Скопјанката Силвана М. со месеци не може да закупи месечна карта за паркинг во центарот на градот, за да може да го остави автомобилот на паркинг во близина на банката во која работи. Проблемот е во тоа што сите шест катни гаражи во општината ги исполниле своите капацитети и нема место за нови клиенти.
„Неколку месеци поминаа откако поднесов барање за да купам месечна карта за паркингот спротив „Нова Македонија“, но место нема. Принудена сум секој ден да се снаоѓам - некогаш плаќам по изминати часови, што е двојно поскапо. Некогаш, го оставам автомобилот по тесни улички, со ризик да го крене „Пајак службата“ и да платам казна“, вели таа.
Овој паркинг е под капата на скопското претпријатие „Градски паркинг“, иако е на територија на општината Центар. Додека Силвана и многу други како неа чекаат да се реши проблемот со паркирањето во центарот на градот, полн со административни служби, голем број вработени и со нивни автомобили, до Општина Центар стигна сметка за наплата за оштета за неизградена катна гаража.
За неизградената барокна гаража на седум ката што требаше да никне во паркот спроти зградата на НИП „Нова Македонија“ пред една деценија, скопската општина Центар на 31 јули ѝ платила 1,2 милиони евра оштета за испуштена добивка на фирмата „Пелагонија“ АД Гостивар. Ова го покажуваат податоците од владиниот финансиски портал „ Отворени финансии“.
„Дополнително, покрај основниот долг, Општината треба да исплати и камати, со што севкупниот долг ќе се дуплира“, велат од општината.
Оттаму додаваат дека исплатата на каматата ќе биде планирана во буџетот за 2025 година.
„Исплатата на истата ќе зависи од разрешницата по поднесената ревизија“, се вели во одговорот од Општината.
Исплатата е по основ на судско решение, односно по донесената пресуда од Апелациониот суд.
Видете и ова: Скопје 2014 ќе продолжи да се гради со буџетски пари во 2025Правната битка трае цела деценија
Овој спор „се влече “ по судските ходници откако во 2013 година по одлука на граѓанскиот суд беше раскинат договорот за јавна набавка за изградба на катна гаража, што го склучи поранешниот градоначалник Владимир Тодоровиќ со фирмата „Пелагонија“ ад Гостивар. Раскинувањето на договорот беше во време на мандатот на Андреј Жерновски, наследник на Тодоровиќ.
Барокната катна гаража требаше да се вклопи во стилот на проектот Скопје 2014. Таа беше дел од инфраструктурен проект за изградба на седум катни гаражи во центарот на градот и единствена која што никогаш не се изгради.
Тендерот беше склучен во 2012 година, а лопата на камен темелник фрлија поранешниот премиер Никола Груевски и тогашните градоначалниците на Град Скопје и на oпштина Центар, Коце Трајановски и Владимир Тодоровиќ во февруари 2013 година, непосредно пред локалните избори во март.
Според најавите тогаш било предвидено катната гаража да се простира на површина од 8.438 метри квадратни, со седум нивоа над земја и едно ниво под земја, со 189 паркинг-места. Проектот требаше да биде завршен за 12 месеци.
Видете и ова: Нема решение за проблемот со паркингот на КлиничкиСпоред тендерските документи, основната вредност на изградбата на катната гаража била проценета на 3,8 милиони евра, па за тоа општината подигнала и кредит во таа вредност.
„Во врска со кредитот, договорот за кредитно задолжување што Општина Центар Скопје го имаше склучено со банката со намена изградба на катна гаража беше раскинат“, се вели во одговорот на Општината.
На локалните избори во 2013 година, за градоначалник на општина Центар победи тогашниот опозицискиот политичар Андреј Жерновски како кандидат на СДСМ. Набрзо откако седна на градоначалничкото столче најави стопирање на изградбата на катната гаража, а парите ги пренамени за изградба на основното училиште „Киро Глигоров “ во населбата Капиштец.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Според дел од судските пресуди, договорот за јавната набавка бил раскинат по барање на фирмата, поради неодобрени промени на основниот проект, затоа што на терен се појавиле подземни води. По раскинувањето на договорот на фирмата и биле исплатени 33 илјади евра за трошоците до фазата во која што застанале со поставувањето на камен темелник.
Врховен суд по втор пат ќе одлучува за ист предмет
Општината минатиот месец поднесе барање за вонреден правен лек- ревизија на судските одлуки до Врховниот суд во обид да ги врати парите на даночните обврзници во општинската каса.
Но, барањето на општинските власти за ревизија на одлуката на Апелациониот суд, според законот, не го задржува извршувањето на правосилната пресуда против која е изјавена.
Тоа значи дека ако Врховниот суд ја поништи пресудата, фирмата ќе треба да ги врати назад парите. Но, доколку ја потврди пресудата, тогаш општинската каса ќе остане „полесна “ за нешто повеќе од 2 милиони евра, колку што чини изградба, на пример, на една градинка.
Ова е втор пат како општинските власти уплаќаат пари за оштета кон истата фирма.
Во 2018 година, компанијата ја тужеше Општина Центар и го доби спорот во кој докажуваше дека е оштетена поради што тогашниот градоначалник Андреј Жерновски, не потпишал измени на проектот, со што оневозможил изградба на катната гаража.
Поради тоа со извршител од општинската сметка беа повлечени 1,6 милиони евра. Сметката на општината во време на мандатот на Саша Богдановиќ, наследникот на Жерновски, беше две недели блокирана.
Видете и ова: Зградите на ЕСМ заглавени во правни лавиринтиТогаш Управата за финансиска полиција ги побара од општината на увид сите документи околу случајот со катната гаража. Но, како заврши нивниот увид и дали била покрената некаква постапка за овој случај, до објавувањето на овој текст одговор не добивме.
Една година подоцна, во 2019 година, со пресудата на Врховниот суд со која беше укината одлуката на Апелација, Пелагонија во 2019 година ѝ ги врати парите на општината.
И судскиот процес беше вратен отпочеток, по што пониските судови повторно пресудија во корист на фирмата. Сега повторно на потег е Врховниот суд кој треба да одлучува по барањето на Општината, дали ќе се укинат пресудите и фирмата ќе треба да ги врати парите или пак ќе ја потврди последната пресуда и Општината ќе се „збогува“ со државните пари за неизградена катна гаража.
Според инфраструктурниот проект со кој требаше да се изгради катната гаража во опшштина Центар, се очекуваше да се растовари сообраќајниот метеж и проблемот со паркинг во близина на неколку институции и министерства кои се сместени во зградата на НИП „Нова Македонија“. Дополнително ќе се отвореше можноста да се растовари и притисокот на Универзитскиот клинички центар „Мајка Тереза“ кој се наоѓа во близина.