Достапни линкови

СДСМ на чело со Филипче – или ребрендирање или тонење


Венко Филипче беше избран за лидер со нешто повеќе од 9.000 гласа
Венко Филипче беше избран за лидер со нешто повеќе од 9.000 гласа

Социјалдемократите ќе треба да го променат своето однесување како партија, ако сакаат да направат успех на следните избори, сметаат аналитичарите. Дел од нив, пак, сметаат дека изборот на Филипче, кој важи за близок до екслидерот Зоран Заев, може да значи и побрз распад на партијата. Како нов претседател тој ветува дека ќе ја обедини и реформира партијата и ќе ја врати довербата на членството.

„Идното раководство на партијата ќе има пеколно тешка задача“.

Со оваа реченица од програмата на новиот лидер на СДСМ, Венко Филипче, се чини, согласни се сите – од партиските членови, до неговите опоненти, но и политичките аналитичари.

Грешките од седумгодишното владеење на социјалдемократите, поразот на парламентарните избори од 8 мај со досега најмалку освоени гласови (154.447 гласа), внатрепартиските поделби, негодувањата со изборниот процес за нов претседател, го доведоа СДСМ во незавидна позиција од која треба да излезе и да консолидира.

„Како претседател ветувам дека нема да делам туку ќе обединувам“, рече Филипче по објавата на „Бихаќка“ дека тој е новиот лидер на СДСМ.

„Ребрендирање на однесувањето“

А, првите индиции не се дека може да има лесно обединување во оваа партија, смета политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

СДСМ, како што констатира тој, е во тешка ситуација и изборите поминаа во тензична атмосфера, а она што треба да се види под водството на Филипче е дали ќе се направат суштинските промени кои и се неопходни на партијата.

„Поважно од тоа дали тие внатре ќе се организираат и ќе бидат сплотени, е дали ќе го сменат начинот на однесување. Дали ќе почнат да нудат решенија како конструктивна опозиција, дали ќе почнат да стануваат ефикасни, дали ќе го завршат занатскиот дел од работата кон членството и кон електоратот. Поважно е, условно речено, ребрендирање на нивното однесување отколку нивната внатрепартиска кохезија“, вели Арсовски за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Меѓутоа, додава аналитичарот, тие работи не одат брзо, а за новото раководство веќе прв предизвик ќе бидат локалните избори што треба да се одржат во октомври 2025 година.

„Ако направат подобар резултат тоа ќе им биде поттик, а ако направат полош и новото раководство ќе биде во криза“, коментира Арсовски.

„Изборот на Филипче ќе го забрза распадот на партијата“

Филипче, кој е неврохирург по професија, е актуелен пратеник во Собранието. Беше носител на листата на СДСМ во четвртата изборна единица од каде социјалдемократите добија пет од вкупно 18-те пратеници во новиот собраниски состав.

Претходно, беше министер за здравство во Владата на Зоран Заев, со кого имаат блиски релации, што опоненти го гледаа како негов товар. Својата популарност ја доби со избивањето на ковид-пандемијата кога во дел од истражувањата на јавното мислење го оценуваа и како политичар со најголема доверба во тогашната влада. Но, тоа му донесе и критиките од ВМРО-ДПМНЕ како тогашна опозиција која обвинуваше за ненавремено снабдување вакцини и коруптивни зделки. Неговиот мандат го одбележа и пожарот во модуларната болница со ковид-пациенти во Тетово во кој животот го загубија 14 лица.

Токму поради ваквите „дамки“ на новиот лидер, аналитичарот Синиша Пекевски не предвидува „светла иднина“ за партијата.

„Тие не се способни да организираат внатрешни избори, а не пак да се обединат. Процесот на распаѓање на партијата е почнат и изборот на Филипче за претседател само драстично ќе го забрза процесот на распаѓање. Да бидеш претседател со дамка од ковид-кризата, случајот со болницата во Тетово, ’заборавената фирма‘ во Бугарија, доволно говори. Зборовите дека ја напушта министерската фотелја во здравството за да се посвети на професијата, а сега станува претседател говорат се за него, но и за партијата“, вели Пекевски за РСЕ.

За „заборавената фирма“ што ја споменува аналитичарот, Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) на 28 јуни објави истражување дека Филипче поседува фирма за недвижности во Бугарија која не ја пријавил во анкетниот лист до Антикорупциска. Тој, пак, во изјава за медиумите вели дека заборавил и ќе го дополните анкетниот лист, но нагласува дека „фирмата немала активности“.

Филипче беше избран за нов лидер со нешто повеќе од 9.000 гласа. За гласање на внатрепартиските избори на 30 јуни се пријавија околу 23.000 членови на СДСМ, но околу 10.000 од нив не излегоа да гласаат.

Според податоците од партиската Централна изборна комисија на 95 отсто обработени гласови, од неговите противкандидати Јован Деспотовски доби 2.705, а Александар Бајдевски 905 гласа. Актуелната пратеничка и поранешна министерка за одбрана Славјанка Петровска, иако непосредно пред изборите рече дека се повлекува од трката, доби 190 гласа.

Мицкоски му посака успех и да биде конструктивна опозиција

Внатрепартиските случувања во СДСМ, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и нов премиер Христијан Мицкоски одби да ги коментира, но му посака успех на Филипче.

„Ние рековме дека нема да се мешаме, не сакаме да им правиме на другите тоа што не сакаме другите нам да ни го прават. И во моето експозе во Парламентот кажав дека секогаш кога станува збор за интересите на Македонија и на македонските граѓани, подавам рака. Така ќе биде и во иднина. Членството на СДСМ одлучило така, нам не ни преостанува ништо друго освен таа одлука да ја почитуваме бидејќи немаме право и не сакаме да се мешаме во внатрешните работи на другите политички партии“, изјави Мицкоски на 1 јули.

Критики од опонентите, ветувања за реформа од Филипче

Критиките за изборот, пак, не изостанаа од противкандиатите на Филипче во СДСМ.

Два дена пред изборите, Петровска се повлече од трката, а по гласањето и таа и Деспотовски во своите реакции го начнаа прашањето за легитимитетот со само 9.000 гласа за новиот претседател во ситуација кога поголем број од членството не излегло на гласање.

„На Македонија и треба силен, кредибилен и чист СДСМ и затоа повикувам формирање на привремено раководство, без багаж и кое ќе има јасен мандат и капацитет да ја обедини партијата, и да ја подготви за следните и внатрепартиски и локални избори. Ова е единственото сценарио за заздравување на СДСМ“, рече Петровска.

Деспотовски не сакаше да ги коментира резултатите, но по изборите рече дека не се радува за СДСМ.

„Не може да зборуваме за избран претседател со 9.000 гласови, а на 10.000 не сме им дале право на глас. Се радувам за Венко, кој ми е другар, но не се радувам за СДСМ. Зградата е празна денеска и тоа не е во ред, тоа треба многу да каже за сите нас“, рече Деспотовски.

Бајдевски, пак, повика од денеска СДСМ како опозиција да се занимава со ВМРО-ДПМНЕ и Владата што ја формираше.

Поранешниот лидер на социјалдемократите, Димитар Ковачевски, пак, му посака успех на Филипе во „соочувањето со предизвиците, унапредувањето на социјалдемократските вредности и градењето победнички СДСМ“.

Филипче по вчерашната внатрепартиска победа, пак, порача дека е „време за обнова на СДСМ и многу работа“.

„Следи период на реорганизација и реформа согласно моите програмски ветувања со кои сигурен сум дека СДСМ повторно ќе победува. Ова нема да биде ниту брзо ниту лесно. Но јас знам дека нема друг начин да ја вратиме довербата кај членовите освен да направиме вистински темелни промени. Промените не можеме ниту да ги лажираме ниту да бидат половични“, рече Филипче.

Конечните резултати од внатрепартиските избори треба да се објават во текот на денешниот или утрешниот ден откако Централната изборна комисија ќе го разгледа единствениот приговор, поднесен од Деспотовски, за изборниот процес.

Ова беше трет пат претседател на СДСМ да се избира со директно гласање од членовите и имаше далеку помал одзив од претходните избори. Првпат непосредни избори за претседател на партијата, социјалдемократите спроведоа во март 2021, кога Заев како единствен кандидат освои речиси 60.000 гласа.

За помалку од една година следуваа и вторите на кои победи Димитар Ковачевски откако Заев поднесе оставка по поразот на локалните избори во октомври 2021 година. Тој освои 37.649 гласа, а имаше двајца противкандидати. Еден од нив е и сегашниот кандидат Деспотовски за кого тогаш гласаа 3.319 членови. Трета беше Фросина Ременски со 2.836 гласа.

Покрај Заев и Ковачевски, досегашни претседатели на СДСМ беа и Бранко Црвенковски, Радмила Шекеринска и Владо Бучковски.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG