпријатие. Ниту една од неговите одговори не се однесува на проблемите со ликвидноста на Македонска пошта, на зголемените плати на директорите, ниту за неопоходноста од рестравција на зградата на Македонска пошта.

Една од препораките на државниот ревизор е подготвување на Стратегија за развој на поштенските услуги и нејзино спроведување.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG