Вообичаено, неделата пред зимскиот распуст во Европската унија (ЕУ) е најзафатена, со трнливи одлуки што треба да се донесат пред крајот на годината. Погледнете ја само минатата година, кога лидерите на ЕУ на крајот им дадоа зелено светло на Молдавија и на Украина да започнат пристапни преговори, и доделија на Грузија кандидатски статус и одобрија прилично широк пакет санкции за Русија.
Тие, исто така, се согласија да канализираат некои претходно замрзнати средства за Унгарија, додека контроверзно не успеаја да ја убедат Будимпешта за пакет од 50 милијарди евра (53 милијарди долари) за Украина (на крајот, тој пакет беше одобрен од унгарскиот премиер Виктор Орбан во февруари).
Овогодинешната претпразнична агенда прилично изгледа дека е без настани. Нов, слаб пакет санкции за Москва беше договорен од амбасадорите на ЕУ веќе на 11 декември, но тој беше позначаен поради отстапувањата што дојдоа со него.
Во Украина, тоа е вообичаено
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе присуствува на Самитот на ЕУ на 19 декември, но тука нема да има некоја голема одлука за Киев. Споредете ги радосните сцени во Тбилиси пред една година, кога Грузија доби кандидатски статус, со она што се случува сега кога грузиските власти преземаат остри мерки против луѓето кои протестираат против владината одлука Грузија да ги прекине разговорите со ЕУ. Всушност, начинот на кој Брисел реагира на сè потврдокорното раководство во Грузија ќе биде една од ретките работи на кои треба да се внимава оваа недела.
За Украина, најновите нацрт-заклучоци од самитот на ЕУ, видени од РСЕ, „ја потврдуваат непоколебливата посветеност на Европската Унија за обезбедување континуирана политичка, финансиска, економска, хуманитарна, воена и дипломатска поддршка за Украина и нејзиниот народ онолку долго колку што е потребно. Русија не смее да надвладее“.
Ова е линијата на која блокот се држеше цела година, и додека се зборуваше за преговори со Москва во новата година, ЕУ се чини дека се држи до својот вообичаен пристап кон Киев. Иако минатиот пат имаше многу унгарска непопустливост за финансиска поддршка на Киев, сè е веќе поставено за 2025 година, бидејќи Будимпешта во ноември се согласи со иницијативата на Г7-ЕУ за искористување на замрзнатите руски средства за канализирање на 45 милијарди евра (47 милијарди долари) заем за Киев. Дополнително, уште 12,5 милијарди евра ќе дојдат директно од буџетот на ЕУ.
Мојот став е дека, за време на самитот,Володомир Зеленски, исто така, ќе ги поттикне земјите-членки на ЕУ да го зголемат одбранбеното производство, по можност во директна соработка со украинската одбранбена индустрија, и да му обезбедат на Киев системи за противвоздушна одбрана и способности за пресретнување на беспилотни летала.
За санкциите, нацрт-заклучоците од Самитот забележуваат дека „Европската Унија останува подготвена да го засили притисокот врз Русија, вклучително и со усвојување дополнителни санкции“.
На почетокот на следната година, Европската комисија најверојатно ќе излезе со предлог за нов пакет, 16-ти од целосната руска инвазија на Украина во 2022 година. Ова ќе дојде откако Полска ќе го преземе ротирачкото шестмесечно претседавање со Советот на ЕУ на 1 јануари, а Варшава ја сигнализираше својата намера да даде приоритет на порестриктивни мерки против Москва.
Гледајќи го неодамна одобрениот 15-ти пакет, знаците не се особено охрабрувачки. Ниту еден нов сектор на руската економија не беше таргетиран и наместо тоа, Словачка доби отстапка уште шест месеци да продолжи да увезува руска нафта преку гасоводот „Дружба“ .
Најголемата борба околу овој пакет беа Летонија и Литванија што ги туркаа Франција, Германија и Италија побрзо да го напуштат рускиот пазар. Сепак, ништо не беше договорено и има само референца во последниот пакет санкции дека е ризично да се води бизнис во Русија и дека е време да се затворат европските компании кои работат таму.
За Албанија и Црна Гора, трката продолжува...
Специјалниот самит ЕУ-Западен Балкан во Брисел на 18 декември меѓу лидерите на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија и нивните колеги од ЕУ, веројатно нема да биде полн со настани.
Нацрт-декларацијата, во која имаше увид РСЕ, не содржи нови елементи, а претставниците на ЕУ кажаа дека главната „испорака“ е во голема мера симболична и едноставно се состои од фактот дека лидерите од регионот се среќаваат со претставници на ЕУ пред редовниот самит на Унијата.
„Балканската шесторка“ претходно во декември веќе имаше вечера со новиот претседател на Европскиот совет, Антонио Коста и со новоименуваниот шеф за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас. Тоа што двајцата само што беа назначени на своите нови функции е показател за високиот приоритет што во Брисел му беше даден на регионот на Западен Балкан.
Видете и ова: Албанија ги отвори преговорите по кластерот „Надворешни односи“Клучниот ден, барем за некои од земјите од Западен Балкан, ќе биде неколку дена пред самитот. На 17 декември, министрите за Европа на земјите-членки на ЕУ ќе ги одобрат годишните заклучоци за проширување на ЕУ и ќе учествуваат на неколку меѓувладини конференции.
Албанија ќе учествува на еден од тие состаноци, при што ќе отвори две поглавја за пристапување во ЕУ поврзани со надворешната политика. Тирана веќе ги отвори преговорите за пет поглавја во октомври и има реален моментум зад својата кандидатура за членство.
Другата меѓувладина конференција која се одржа на 16 декември, беше за Црна Гора.
Црна Гора веќе ги отвори преговорите за сите 33 поглавја на политиката, но, за прв пат од 2017 година, Подгорица затвори три поглавја - за информатичкото општество, за индустриската политика и за нтелектуалната сопственост.
Ова значи дека законите на ЕУ во овие сфери сега се вметнати во црногорското право. Со оглед на тоа што во 12 години преговори со Брисел, Црна Гора успеа да затвори само три други поглавја, овој чекор е прилично значаен. Дипломатите на ЕУ неодамна навестија дека Црна Гора потенцијално би можела да се приклучи на европскиот блок оваа деценија.
Додека Србија е блокирана...
Имаше голем притисок да се одржи трета меѓувладина конференција оваа недела и да се отворат голем број преговарачки поглавја и со Србија. Овој притисок дојде главно од Будимпешта, од големите земји - членки на ЕУ како Франција и Италија, како и Европската Комисија, која сугерираше дека Белград е подготвен да продолжи со својата интеграција во ЕУ уште од нејзиниот годишен извештај за проширувањето во октомври.
Сепак, трите балтички земји, Естонија, Летонија и Литванија, го блокираа процесот поради континуираното неусогласување на Белград со политиката на санкции на ЕУ кон Русија. Дополнително, Холандија го наведе неуспехот на Србија да ги исполни стандардите за некои од поглавјата што требаше да ги отворат.
Прашањето за напредокот на Србија веројатно повторно ќе се појави во првата половина на 2025 година, а дотогаш тоа може многу добро да се поврзе со отворањето на преговарачките поглавја со Украина и со Молдавија. Се очекува Киев и Кишињев официјално да го започнат процесот на пристапување во ЕУ под полското претседателство, иако Унгарија навести дека можеби нема да даде согласност за Украина, тврдејќи дека етничкото унгарско малцинство во земјата се уште е дискриминирано.
Немојте да се изненадите ако во 2025 Србија и Украина добијат зелено светло!
Решавање на кризата во Грузија
Ситуацијата во Грузија ќе биде особено видлива неделава. Нацрт-заклучоците од самитот на ЕУ за јужнокавкаската република се прилично слаби, едноставно истакнувајќи дека Европскиот совет „ја повторува својата сериозна загриженост во врска со текот на активностите преземени од грузиската влада, што е во спротивност со вредностите и принципите на кои Европската Унија е основана“.
Комисијата, исто така, „жали“ за одлуката на грузиската влада да го суспендира процесот на пристапување на земјата во ЕУ до 2028 година. Исто така, има силна осуда за неодамнешното насилство врз Грузијците кои протестираат против одлуката на владата да го замрзне пристапот во ЕУ, при што текстот јасно покажува дека грузиските власти мора да го почитуваат правото на слобода на собирање и изразување и да се воздржат од употреба на сила.
Текстот не е поостар поради тоа што и Унгарија и Словачка не сакаат да заземат цврст став против раководството на Грузија, кое двете земји го гледаат како свој сојузник.
Оваа поддршка за владејачката партија Грузиски сон, исто така, сугерира дека сите санкции на ЕУ против грузиското раководство -вклучително и против Биџина Иванишвили, претседателот на партијата и влијателен милијардер - најверојатно ќе бидат отфрлени, по мерките преземени од Естонија и Литванија претходно во декември. Сепак, не исклучувајте дека повеќе поединечни земји-членки на ЕУ ќе ги следат Естонија и Литванија и ќе преземат свои мерки.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Имаше одредена дискусија во Брисел за можноста за суспендирање на визната либерализација за некои носители на грузиски пасоши, особено оние кои поседуваат дипломатски пасоши. Тоа во голема мера би бил симболичен потег.
Но, предлогот се разгледува од две причини.
Прво, не треба едногласност за да се наметне оваа мерка. Наместо тоа, се што е потребно е квалификувано мнозинство од 55 отсто од земјите-членки на ЕУ, што претставува 65 отсто од вкупното население во блокот.
Второ, таквиот предлог се смета за многу „поправеден“ отколку да се оди на општа суспензија на визна либерализација, што би влијаело на целото грузиско население. Прашањето за суспендирање на визите за грузиските дипломати беше долго дискутирано уште кога министрите за надворешни работи се состанаа во Брисел на 16 октомври. Не беше донесена вистинска одлука, но Европската Комисија, која ќе го иницира целиот процес на суспензија, доби политички насоки од земјите-членки да го разгледа ова прашање повнимателно и да се врати со предлог - нешто што може да се случи подоцна оваа недела.
Европската Комисија всушност веќе го отвори патот за суспензија на визите, кога на 6 декември го објави својот годишен извештај за механизмот за суспензија на визите.
Овој извештај го опфаќа она што го прават земјите кои уживаат визна либерализација на Западен Балкан, како и Грузија, Молдавија и Украина, во областа на правдата, внатрешните работи и основните права. И фер е да се каже дека Грузија доби најлоша оценка од сите земји кои беа оценети оваа година.
Во извештајот се забележува дека „во тек се размислувања за можното активирање на механизмот за суспензија на визите во однос на одредени категории на лица“ и се додава дека „Грузија треба да преземе дополнителни итни активности за да одговори на препораките на Комисијата, особено во областа на заштитата на основните права“.
Извештајот особено се однесува на контроверзниот грузиски закон за „странски агенти“ и анти-ЛГБТ мерките, наведувајќи дека тие ги „повредуваат човековите права и основните слободи, особено правата на слободата на здружување, изразување и приватност“.
Но, тоа е далеку од единствената поплака, иако е најсериозна.
Во извештајот, исто така, се вели дека Грузија не постигнала напредок во усогласувањето на визната политика со ЕУ, и дека наместо тоа се согласила на договор за укинување на визите со Кина претходно во 2024 година.
Гледајќи напред
На 18 декември ќе се донесе и интересна пресуда пред судот на ЕУ. Молдавскиот бегалец, олигархот Илан Шор и неговата колешка Марина Таубер ги оспоруваат санкциите наметнати врз нив во 2023 година поради поткопување на суверенитетот и политичката стабилност на Молдавија.
Случајот вреди да се следи бидејќи судот во октомври пресуди против истиот тип на санкции кои беа насочени кон Влад Плахотниук, друг молдавски олигарх. (Плахотниук, сепак, останува санкциониран, бидејќи пресудата се однесуваше на постар период на санкции, а ЕУ ги продолжи рестриктивните мерки пред судската одлука).
Но, евентуална судска победа на Шор и на Таубер ќе го направи уште покомплицирано можното воведување санкции за Молдавија во 2025 година.