Достапни линкови

Зградите на ЕСМ заглавени во правни лавиринти


Државното претпријатие Електрани на Северна Македонија има две деловни згради кои се распаѓаат, иако за нив досега се потрошени речиси 20 милиони евра. Ниту можат да ги продадат, ниту да инвестираат во нив поради правни битки за стари пропусти. Првата зграда стара 62 години, девет години седи без фасада, а втората е нова, и седум години чека технички прием. Последната битка е за правото на сопственост, на чие име да се води, дали на државата или на државната компанија.

Богот на грмотевиците Перун од словенската митологија чија статуа е ставена на врвот на новата зграда на државната Електрани на Северна Македонија(ЕСМ) не „донесе светлина“ во зградата. Седум години оваа зграда во строгиот центар на Скопје на улица Македонија чека одобрение за употреба од надлежните институции.

Зградата вредна 17 милиони евра спроти Старата железничка станица изгледа како да е напуштена, но реалноста е дека никогаш не беше ни вселена, иако за неа беше купен мебел во вредност од половина милион евра. Канцелариите на директорот, за состаноци, просторот за прием, како и собата за релаксација се одамна готови и платени, само што никој не може да ги користи.

ЕСМ - старата зграда пропаѓа, новата зјае празна
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:12 0:00

Тогашниот директор на ЕСМ сега премиер Христијан Мицкоски ветуваше дека до крајот на 2017 во неа ќе се смести целата администрација и раководство на државната компанија ЕСМ.

„До ноември вселување. 99 проценти е готово. Доброто е што ЕЛЕМ ќе биде комплетен, две единици ни се под кирија, тоа е ХEЦ треска и ЕЛЕМ турс кои не чинат 200 илјади евра за кирија и тие ќе ги заштедиме“, изјави Мицкоски во јуни 2017 година.

Но, неговото ветување не се исполни, затоа што за време на изградбата на зградата во неговиот мандат се правеле измени на проектот за кои не биле обезбедени дозволи пред да се направат измените, па сега објектот нема технички прием. Од ЕСМ велат дека таквата ситуација ја затекнале во 2017 година при промена на власта. Оттаму велат дека во овие седум години имале неколку неуспешни обиди да се пресели целата администрација во новата зграда.

Еден од последните обиди е годинава, кога се обиделе да го решат проблем со правото на сопственост на објектот. За таа цел се обратиле до Државното правобранителство со предлог запишување на правото на сопственост во корист на државата како основач и единствен акционер. Владата се согласила на тоа и донела одлука во октомври минатата година со која требало да се запише правото на сопственост врз таа зграда во корист на РСМ. Одлуката објавена во Службениот весник ја потпишал тогашниот вицепремиер Артан Груби.

Според одлуката, требало да се запише правото на сопственост на недвижна ствар, објект кој се наоѓа на булевар „Македонија“.

„Но, Агенцијата за Катастер на недвижности одби да ја спроведе одлуката од причина што одобрението за градба е во корист на АД ЕСМ,“ велат од државната компанија.

Во имотниот лист на парцелата со голема од 1425 метри квадратни е заведена како градежно неизградено земјиште во сопственост на Република Македонија.

Катастарски податоци

Гаражи има, влез за автомобили нема

Дел од вработените со кои разговаравме велат дека се направени низа пропусти при градбата, како и тоа дека не е направен пристап до подземниот паркинг од улица, иако за тоа имало неколку предлози кои биле одбиени од градските власти. Во документот објавен на страницата на Бирото за јавни набавки се вели и дека зградата треба да има хидрауличен лифт за автомобили.

„Што се однесува до сообраќајното решение за пристап до гаражите во новата административна зграда на ЕСМ, изведеното сообраќајно решение не соодветствува со техничкото решение од основниот проект врз основа на кој е добиено одоберението за градење. Изведеното сообраќајно решение не може да се пушти во употреба, бидејќи при неговата изведба ненавремено е поднесено барање за измени во текот на градбата од раководството кое било актуелно додека траела градбата на објектот“, се вели во одговорот на ЕСМ.

Изградбата на новата административна зграда проследена со контроверзии

Владата предводена од Груевски во 2011 година му доделила земјиште на трајно користење на претпријатието ЕСМ тогашно ЕЛЕМ во вредност од над 800 илјади евра за да прави зграда. Тогаш директор бил Влатко Чинговски на ЕЛЕМ. Оваа државна компанија прво склучило договор за изградба со компанијата Страбаг во 2013 година, а потоа и анекс на договор со тогашната сума достигна 13 милиони евра.

Двете табли пред зградата сведочат за промените во јавните набавки.

Табли на административната зграда на Електрани на Северна Македонија
Табли на административната зграда на Електрани на Северна Македонија

Откако оваа фирма не ја завршила започнатата работа до 2015 како што било предвидено, во 2016 година потпишало договор и со фирмата Озон.Во тоа време за директор на ЕЛЕМ е назначен сегашниот премиер Христијан Мицкоски.

Целата договорена сума е исплатена, а на објектот од 2017 година не се работи откако Министерството за транспорт и врски донело заклучок дека настанале промени во носивоста и стабилноста објектот и тој не може да се употребува.

„И по седум години откако е завршена изградбата на административната зграда, вработените не можат да се преселат во новите простории, бидејќи компанијата постапува согласно закон“, велат од ЕСМ.

Го преживеа земјотресот во 1963, но не и Скопје 2014

Во меѓувреме, вработените работат во старата зграда која веќе девет години е без фасада. Вработените во ЕСМ се снаоѓаат кој како може и умее во старата зграда, особено тие на деветтиот кат каде што соседи им се гулабите кои се населуваат во незавршената фасада.

Старата зграда на ЕСМ која се наоѓа до Градскиот трговски центар е изградена во 1962 година и една од ретките што го преживеа катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Таа беше еден од најзначајните објекти на македонската модерна архитектура по идејно решение на белградскиот архитект Бранко Петричиќ.

Нејзината фасада беше прв пат реконструирана во 1970 година, а вториот пат во 2000-тата година кога било додадено стаклото и мермерот. Но, во 2014 година, по барање на тогашниот премиер Никола Груевски, австриската компанија која користеше простории од оваа зграда, ја отстрани стаклената фасада за да „преслече во барок“ налик на проектот „Скопје 2014“.

За реконструкција и доградба на објектот тендерот го доби градежната фирма „Бетон“ Скопје во вредност од 4,3 милиони евра.

Откако изби пожар на фасадата во 2016 година ЕВН ја пресели својата администрација на друга локација, па сега тие катови седат празни и недовршени. Тогашните препирки во јавноста гласеа дека ЕВН барале од Бетон Скопје да користи огноотпорен материјал, но фирмата одбила. Беа најавувани тужби, вклучување на Владата и градот Скопје во изнаоѓање решение, како и можност за продажба на зградата.

Во 2020 година тогашната Влада го откупи делот од зградата кој беше во сопственост на АД ЕВН, кој му припаднал по распределбата на имотот на поранешното државно Електростопанство.

ЕСМ со нов предизвик, дали да инвестира или да чека

Според соопштенијата објавени во тој период, Владата уплатила милион евра на во име на аванс за купување на управната зграда лоцирана на плоштадот Македонија, за остатокот од парите е наведено дека ќе се исплатат по завршувањето на официјалната проценка на вредноста на објектот. Повеќе детали за тоа оттогаш во јавноста нема.

„За жал, во изминатиот период сите обиди АД ЕСМ да може да ја користи новата зграда и да ја продаде или отстапи старата, не вродија со плод. И покрај повеќето најави дека настанатата правна состојба може да се реши, истата сè уште не е разрешена, односно на новата зграда на АД ЕСМ не може да се изврши технички прием и да се добие одобрение за употреба на истата. Како последица на ова, АД ЕСМ се соочува со предизвикот да биде изложен и на трошок за инвестиција во нова зграда, која не може да ја користи, и на трошок за санирање и уредување на старата зграда“, се вели во одговорот на ЕСМ за РСЕ.

Ревизорскиот извештај од 2022 година покажува дека новата барокна зграда која се уште не е вселена, како и реконструкцијата на фасадата на старата зграда која не е завршена создале големи нерационални трошоци кои влијаат врз ликвидноста на претпријатието. Во извештајот е наведено дека земјиштата и градежните објекти претставуваат 56% од вкупната вредност на материјални средства на друштвото, при што АД ЕСМ Скопје иако располага со имотни листови, поради недостаток на детални и точни податоци во деловните книги, ревизорите не биле во можност да ја потврдат нивната комплетност, површина и сопственост.

„За земјиштето кое со одлука на Владата на РСМ е доделено на трајно користење и на кое се гради нов административен објект - Деловна зграда на АД ЕСМ Скопје не е започната постапка за обезбедување на имотен лист“, е наведено во ревизорскиот извештај објавен во април 2022 година.

Веднаш до зградата на ЕСМ се наоѓа објектот на регулаторни тела, а спроти неа е објектот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Сите три се во употреба и се дел од проектот „Скопје 2014“.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG