Условна затворска казна од една година добил дебарчанец затоа што од небрежност предизвикал шумски пожар. Тој предизвикал пожар на отворено со тоа што подготвувал макарони за ручек на неисправна плинска боца која експлодирала и ја запалила околната сува трева. Пожарот брзо се раширил и зафатил државната шума од површина на 50 илјади метри квадратни нанесувајќи огромна штета.
Ова е единствената пресуда во изминатава деценија која ја донел суд во Северна Македонија, судот во Дебар за предизвикување на шумски пожар, покажуваат податоците од Судскиот портал.
Во велешкиот суд веќе четврта година трае судскиот процес за случајот со пожарот на езеро Младост. Обвинети за пожарот кој на 26 август 2019 ја зафати околината на велешкото езеро Младост, се двајца работници и една градежна фирма, кои тврдат дека се невини.
Само во изминативе 6 години во земјава биле опожарени над 30 илјади хектари шумска површина, во која изгоре шума вредна над 55 милиони евра. Само во изминатиот месец се евидентирани 770 пожари од кои над 150 се шумски.
За последниот пожар во Стар Дојран каде се запали депонијата има сомнежи дека е подметнат.
„Мислам дека пожарот е подментат, имаме и сведоци. Од депонијата проради ветрот пожарот веднаш се проширил на околната нискостеблеста вегетација. Притоа загрозил неколку куќи. Лично бев, ги погледнав, две куќи се. Би рекол само зафатени од огнот, но не се оштетени. Најважно е што немаме изгорени куќи, немаме повреднеи“, изјави на 30 јуни директорот на ЦУК Стојанче Ангелов.
Досегашното искуство покажува дека главната причина за настанување на пожарите е човечкиот фактор, изјави неодамна за РСЕ раководителот на секторот за операции во Центарот за управување со кризи, Горан Стојановски. Тој потсетува најчесто проблем е палењето на страништата и чистење на нивите, пред сеење или после жетвата, затоа што земјоделците се уште сметаат дека практично кога ќе го запалат стрништето, односно нивата што ја исчистиле од коров откако ќе ја ожнеат, таа ќе даде подобри приноси и ќе биде подобра за садење за наредниот пат.
„Тоа нема врска, апсолутно нема значење. Колку што сме говореле со стручни луѓе, тоа не влијае позитивно, нити на приносот, нити на квалитетот и добивката од него“, објаснува Стојановски.
Но, иако човечкиот фактор во предизвикување на пожари е на врвот на листата, кривична одговорност за тоа нема. Ниту еден друг човек во земјава во последнава деценија не одговарал, односно не бил осуден за кривичното дело „предизвикување шумски пожар“.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
За ова кривично дело законот предвидува затворска казна од најмалку осум години за оној кој ќе предизвика шумски пожар од големи размери. За оној кој ќе подметне пожар во заштитена шума или национален парк може да се казни со затвор од најмалку десет години. Олеснителни околности предвидел законодавецот кога предизвикувањето пожар е од небрежност, па затворските казни се движат од три до пет години.
Од Обвинителството објаснуваат дека проблемот е во тоа што законодавецот не предвидел конкретно дефинирање на шумите, па оттука произлегуваат и по тешкотиите во докажувањето дека одреден пожар започнал во шума, а потоа се раширил. Со други зборови, законот не препознава дефиниција за шума, па оттаму предизвикувачите на пожарите се гонат по друго кривично дело, за кое има пониски казни – предизвикување општа опасност. За ова дело законот предвидел казна затвор од 6 месеци до најмногу пет години.
Видете и ова: Немаме пари за да гасиме пожариСпоред податоците од судскиот портал од лани до сега, скопскиот Кривичен суд донесел најмалку 20-тина пресуди за предизвикување на општа несигурност. Но, тешко е да се направи разграничување колку од нив се однесуваат за пожари .
Приведени десетина во акцијата „Пожари 2024“
Само во изминативе неколку месеци се приведени десетина лица. За нив постапките се во тек. Последниот приведен е маж од радовишко, кој признал дека ги подметнал пожарите. Пред една недела беше приведен велешанец под сомнение дека предизвикал пожар кај депонијата во близина на село Горно Оризари. Но, до објавувањето на овој текст од Министерството за внатрешни работи не одговорија на прашањата колку конкретно се приведени под сомнение за предизвикување пожар во изминативе три месеци, како и колку кривични пријави се доставени до обвинителствата за предизвикување на пожар.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски на прес конференција на 31 јули изјави дека е отворена операција „Пожар 2024 “ и дека полицијата активно работи на терен, додавајќи дека неколкумина се приведени.
„Сите началници на СВР се фокусирани на ова, гранична полиција е вклучена, правиме се што можеме да направиме за да ги лоцираме оние кои што се директни виновници за пожарите и да ги процесирање до органите на прогон“, изјави Тошковски.
Но, досегашната судска пракса покажува дека најчесто предметите кои ќе стигнат до суд завршуваат со условна затворска казна.
Видете и ова: Над 55 милиони евра вредна шума изгоре за пет годиниДолгогодишната неказнивоста за предизвикувањето на пожарите, дури и потикнува вакви појави, влијае негативно врз перцепцијата и грижата на граѓаните за шумите, а штетите од шумските пожари не се само изгубената дрвна маса, туку и се десеткратно поголеми со уништена почва, микроорганизми, флора, штети по еко системот, објаснува професорот на Шумарскиот факултет Александар Трендафилов.
„За жал нема пресуди за предизвикување на шумски пожари, еве нешто најавуваат, неколку сторители се притворени, но условно за многу подметнувачи на пожари се знае, но досега низ годините не се преземале мерки, или никој не сносил одговорност за такви страшни катастрофи“, вели Трендафилов.
Поради печурката Смрчак се палат иглолисни шуми
Тој посочува дека генерално човечкиот фактор е во прашање кога настанува пожар. Дел од сомневањата се дека освен невнимание, дел од шумските пожари се последици од запалени стрништа додека дел се и намерно подметнати. На пример сомнежите за пожарите предизвикани во шума со иглолисни дрвја е создавање услови за раст на печурката смрчак, една од најбараните и поскапи печурки.
„Има и такви болни умови, кои палат, како на пример неколку пожари во резеватот Јасен каде доминираат иглолисни шуми, беа со таква побуда, за догодина да има поголема појава на печурката Смрчак. Тоа е појава за жал, која не се ни свесни каква последица остава. Ако вака се продолжи, ова е страшно нешто, губиме скапоцености, шуми кои нивните природни услови за место-растење се тешки, и таму да уништиш една вегетација која со години се мачела во вакви специфични климатски услови да се одржи и ние ја губиме за час“, вели Трендафилов.
Видете и ова: Мицкоски: Има индиции дека дел од пожарите се намерно подметнатиОд почетокот на годинава до сега Центарот за управување со кризи детектирал 2044 пожари од кои една третина се шумски. Нивните пресметки покажуваат дека во изминативе пет години во земјава настанале 800 шумски пожари во кои изгорела шума во вредност од над 55 милиони евра.
Пред два дена беше забележана и првата човечка жртва од пожарите, почина 75 годишен човек во кумановско село, кој најверојатно се задушил од чад. Во светиниколскиот крај беа опожарени четириесетина куќи, од кои дел напуштени. Вчерашниот ден беа активни 43 пожари од кои утринава само 9 се активни, 4 под контрола и 30 изгасени, информираше ЦУК.