Европските лидери остро го критикуваа унгарскиот премиер Виктор Орбан за неговата посета на Русија на 5 јули каде се сретна со рускиот претседател Владимир Путин, обвинувајќи го дека се ракува со „крвав диктатор“ и дека „ја искористил позицијата на претседателството на ЕУ за да сее конфузија“.
Орбан, кој ги налути претставниците на ЕУ и Украина со неговите редовни проруски коментари и политики, тврдеше дека бил во Москва за да помогне во решавањето на војната меѓу Русија и Украина, но западните и украинските власти го критикуваа патувањето, инсистирајќи дека тој не зборува за Брисел или Киев.
„Во Москва, Виктор Орбан на ниту еден начин не ја претставува ЕУ или позициите на ЕУ“, рече естонската премиерка Каја Калас, која е назначена да стане следниот претставник на ЕУ за надворешни работи.
„Тој ја користи позицијата на претседателството на ЕУ за да сее конфузија. ЕУ е обединета, јасно зад Украина и против руската агресија“, рече таа.
Видете и ова: Орбан во прва посета на Украина од почетокот на војнатаЛитванскиот претседател Гитанас Науседа ги повтори нејзините коментари. Балтичките земји Летонија, Литванија и Естонија изразија силна поддршка на Украина по целосната инвазија на Русија во февруари 2022 година.
„Ако навистина барате мир, не се ракувате со крвав диктатор, ги вложувате сите ваши напори да ја поддржите Украина“, напиша Науседа на мрежата Икс (поранешен Твитер).
По неговите разговори со Путин во Кремљ, Орбан на прес-конференција рече дека неговото патување претставува „прв чекор за обновување на дијалогот“ меѓу завојуваните страни, но тој призна дека гледиштата остануваат „далеку едно од друго“ во Киев и Москва.
„Открив дека позициите се далеку. Бројот на чекори потребни за да се стави крај на војната и да се постигне мир се многу“, рече Орбан, кој вети дека „ќе продолжи со оваа работа“.
Во телевизиските коментари, Путин го задржа својот долгогодишен став, кој беше отфрлен од Киев, велејќи му на Орбан дека Украина мора да ги предаде сите четири региони во источна и јужна Украина кои Русија делумно ги окупирала.
„Зборуваме за целосно повлекување на сите војници од Доњецката и Луганската народна република [официјално украинските региони Доњецк и Луганск] и од регионите Запорожје и Керсон“, рече Путин.
Руските државни медиуми соопштија дека посетата на Орбан ќе биде еднодневен престој и дека тој ќе замине подоцна на 5 јули.
На средбата со Орбан во Кремљ, Путин рече дека верува оти унгарскиот лидер на некој начин дејствува во име на Европската унија.
„Разбирам дека овој пат дојдовте не само како наш долгогодишен партнер, туку и како претседател на Советот [ЕУ]“, му рече Путин на Орбан.
Тој, исто така, рече дека очекува Орбан да ја претстави „гледната точка на европските партнери“ за ситуацијата во Украина и дека е подготвен да разговара за „нијанси“ на мировните предлози.
Орбан на патувањето е придружуван од министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто.
Портпаролот на Орбан на социјалните мрежи сподели слика од Орбан на црвен тепих на асфалтот во Москва со пораката „Мировната мисија продолжува. Втора станица: #Москва“.
Сијарто објави слика од себе како излегува од авион на унгарското воздухопловство и напиша: „Пристигнување во Москва. Уште еден чекор за мир!“
Посетата на Орбан на Москва следува неколку дена откако тој оствари средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев. Унгарскиот премиер е во Русија само пет дена откако неговата земја го презеде претседавањето со Европската Унија.
Според портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, се очекува Путин и Орбан да разговараат за конфликтот во Украина.
Официјалните претставници на ЕУ не се согласуваат со оваа посета на Орбан на Москва. Неговата посета на Русија на самиот почеток на шестмесечното претседавање со ЕУ наиде на критики од европските дипломати.
„Со ваков вид на состанок, унгарското претседателство заврши пред да започне“, рече еден дипломат на ЕУ.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека Алијансата била однапред информирана за посетата на Орбан на Русија.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, рече дека Орбан „во ниту еден облик не ја претставува ЕУ“ во Москва. Тој додаде и дека посетата на Орбан на Москва спаѓа исклучиво во билатералните односи меѓу Унгарија и Русија.
И Шарл Мишел, претседателот на Европскиот совет, на платформата „X“ објави дека „ротирачкото претседателство на ЕУ нема мандат да се ангажира со Русија во име на ЕУ“.
„Европскиот совет е јасен: Русија е агресор, Украина е жртва. Не може да има ниту една дискусија за Украина, без Украина“, додаде Мишел.
Финскиот премиер Петри Орпо рече дека веста за посетата е вознемирувачка.
„Неговата посета ќе покаже непочитување на должностите на претседавачот со ЕУ и ќе ги поткопа интересите на Европската Унија“, рече Орпо.
Видете и ова: Што може да се очекува од унгарското претседателство со ЕУ?Откако Русија ја започна својата целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година, Орбан им се спротиставуваше на лидерите на Европската Унија и НАТО изразувајќи неподготвеност да ја поддржи помошта од западните земји за Украина.
Веста за патувањето на Орбан најпрво ја објави уредникот за Централна Европа, Шаболц Пањи во објава на „X“. РСЕ подоцна доби потврда за посетата преку извор од унгарската влада.
Прес-службата на унгарскиот премиер сè уште не одговори на барањето за коментар.
Минатиот месец Путин рече дека Русија ќе ја заврши својата војна за која се верува дека убила и ранила најмалку 500.000 војници од двете страни, само доколку Киев исполни одредени услови.
Тие вклучуваат откажување од амбициите за НАТО и отстапување од четири делумно окупирани региони од Русија, покрај Крим.
Украина ги отфрли условите како апсурдни и рече дека тие се еднакви на капитулација.
Додека беше во Киев, Орбан, кој одржува блиски односи со Путин, рече дека на Зеленски му предложил предлог за прекин на огнот со цел да запрат борбите со Русија по повеќе од две години по целосната инвазија на Москва.
Официјален претставник на ЕУ, кој побара да остане анонимен, за РСЕ изјави дека Орбан не го информирал блокот за никакво планирано патување во Москва.
„Ако Орбан побарал, Мишел силно би советувал да не се оди на таква посета“, рече официјалниот претставник.
Зборувајќи со новинарите по средбата со Зеленски, Орбан не даде детали за содржината на предлогот кој му го понудил, но рече дека го прашал украинскиот претседател „дали е можно да се направи пауза, да се запре пукањето и потоа да се продолжат преговорите“, додавајќи дека прекинот на огнот „може да обезбеди забрзување на темпото на овие преговори“.
Видете и ова: Орбан му претстави на Зеленски предлог за прекин на огнотОрбан постојано го критикува испраќањето воена помош од Западот за Киев.
Зеленски не го кажа своето мислење за предлогот за време на брифингот со новинарите, но портпаролот на претседателот подоцна на 2 јули рече дека Зеленски му дал можност на Орбан да ги пренесе своите размислувања.
Ихор Жовква, заменик началник на кабинетот на Зеленски, исто така, рече дека Унгарија не е првата земја што излегла со потенцијален мировен план.
Жовква рече дека Зеленски го послушал предлогот на Орбан, но како одговор ја кажал „сосема јасната, разбирлива и позната“ позиција на Украина.
Украина вели дека нејзиниот „територијален интегритет“ мора да биде основата на секој мировен договор - термин поддржан од 80 земји кои учествуваа на Глобалниот самит за мир во Швајцарија, инициран од Украина, минатиот месец.
Орбан последен пат ја посети Москва во септември 2022 година, на погребот на поранешниот советски претседател Михаил Горбачов.