Достапни линкови

Над 55 милиони евра вредна шума изгоре за пет години


Архивска фотографија, Пожарот во Пехчево 2021 година
Архивска фотографија, Пожарот во Пехчево 2021 година

Над 800 пожари кои во изминативе пет години зафатиле шумски појаси предизвикале штета од над 55 милиони евра, покажуваат податоците на Центарот за управување со кризи. Со високите летни температури расте бројот на пожари, а македонските институции кубурат со кадар и ресурси за справување со нив.

Над 55 милиони евра изнесува штетата предизвикана од пожарите на отворено во изминативе пет години, покажуваат статистичките податоци на Центарот со управување со кризи. Според нивните податоци од 2019 година до сега изгорени се над 600 илјади метри кубни квалитетна дрвена маса. Тоа значи дека за пет години изгорело дрво со кое би се грееле една сезона просечно 100.000 четиричлени семејства. Според последните статистички податоци за една грејна сезона просечно четиричлено семејство троши шест метри кубни дрва за огрев. За да се обнови опожарена шума потребни се 5 децении.

Инфографика - Пожари и штети (2019-2023)
Инфографика - Пожари и штети (2019-2023)


Само од почетокот на годинава до сега се запалиле над 1175 пожари на отворено во земјава. Во нив спаѓаат и оние на дивите депонии и ѓубришта, потоа ниви, ливади, стрништа и дел шуми. Од почетокот на месецов со растот на температурите, расте и бројот на пожари, кој во првите десет дена од месецов изнесува 55.

Инфографика - Пожари на отворено за првата половина од 2024 година
Инфографика - Пожари на отворено за првата половина од 2024 година

Досегашното искуство покажува дека главната причина за настанување на пожарите е човечкиот фактор, вели раководителот на секторот за операции во Центарот за управување со кризи Горан Стојановски. Тој потсетува дека во пожарите во 2021 година е направена најголема штета, со која изгореа, како што вели белите дробови на земјава.

„Најчесто е проблем со палењето на страништата и чистење на нивите, пред сеење или после жетвата, затоа што земједелците се уште сметаат дека практично кога ќе го запалат страништето, односно нивата што ја очистиле од коров откако ќе ја ожнеат, таа подобри приноси ќе даде и ќе биде подобра за садење за наредниот пат. Тоа нема врска, апсолутно нема значење. Колку што сме говореле со стручни луѓе, тоа не влијае позитивно, нити на приносот, нити на квалитетот и добивката од него“, објаснува Стојановски.

Тој вели дека дополнително проблем е кога тоа се прави на температури над 35 степени целзиусови, кога тој пожар полесно се шири и навлегува во шумите.

Истражувањето на невладината организација Еуротинк покажува дека влијание врз големиот број пожари има и таканаречената „шумска мафија“ за која постои сомневање дека подметнува шумски пожари за да заработи пари со препродажба на дрвната маса исечена во погодената опожарена шума. Ваквите сомнежи се наметнале во истражувањето, затоа што било забележано дека санацијата на опожарената шума се спроведува во многу поголеми размери, односно поголем дел од шумата бил отсечен, отколку површината што првично била зафатена од пожар.

Натпросечните температури најавуваат топло и сушно лето

Метеоролозите годинава очекуваат топло и сушно лето со температури кои ќе достигнат 3 целзиусови степени повеќе од досегашните годишни просечни температури. Пеколните температури само го зголемуваат ризикот од создавање на нови пожари, кои што со години ги оштетуваат шумите.

Нелегалната трговија со дрвја е светски бизнис број три
please wait

No media source currently available

0:00 0:19:25 0:00
Директен линк

Тоа го наметнува и основното прашање, колку земјава е подготвена и способна да се справи со сезоната на пожари.

Ресурсите за справување со пожари во земјава се ограничени, вели раководителот во ЦУК, Стојановски. Тој зборувајќи за своето над 30 годишно искуство, објаснува дека проблемот е повеќеслоен и дека условите за справување со пожарите и останатите природни катастрофи во земјава се отежнати.

„Прво, поради несреденост во рамки на Национални шуми, од аспект на луѓе, од аспект на опрема, оперативните планови не соодвестуваат со реалната состојба. Вие можете да пишете на хартија што сакате, но, дали имате од тоа средство на располагање, дали имате доволно луѓе и дали тие луѓе се обучени, опремени за гасење на пожари, тоа е прашање. Оперативните сили на Национални шуми не се комплетни, не се компатибилни, и не можат да одговорат, затоа што се распрачени, во смисла, оперативните планови не одговараат фактичките состојби, националните паркови немаат доволно луѓе ни пари“, вели Стојановски.

Во анализата на Центарот за граѓански комуникации се вели дека „поради закочената трансформација“ на ЈП „Национални шуми“, неговата лоша кадровска и техничка опременост за теренска работа, 75 проценти од работата на терен во ова јавно претпријатие ја вршат надворешни економски оператори, а 25 проценти вработените.

Авионите сервисирани, ама нема пилоти за да летаат

Во меѓувреме пожарите од воздух ќе може да се гасат само со еден авион.

Иако годинава навреме сервисирани два од трите ер- трактори ќе останат паркирани во гаража, се додека не се изнајде пилот за нив. Двајца од вкупно тројца пилоти во јануари заминаа во пензија, а државата загрижена поради изборниот процес во земјава, не им го продолжи договорот, додека да се обучат или вработат нови, како што бараше актуелниот директор на Дирекцијата Беким Максути.

Дирекцијата за спасување и заштита годинава плати 370 илјади евра за сервисирање на трите авиони, покажуваат податоците на Бирото за јавни набавки. Директорот на Дирекцијата Максути вели дека годишниот сервис е во тек, едниот авион е веќе готов и наскоро ќе биде вратен во Скопје, додека следната недела ќе заврши и сервисот за вториот авион. Но, тој додава дека проблемот со пилотит не е решен.

„Ни треба одобрение од министерството за финансии кое ќе биде потпишано од новиот министер, поради законските ограничувања кои настанаа со изборите“, одговори кусо Максути.

Претходно во април, Максути за РСЕ изјави дека добил уверување од техничката Влада дека по 8 мај ќе започне процесот за враќање на двајцата пензионирани пилоти кои ќе бидат ангажирани со договор на дело, се додека не се објават огласи за ангажман на нови пилоти.

Покрај овие услови кои треба да ги поседува, Максути тогаш посочи дека е мал интересот на пилоти кои сакаат да работат во дирекцијата и поради значително пониските плати во однос на оние кои ги земаат пилотите во МВР и во Министерството за одбрана.

„Моментално нашите пилоти се најслабо платени, а сме со најголем ангажман во однос на часови на летање и во однос на ризик. Платите на нашите пилоти се движат од 72 до 75 илјади денари, а на пример платите на нивните колеги во Армија и полиција се два, три, па и до четири пати повисоки“, додаде Максути.

Пилотите кои работат во армија и полиција просечно имаат околу 50 часа лет годишно, додека пилотите во ДСЗ околу 300 часа годишно.

Стојановски вели дека во изминативе години на помош од воздух во гасење пожари доаѓаат хеликоптерите на Министерството за внатрешни работи и на македонската Армија. Но, додава дека не секогаш се достапни за помош, поради примарни обврски во матичното Министерство.

„Оваа сезона ќе биде многу тешка сезона, со заклучок на техничката Влада ние сме обврзани да ги кординираме сите сили и средства и ресусрси во рамките на државата за справување со пожарите на отворен простор за да направиме максимални напори да ставиме секое средство кое ни е на располагање за да се справиме,“ вели Стојановски.

Тој ги повикува институциите да вложат напор за да се изведат добри системски решенија, за да се подобри одговорот за справување со природни катастрофи.

Дополнителен проблем се и недостигот на нови противпожарни возила, затоа што сегашните се олдтајмери, како и недостигот од доволно пожарникари во градовите.

Инфографика - Што има државата за гасење пожари?
Инфографика - Што има државата за гасење пожари?

Седум противпожарни возила во земјава се постари од половина век покажуваат податоците од дата базата на Центарот за граѓански комуникации. Во олдтајмери рекордери се Валандово и Струмица со противпожарни возила произведени во 1966 година. Последните податоци покажуваат дека во земјава има 30 противпожарни единици кои можат да гасат пожар со само 220 возила чија што просечна старост изнесува 27 години од кои три четвртини се произведени минатиот век.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG