Господине Битиќи, мандатарот на новата Влада, Христијан Мицкоски поднесе предлог измени на Законот за енергетика по скратена постапка, велејќи нема да дозволи зголемена цена на струјата за домаќинствата. Дали како опозиција ќе ги поддржите измените?
Секако ќе видиме, од тоа што можам да го прочитам од неговите изјави, тој сака во суштина да му се продолжи лиценцата на универзалниот снабдувач и дополнително јас ќе го поддржам тој закон бидејќи ВМРО-ДПМНЕ признава дека сме направиле добра тендерска постапка бидејќи сме успеале да ја намалиме маржата на добивка која ЕВН ја тарифира кон граѓаните, секако бидејќи е наш резултат и исход од доброто работење ќе го поддржиме тој закон, бидејќи сметам дека се што е добро за граѓаните ќе треба да се поддржи.
Кога сме кај делот на енергетиката, се чини дека тоа ќе биде во фокусот и на новата влада преку новото Министерство за рударство, енергетика и минерални суровини. Што според Вас треба да донесе раздвојувањето на енергетиката од економијата?
На начинот на кој е направено, стравувам, особено по најавите веќе од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ дека првите денови од нивното владеење ќе има промоција на одредена инвестиција од енергетиката. Стравувам дека ќе се вратиме на времињата на нетранспарентност и отчетност во владеењето од оваа структура на луѓе, за кое сметам дека беше заборавено како изгледа. Бидејќи во последните седум години се обидувавме секоја една постапка особено кога е поврзана со стратешките сектори и е во полза и интерес на граѓаните тоа да биде на транспарентен начин. Јас само ќе кажам колкава беше дискусијата за стратешките инвестиции во енергетиката кои беа преговарани преку две години во институциите, не надвор од институциите. И имаше дилеми од граѓаните, од сегашната опозиција за тоа како тие ги гледаат стратешките инвестиции во енергетика.
И второ мислам дека ќе отвори една Пандорина кутија бидејќи нашата држава се уште нема дефинирано што ќе прави во сегментот рударство како индустрија. Јас се плашам дека се она што успеавме да го направиме во интерес на граѓаните да го елиминираме или не го направиме. Јас само ќе кажам дека имавме две такви инвестиции во рударството за кои граѓаните се изјаснија на референдум и дека не би требало да бидат направени. Станува збор за Казандол во гевгелискиот регион и Иловица. Сметам дека со одвојувањето во такво ресорно министерство дека наскоро ќе ги видиме како се отвораат и ме интересира каква ќе биде реакцијата на граѓаните и одредени одредени организации кон овој феномен.
Гледате ли можеби партиски или бизнис интереси во одвојување во посебно министерство?
Сметам дека интерес е секако партиски, бидејќи и мандатарот има искуство во сегментот на енергетика. Сметам дека неговата желба да покаже дека има доволно знаење и сака да се фокусира во овој сегмент го направило тоа. Но, сметам дека енергетиката како стратешки сектор би требало да има посебен осврт, но не сум сигурен дека другите сегменти што се припоени кон Министерството за енергетика ќе дадат резултат, бидејќи за тоа немаме немаме стратешка одлука или консензус на државата дека тоа се стратешките интереси во наредниот период на развојот на државата. Ние заедно со работевме и со опозицијата три години на Националанта развојна стратегија за 20 години, таму не сме докрај дефинирале дека рударството е еден од стратешките сектори.
Досега колку арбитражни постапки против државата конкретно за рударството?
Еден е голем, тој е во завршна фаза, тоа е поврзано со спор кој е почнат во 2012 година со одлука на владата на тогашната ВМРО-ДПМНЕ со давање на концесија за Казандол, во кој нивни бивши функционери биле дел од целата инвестиција – украинска и македонска инвестиција со доста корозивен капитал морам да кажам. Таа е во завршна фаза. И тоа е еден од најголемите арбитражни спорови.
Мицкоски најавува задолжување од 1 милијарда евра. Што ќе значи тоа за јавниот долг на државата?
Нашите проценки покажуваат дека задолжувањето за еден момент од 58,6 насто колку е задолжувањето на државата на целиот јавен долг, ќе отиде на некаде 66 насто. Со другото задолжување ќе се отиде до 70 насто. Па граѓаните ќе треба да им се одговори како одеднаш сите коментари дека државата е презадолжена затоа што сме блиску до 60 насто, која е една рамка која е ставена со договорот од Мастрикс за задолжување, наеднаш 70 насто задолжување не е проблематично.
Второ, сметам дека и мандатарот и партијата и тие на власт ќе треба да одговорат кој бил мандатот за да се испреговара такво задолжување додека биле во опозиција, со билатерална земја без разлика што тоа е земја е членка на ЕУ, бидејќи знаеме дека нивниот бивш лидер престојува во таа земја. Па дали можеби не зборуваме за корозивен капитал кој се враќа во нашата земја под превезот на задолжување.
Бевте првиот потпретседател на СДСМ кој поднесе оставка по изборите. На една недела пред Конгресот за нов лидер и раководство, како ја оценувате партиската трка за избор на нов лидер?
Сметам дека изборната кампања за претседател не се одвива на најдобар начин бидејќи не сите учесници во изборната кампања веруваат целосно во вредностите на СДСМ и иделогијата и забораваат дека ова не е лична битка. Ова е битка за партијата, за државотворна партија која покажала низ децении дека се грижи за сите.
На кого конкретно мислите?
Мислам дека самите ќе проценат. Не многу, еден од четворицата. Луѓе кои претходно бојкотирале или воопшто не ги поддржувале партиските активности а секогаш добивале од нејзе, не може да претендираат за претседателскиот врв.
Зошто не влеговте во трката за претседател на СДСМ?
Во овој момент моите проценки, иако секојдневно размислував да се кандидирам за претседател на СДСМ, укажуваат дека првенствено на партијата и членовите не им треба дополнителна фрагментација и групирање. Доволно имаме кандидати за избор и сметав дека додадена вредност во овој момент можеби нема да ја видат. Не сакав исто така да бидам и од стандардната мантра на размислување во нашето општество дека влегуваш во некаква изборна трка за да се договориш за нешто. Не! Ако Фатмир Битиќи со сите негови различности и некогаш со различно мислење, му е потребен на СДСМ затоа што верува во вредностите тој ќе биде и дел од следното раководство, дел од следните органи на партијата. Ако новиот претседател смета дека таков профил не е потребен, моите социјалдемократски вредности никој нема да може да ми го одзме.
Меѓу двата изборни круга за претседател на државата, поранешниот лидер на партијата Димитар Ковачевски изјави дека Крешник Бектеши добро си ја работи работата, Фатмир Битиќи исто така, а од друга страна министрите на ДУИ играат фудбал во министерство. Тогаш веројатно се случија и првите критики кон ДУИ. Колку постапките на ДУИ во владата „помогнаа“ за таа реално и да падне?
Сметам дека секоја една постапка на секој еден јавен функционер влијае и на негативниот имиџ. Јас често зборувам дека ние сите сакаме европски живот, сакаме интеграција во ЕУ, ама со балкански начин на однесување. Тоа не е возможно. Треба да имате европски вредности и соодветно ќе се интегрирате. И сметам дека секакво однесување надвор од нормалните вредности на однесување, независно дали е тоа министер, директор, вратар, обезбедување, човек на шалтер сметам дека влијае негативно на имиџот на некој.
Не говориме само за однесувањето, во изминатата година излегоа голем број на корупциски афери поврзани со ДУИ, а од СДСМ не видовме директна или остра реакција.
Тоа е причинско - последично поврзано, тоа што ние го гледавме е одраз на долгогодишно владеење, не е само на владеење на СДСМ. Во владеење на право мора да разграничите, што е во рацете на извршната власт и што е во рацете на обвинителството и судството кои се независна власт.
За жал, очекувањето и вокабуларот која тогашната опозиција ВМРО-ДПМНЕ го наметна е дека треба да бидеш и судија и кадија. Ние се боревме против тоа. Ние имавме таков режим во кој извршната власт се постави во чевлите на сите власти. И тогаш не ни се допадна. И после седум години сакавме истото да го видиме. Јас се согласувам со вас дека треба можеби јавна осуда, но сметам дека надвор од јавната осуда треба да се навикнеме дека тоа не е доволно, дека треба секој да си ја врши работата за на крај да го добие одговорот тој кој постапувал спротивно - дали тоа е спротвно на Етички кодекс, спротивно на закон или Устав.
Повеќе во интервјуто.