Достапни линкови

Зелено светло од Европскиот парламент за идната комесарка Кос


Сослушување на идната еврокомесарка за проширување, Марта Кос, во Европскиот парламент, 7 ноември 2024
Сослушување на идната еврокомесарка за проширување, Марта Кос, во Европскиот парламент, 7 ноември 2024

За Северна Македонија, Кос беше испрашувана од бугарските парламентарци околу прашањето за вклучување на Бугарите во Уставот. Очекувано, таа застана на страната на Софија, укажувајќи дека интересите на земјите-членки „се на прво место“ и дека блокот „не може да увезува билатерални прашања“.

Потенцијалната еврокомесарка за проширување Марта Кос доби „зелено светло“ од Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент во Брисел на 7 ноември, но не пред да се соочи со тешки геополитички и прашања за нејзиното комунистичко минато.

Словенката, поранешна новинарка, бизнисменка и дипломатка, би можела да положи заклетва пред крајот на оваа година.

И додека подготвено и самоуверено, течно на три јазици (словенечки, англиски и германски) го усвои вообичаениот бриселски вокабулар за проширувањето на ЕУ, а дури читаше порака за надеж и поддршка за Киев на украински јазик, по повеќе од три часа сослушување, Кос не понуди речиси ништо ново.

Кос ги повтори пораките на толку многу нејзини претходници дека проширувањето на ЕУ е „маратон, а не спринт“, дека процесот на пристапување на новите членки е „заснован на заслуги“, „предвидлив и веродостоен“ и дека проширувањето нуди „историска можност да се постигне мир, слобода и просперитет на целиот континент“.

Таа, исто така, додаде дека самата ЕУ, паралелно, мора внатрешно да се реформира пред да ги пречека новите земји и оти ќе се заложи за двојно зголемување на финансиската поддршка за граѓанското општество и медиумите во ранливите соседни земји на ЕУ.

Досега е добро, но што е со конкретните работи? Тука не откри многу.

Кос не се обврза на никакви датуми во врска со тоа кога блокот би можел да прими нови членки, додавајќи само дека „денес, за првпат по десет години, постои реална шанса да доведеме една или две земји до крајот на преговарачкиот процес“.

Таа потоа ги посочи амбициозните цели на Црна Гора која сака да ги заврши разговорите со Брисел на крајот на 2026 година, како и Албанија во 2027. Кос дури рече дека српскиот претседател Александар Вучиќ пред неколку дена подвлекол оти е подготвен да направи се за да го усогласи законодавството со она на блокот.

Сепак, кога беше притисната дали тоа значи дека Белград треба да ги усвои санкциите на ЕУ кон Русија, нешто што Србија не го направи целосно, таа беше контрадикторна – прво рече дека тоа не е услов за време на процесот на проширување, но потоа призна дека е неопходно земјата да се усогласи 100 отсто пред да стане членка на ЕУ.

Кос, исто така, одбегна повеќе прашања за можните санкции кон Србија поради нападот во Бањска, извршен од страна на српските милитанти во северно Косово минатата година. Таа, исто така, не одговори дали треба да се укинат рестриктивните мерки на ЕУ за Косово, кои се во сила од минатата година поради тензиите во северниот дел на земјата со мнозинство српско население и не даде детали за тоа како ќе се справи со сепаратистичките тенденции на Милорад Додик, лидерот на ентитетот Република Српска во Босна и Херцеговина.

Кос, сепак, навести дека има за цел да одигра поголема улога во дијалогот меѓу Белград и Приштина, олеснет од ЕУ, кој ќе го надгледува новиот шеф за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, како и дека може да има нов пристап кон овие разговори, кои досега не успеаја суштински да донесат напредок.

Едно беше јасно: нема да има размена на територии на Западен Балкан.

„Не доаѓа предвид. Ние нема да ги следиме овие тенденции“, уверува таа.

За Северна Македонија, Кос беше постојано испрашувана од бугарските парламентарци околу прашањето за вклучување на Бугарите како коститутивен народ во Уставот на земјата, нешто што Скопје не успеа да го направи и затоа забави на патот кон Брисел. Очекувано, таа застана на страната на Софија, укажувајќи дека интересите на земјите-членки „се разбира, се на прво место“ и дека блокот „не може да увезува билатерални прашања“.

А, што е со Украина?

Ништо многу поконкретно освен изреката во нејзината воведна изјава дека „преговорите за проширување се европска ѕвезда водилка за оваа храбра нација“, додавајќи дека истото важи и за Молдавија. Таа, исто така, потврди дека Украина најверојатно ќе биде нејзината прва дестинација како комесар, дека ЕУ веќе го започнала процесот на реконструкција, но оти и понатаму ќе бидат потребни инвестиции во земјата од приватниот сектор од европските фирми.

Имаше и еден голем пропуст. Додека ги спомна Украина и Молдавија во нејзиниот вовед, заедно со Западен Балкан, Турција, па дури и можноста за „негување мир со Ерменија и Азербејџан“, таа ја прескокна Грузија.

Сосема симболично.

На прашањето од една парламентарка за нејзиниот поглед на републиката во Јужнен Кавказ, таа рече дека има порака до народот на Грузија:

„Не губете надеж!“

Таа рече дека е подготвена да го продолжи процесот на проширување со Грузија, но само откако актуелната влада, која во последниве години зазема се поавторитарен пристап, ќе ги укине неодамна усвоените т.н. „закон за странски агенти“ и „анти-ЛГБТ законите“. Немаше ни збор за изборите, туку само сигнал дека Брисел сепак е подготвен да соработува со владејачлата партија Грузиски сон. Про-ЕУ опозицијата во Грузија најверојатно нема да биде воодушевена од ваквиот пристап.

Најголемата тензија за време на едно инаку прилично мирно сослушување беа бројните прашања за нејзиното минато – особено нејзината младост во поранешна Југославија и нејзините понови деловни активности.

Иако таа не го негираше своето членство во Комунистичката партија на Југославија, Кос жестоко ги отфрли обвинувањата дека била доушник, соработник или дури работела за тајната служба на режимот. Таа го објасни своето вклучување на списокот на безбедносните службеници на комунистичката држава со тоа што „не знаела“ како завршила таму и дека списокот содржел илјадници други имиња, вклучително и тројца словенечки премиери и тројца членови на Европскиот парламент, за кои таа тврдеше оти не верува дека се соработници.

Слично на ова, Кос ја објасни и својата претходна консултантска работа во Брисел како два посебни ангажмани од кои заработила 4800 евра: еден со организирање тркалезна маса за жени за здравствени прашања во Давос и друг за ратификација на трговски договор во Словенија.

Знаејќи добро дека Брисел е полн со луѓе со комплицирано минато и дека ротирањето во бизнисот и политиката е трајна карактеристика на градот, членовите на Европскиот парламент сепак и дадоа пропусница.

На крајот, сите знаат дека натамошното проширување на ЕУ е во рацете на главните градови на земјите-членки, а не на бирократијата во Брисел, без разлика кој седи на врвот.

XS
SM
MD
LG