Достапни линкови

Состојбата со пожарите е тешка, но не е алармантна


илустрација
илустрација

Состојбата со пожарите е тешка, но не е алармантна, оценува првиот човек на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.

Ангелов апелира до граѓаните да не излегуваат во јавноста со непотребни апели за собирање на луѓе.

„Имаме доволно припадници на армијата и на полицијата. Граѓаните не секаде може да бидат од корист, а некаде дури можат и да пречат. Тие можат да бидат корисни во одбрана на населените места кога огнот загрозува некое село или како синоќа кога постоеше мала можност огнот да дојде до градот Пехчево. Во тој случај на ивицата на градот можат да бидат корисни, но во гаснењето не треба да учествуваат освен ако не се прифатени од локалните командири на противпожарните единици“, рече Ангелов и повика да не се создава непотребна паника.

Пожари на делови од Балканот
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:00 0:00

Инаку, изутрината два хеликоптери полетаа кон Пехчево каде веќе активно учествуваат во гаснењето. Ќе им се придружи уште еден, а за кратко ќе полетаат и трите ертрактори на Дирекцијата за заштита и спасување.

Во меѓувреме, донесена е одлука до Владата да се предложи активирање и т.н. НАТО механизам за помош, преку кој ќе може државата да бара и да добие искусни пожарникари. Во овој момент, Ангелов вели дека не постои потреба да бидат испратени пожарникари на помош, но не ја исклучува можноста да дојде до тоа.

Хеликоптери од Србија и Чешка и ер трактори од Германија ќе се вклучат во гасењето на пожарите коишто го зафатија источниот дел на Северна Македонија.

Центарот за управување со кризи информира дека е обезбедена меѓународна помош за гасење на пожарите со помош на ЕУ механизмот за цивилна заштита. На располагање ќе бидат ставени еден хеликоптер од Србија - Agusta Bell 212, кој веќе пристигна на скопскиот аеродром и хеликоптер од Чешка (Black Hawk) со капацитет на ведро од 3 тона, кој се очекува да пристигне вечерва. Дополнително се очекуваат да пристигнат и два ер трактори од Германија.

Во текот на вчерашниот ден, имаше вкупно 66 пожари пожари на отворен простор, од кои во моментот 12 се активни, 3 се под контрола и 51 се изгаснати.

Меѓу нив има и неколку депонии за кои Ангелов вели дека не треба да се потценуваат, со оглед на тоа што вчера пожарот кај Дојран се рашири од депонија, а потоа беа зафатени неколку ниски куќи. Овој пожар сè уште е активен, но според последните информации не го загрозува градот.

Во моментот најсериозни пожари има во Пехчево, Старо Нагоричане каде пожарот се движи кон селата Малотино, Враготурце и Жегљане. Пожарот на територијата на Кратово кај селото Татомир кој се шири кон општина Куманово и општина Свети Николе. Понатаму општина Македонски Брод 1 - селата Тажево, Брезница, кракот кон Јасен, општина Свети Николе кај селата Макреш, Горно и Долно Ѓуѓанци, Строиманци и Ранченци. Активен е и вториот пожар кај Свети Николе над селата Ерџелија, Немањци и Малино.

XS
SM
MD
LG