Политичките партии, кои, според Законот за финансирање на партии, освоиле барем 1% гласови од вкупно излезените гласачи, и годинава ги добија парите од буџетот. Според истиот закон, овие партии не добиваат исто пари бидејќи оние кои освоиле повеќе гласови на последни избори, пропорционално добиваат и поголем дел од колачот. Па, така, најмногу се офајдија најголемите партии: ВМРО ДПМНЕ – 1. 491. 000 евра, СДСМ - 1. 323.000 евра и ДУИ – 677.800 евра.
Видете и ова: Државата ги „опари“ партиитеПари од државниот буџет се исплатени и на оние партии кои себе се декларираат како „мали“, но сепак имаат свои претставници во властите. Такви се на пример ПОДЕМ на Живко Јанкуловски со околу 100 илјади евра,, Нова социјалдемократска партија на Горан Мисовски со 60 илјади евра, ДОМ на Маја Морачанин со исплата од 47 илјади евра и Демократскиот сојуз на Павле Трајанов кој за годинава има исплата од државниот буџет од 40 илјади евра.
Одвреме навреме се појавува по некој предлог за намалување на средствата кои се издвојуваат од државниот буџет за политичките партии, но, се разбира, тоа не им одговара главно на партиите, кои се најбогати, а истите имаат моќ да одлучуваат.
Лично и семејно богатење преку политичка моќ
Лидерите на најголемите партии „палат и гасат“ во државата, особено кога се на власт, а покрај нив и нивни блиски се офајдуваат, било да се тоа партиски или семејни врски. И сите тие се едногласни дека институциитетреба да го проверат сечиј имот, да утврдат како е стекнат и ако има било какви неправилности да има санкции. Така е барем декларативно.
Но, кои институции? Анти-корупциската комисија и Државниот завод за ревизија никој не ги есапи. Обвинителството и судството, со одредени исклучоци, се под контрола на политичките и бизнис елити. Дека ваквата констатација не е произволна, потврдуваат и отворените предупредувања од странски амбасади во земјата, како и од домашни експерти.
Затоа и повикот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети за истрага на сите функционери на партијата, за антикорупционерите е фрлање прав во очи на јавноста. Поранешниот обвинител Александар Наков смета дека е огромно влијанието на ДУИ во правосудството и не очекува некаква акција на институциите за започнат таков еден процес.
Дури и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, член на ДУИ, неодамна изјави: „Губам надеж дека сами ќе можеме да го поправиме судството. Единствена надеж гледам во отворање на Поглавјата 23 и 24 и вклучување на механизмите на Европската Унија во тој дел“.
Ако тој загубил надеж, што да мислат обичните граѓани.
За граѓаните нема пари, ама ќе има етничка припадност во изводите од матична книга на родените
Како фрлање прав во очи наликува и битката меѓу Министерот за правда Кренар Лога и Уставниот суд за графата за етничка припадност во изводите од матична книга на родените. Или пак оваа „екскурзија“ има и друга заднина?
Уставниот суд донесе времена мерка со која го стопира упатството за издавање на лични документи со графата за етничка припадност. Веднаш по оваа одлука Министерот за правда најави дека ќе донесе ново упатство, без да ја смени содржината, со кое правно ќе ја негира одлуката на Уставниот суд.
Досега во изводите имаше графа за државјанството, но не и графа за национална припадност. На прашањето, во која друга земја во светот има графа за националност во личните документи, министерот рече дека во ниту една друга земја нема потреба да се докажува националноста. Зошто кај нас има потреба, не објасни.
Вметнувањето на етничката припадност во изводот на родени не поминаа незабележано кај фондациите и здруженијата во соседна Бугарија, кои на социјалните мрежи ги повикаа македонските граѓани за 250 денари да извадат нов извод во кој ќе се пишат дека се со бугарска националност за да си олеснат процедура за вадење на бугарски пасоши. За министерот Лога ова е само дневна политика.
Пари, тендери и недовршени автопатишта
Во ек на туристичка сезона градежни работи на автопатот од Табановце до Гевгелија, „Пријателство“. Делницата од Петровец до Катланово и обратно, во вкупна должина од 10 километри во двата правци, се поправа со години. А сега почна и поправката на автопатот меѓу Демир Капија и Неготино, во еден правец, во должина од 15 километри. Од Јавното претпријатие за државни патишта велат дека летната и градежната сезона се поклопувале.
Не е баш така, но, не е само тоа проблемот.
Градежната фирма „Бетон“ беше изведувач на работите на делницата Петровец - Катланово, но бидејќи не го испочитува рокот, договорот се раскина. Спорот меѓу него и јавното претпријатие ќе го решава меѓународна арбитража. Бидејќи проектот е финансиран од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за 10 км пат се бараше нов изведувач.
Сега изведувач на работите на делница од 10.7 км, Петровец- Катланово и обратно е турската компанија МАКИМСАН , а ревитализацијата и проширувањето чини 6 милиони 366 илјади евра со рок на изведба до декември 2023. На втората точка каде изведувач на работите на делница од 15 км,Демир Капија – Неготино е ЕСКАВАТОРИ МК ДООЕЛ, ревитализацијата ќе чини 9 милиони евра, рокот за работа е до мај 2024 година.
Дали овие суми и рокови ќе бидат конечни, ќе видиме. Во меѓувреме, сите патарини работат и инкасираат солидни суми, без оглед на состојбата на автопатот.
Некој работи и само за „бакшиш“
На многу од туристите кои патуваат низ Балканот, неизбежна им е и нашата држава, без оглед на состојбата со автопатиштата. Дел од нив, го посетуваат и главниот град Скопје. Со какви впечатоци ќе си заминат, во голема мера зависи и од туристичките водичи, се разбира, оние лиценцираните. За дивите, а има и такви, а никој не ги санкционира, во друга прилика.
Некогашниот професор по географија, а сегашен туристички водич, Зоран Ставревски, секојдневно им раскажува на туристите за Скопје и за македонската историја. Тоа се нуди да го прави бесплатно, а оние кои го ценат неговиот ангажман се заблагодаруваат со башкиш. Вели дека бројот на туристите од година во година расте, но и дека мора да се најде интересен пристап за да се задржи вниманието. РСЕ беше дел од туристичка тура низ Скопје.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5