Брифинг #1: Миграциските прашања ќе доминираат на самитот на ЕУ оваа недела
Што треба да знаете: Лидерите на Европската Унија (ЕУ) се собираат во Брисел на 17-18 октомври на нивниот редовен есенски самит, кој што е еден вид на генерална проба пред често подраматичниот предбожиќен Самит во декември кога ќе се донесат вистински одлуки за проширување, финансирање или санкции пред да започне сезоната на зимските годишни одмори.
Состанокот оваа недела е исто така последен пред претседателските избори во САД кои ќе се одржат во ноември, како и претседателските избори и референдумот за членство во ЕУ во Молдавија на 20 октомври, а потоа и гласањето во грузискиот парламент шест дена по тоа.
Во Брисел, централно место ќе зазамат дискусиите за Украина, иако на оваа тема се очекуваат малку одлуки. Се очекува жешкото прашање да биде дебатата за миграцијата, што може да има последици за неколку земји кои се надеваат дека еден ден ќе се приклучат на блокот.
Што има во позадина: Нацрт-заклучоците од самитот, во кои имаше увид РСЕ, нудат малку нови информации за Украина. Во услови на нејасни разговори за некаков „мировен Самит“ што ќе се одржи до крајот на годината, потенцијално вклучувајќи учество на одредено ниво на Русија, текстот на заклучоците едноставно наведува дека „Европскиот совет исто така нагласува дека не може да се преземе никаква иницијатива за Украина, без Украина“.
Нацрт-документот укажува дека се чини дека нема нови санкции кон Русија и наместо тоа, лидерите, на крајот од самитот, ќе ја нагласат потребата за „целосно и ефективно спроведување на санкциите и за понатамошни мерки за да се спротивстави на нивното заобиколување, вклучително и преку трети земји“.
За економската помош, амбасадорите на ЕУ минатата недела договорија дополнителни 35 милијарди евра финансиска помош за Киев за 2025 година, пари кои доаѓаат од замрзнатите средства на руската централна банка во ЕУ.
Сепак, ЕУ не се согласи за продолжување на санкциите за овие средства на Централната банка. Барањето беше од сегашното шестмесечно замрзнување да се префрлање на продолжување од 36 месеци.
Тоа продолжување ќе им овозможи на другите земји од Г7 да обезбедат средства, бидејќи тие сакаат гаранции дека руските пари, кои главно се во ЕУ, ќе останат замрзнати подолг временски период. Унгарија во моментов го блокира продолжувањето, а одлуката за ова прашање од Брисел веројатно нема да дојде се дури по претседателските избори во САД.
За претстојните избори во Молдавија, нацрт-заклучоците од самитот ги истакнуваат обидите на Кремљ да влијае на процесот, истакнувајќи ги „упорните обиди да се користи странска манипулација со информации и мешање со цел поткопување на демократските избори и изборот на молдавскиот народ за просперитетна, стабилна и мирна европска иднина“.
Иако отворено не зазема страна, јасно е дека Брисел се надева на Молдавците да гласаат за ЕУ и на референдумот и на претседателските избори. Само минатата недела, ЕУ замрзна имот и забрани визи за пет лица, вклучувајќи ја и Евгенија Гутул, промосковскиот гувернер на молдавската автономна област Гагаузија. Таа, исто така, ја санкционираше Евразија, невладина организација со седиште во Русија, основана за да ги промовира руските интереси во Молдавија.
Дополнително, во Кишињев, главниот град на Молдавија, отпатува и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и презентираше финансиски пакет за земјата во вредност од 1,8 милијарди евра за следните три години.
Чекори назад
- За Грузија, расположението е дефинитивно помрачно. Текстот во кој РСЕ имаше увид, забележува „сериозна загриженост во врска со текот на дејствувањето во Грузија, што е спротивно на вредностите и принципите врз кои е основана Европската унија“ и се додава дека неодамнешните случувања во Грузија го загрозуваат патот на земјата кон ЕУ и „де факто го запира процесот на пристапување“.
- Неодамнешното усвојување на таканаречениот „закон за странски агенти“ и „законот против ЛГБТ“ ја поттикна ЕУ да ги откаже посетите на високо политичко ниво на Тбилиси и да спречи некои пари од ЕУ да одат во оваа јужнокавкаска земја. Брисел не отфрли дека во иднина би можеле да бидат усвоени повеќе мерки доколку Грузија дополнително отстапи од демократијата.
- Можеби најинтензивната дискусија на дводневниот самит оваа недела најверојатно ќе биде насочена околу миграцијата.
- Најконтроверзната линија во нацрт-заклучоците е за „новите начини за спречување и спротивставување на нерегуларната миграција во согласност со меѓународното право“. Ова е нешто како продолжение на писмото напишано од 15 земји-членки на ЕУ до Европската комисија уште во јуни, кое главно се фокусира на потребата од различни миграциски партнерства со земји кои не се членки на ЕУ.
- Тоа може да значи плаќање на земји како Тунис и Турција за да ги спречат мигрантите да стигнат до блокот на прво место или да разгледаат шеми, како што е онаа што е во тек меѓу Италија и Албанија, каде Рим ќе изгради прифатни кампови во Албанија за сместување до 40.000 мигранти. Идејата за создавање на овие типови „надворешни жаришта“ надвор од ЕУ во кои луѓето ги тестираат барањата за азил пред да можат да влезат во ЕУ добива на сила. Тука е и поширокото прашање за враќање на луѓе кои немаат законско право да останат во блокот.
- Заострените ставови за миграцијата доаѓаат неколку недели откако Германија одлучи да воведе проверки на сите свои граници по нападот кога летово неуспешен барател на азил уби три лица во западниот дел на земјата.
- Тоа, исто така, доаѓа откако антиимиграциските партии завршија на првото место на парламентарните избори во Австрија на 29 септември и добро поминаа во последните анкети во Чешка и Германија. Исто така, вреди да се напомене дека неодамна формираната француска влада е зависна од екстремно десничарскиот Национален собир на Марин Ле Пен за опстанок и дека слични политички сили раководат или влијаат врз владите во другите клучни земји-членки на ЕУ, како што се Италија, Холандија и Шведска. Во суштина, остануваат се помал број земји, особено Шпанија, кои не сакаат да ја усвојат порестриктивна миграциска политика на ЕУ.
- Иако самитот на ЕУ нема да навлегува во никакви детали за другите земји кои би можеле да играат слична улога во сместувањето на мигрантите како онаа на Албанија, можно е да се прашаат и други земји кандидати за ЕУ, на пример во Западен Балкан.
- Новата Европска комисија, која треба да работи до крајот на годината, ќе има задача во иднина да разгледува вакви решенија за проблемот со мигрантите. Во писмото од Урсула фон дер Лајен до назначениот комесар за внатрешни работи, австрискиот конзервативец Магнус Брунер, претседателот на Европската комисија пишува дека „ќе управувате со иновативни оперативни решенија за борба против нерегуларната миграција“.
Брифинг #2: Првиот голем состанок на Марк Руте на НАТО
Што треба да знаете: Министрите за одбрана на НАТО (а можеби и неколку лидери) ќе се состанат на 17-18 октомври на првиот соодветен состанок на новиот генерален секретар Марк Руте како шеф на организацијата. Тоа е, исто така, првпат министрите за одбрана на четирите „индо-пацифички партнери“ на воената алијанса како Австралија, Јапонија, Нов Зеланд и Јужна Кореја, да се приклучат на седница со нивните 32 колеги од НАТО.
Тоа го сигнализира притисокот, главно од Соединетите држави, да се фокусира повеќе на растечкото влијание и заканите што ги носи Кина. Иако Пекинг официјално не е означен како „противник“ од НАТО, воената алијанса е отворена за тоа како Пекинг ги предизвикува евроатлантските интереси, безбедноста и вредностите, оттука и очигледната потреба да се засилат операциите, вклучително и заедничкото производство на оружје и обука, со четирите држави.
Во истиот дух, сојузниците на НАТО ќе сакаат индо-пацифичкиот квартет да ја интензивира својата поддршка за Украина. Ова особено се однесува на Јужна Кореја, која е голем производител на муниција потребна на бојното поле. Корејските производители на оружје обезбедуваат дел од оваа муниција на сојузниците во НАТО, кои потоа често ја предаваат на Киев. Сеул, сепак, внимателно гази овде, претпазлив да не привлече премногу внимание од соседните Северна Кореја и Кина.
Што има во позадина: На втората од трите министерски сесии, ќе се придружи и украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров за да ги информира учесниците за воените напори. Тој, исто така, најверојатно ќе се заложи за поголема воена помош, особено воздушна одбрана и ракети со долг дострел.
НАТО ќе сака да комуницира на состанокот дека алијансата помина долг пат во исполнувањето на својата цел поставена на самитот во Вашингтон во јули да и обезбеди на Украина 40 милијарди евра средства во 2025 година. Во спротивно, веројатно нема да има премногу добри вести за Украина.
Ситуацијата на фронтот „останува обесхрабрувачка“, како што ми кажа еден извор од НАТО, а Киев не доживува многу среќа ниту на политички план. За време на неговото патување во Соединетите држави во септември, украинскиот претседател Володимир Зеленски не го доби она што го сакаше во однос на тоа што му дозволи на Киев да користи западно оружје за да напаѓа цели длабоко во Русија - или дури навести дека поканата за Украина да се приклучи на НАТО е претстојните.
И минатата недела, средбата на Зеленски со американскиот претседател Џо Бајден и други лидери во германската воена база Рамштајн беше откажана поради ураганот Милтон што ја погоди Флорида.
На состанокот во Рамштајн-Мизенбах, на кој се собраа над 50 нации кои воено го поддржуваат Киев, дипломатите нашироко го сметаа за последна шанса за Украина да изврши притисок за овие две клучни цели пред изборите во САД на 5 ноември. Шансата за добивање покана за НАТО за време на мандатот на американскиот претседат Џо Бајден е веројатно многу мала, додека веројатно е да се поголеми шанси да се добие зелено светло за да се нападнат руските воени цели надвор од Украина.
Подлабока анализа
Третата и последна седница на министерството се однесува на сопствената одбрана на НАТО. И тоа може да се покаже како најтешко. Ќе се зборува за тоа како да се одговори на зголемениот број на руското нарушување во воздушниот простор над земјите од фронтот на НАТО како што се балтичките земји, како и Полска и Романија.
Не очекувајте некаков заеднички договор за ова, а земјите ќе можат слободно да го бранат својот воздушен простор како што им одговара - но ќе има чувство на претпазливост да не ескалира премногу ситуацијата со Москва.
Друго спорно прашање е предпозиционирањето на одбранбената опрема во земјите-членки на НАТО блиски до Русија. Со ова ќе се стави потешко оружје и муниција поблиску до границите на НАТО за да се зголеми подготвеноста во случај на напад. НАТО го турка ова позиционирање повеќе од една деценија, иако има изразен недостиг на опрема.
Всушност, само Соединетите Американски Држави имаат доволно тешко оружје и муниција да ги сместат во складишта во различни држави на фронтот. Западноевропските сојузници беа критикувани за недоволно трошење на одбраната во последните децении, тврдејќи дека ја испратиле целата своја резервна опрема во Украина или едноставно не сакале да споделат повеќе од она што го имаат.
Планот сега е да се одреди колкав товар треба да носат државите од фронтот при подготовката за евентуален напад, како и колкав товар треба да носат другите земји на НАТО, кои ги сочинуваат осумте мултинационални борбени групи стационирани во Бугарија, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Полска, Романија, и Словачка, и колку треба да донесат во воените складишта на земјите домаќини.
И тогаш може да очекувате политиканство да се случи настрана во однос на тоа кој треба да стане десна рака на Руте.
Рокот за пријавување за заменик-генерален секретар завршува на последниот ден од министерскиот состанок (18 октомври), а во ноември треба да се открие успешниот кандидат.
Поранешната министерка за одбрана на Северна Македонија, Радмила Шекеринска и поранешната министерка за надворешни работи на Бугарија, Марија Габриел се првите фаворити, но не исклучувајте можноста да се разгледуваат и други кандидати.
Поглед напред
Министрите за енергетика на ЕУ се собираат во Луксембург на 15 октомври, а ќе им се придружи и нивниот украински колега, Герман Галушченко, кој ќе ги информира за тоа како неговата земја разурната од војна се подготвува за зимата што претстои. Руската војска продолжи да ја таргетира енергетската инфраструктура на Украина во текот на летото и есента.
Истиот ден и во истиот град, ќе има барем малку радост за Албанија бидејќи Тирана официјално ќе ги отвори своите први поглавја за пристапување во ЕУ. По повод овој настан ќе се одржи таканаречена меѓувладина конференција под покровителство на тековното унгарско претседателство со Советот на Европската унија.