За овие пет години од 2019 до 2023 година, најголем увоз на стари автомобили имало во 2019 година со вкупно увезени 37 илјади стари автомобили, а најмалку 2022 година со 22 илјади стари.
На крајот на минатата година беа најавени законски измени со кој Владата имаше план да ги зголеми давачките за увоз на возила, особено тоа ќе ги погодеше увозниците на стари автомобили. Ако до сега не плаќаа царина за возило кое чини до 10 илјади евра, планот беше да се воведе давачка од 1% од цената на чинење на возилото.
Исто така со измените требаше да се зголеми двојно давачката на возилата кои загадуваат повеќе. Но, по протестите на увозниците и преговори со нив оваа идеја пропадна, па сега од таму велат дека не ограничуваат увоз на стари возила со ригорозни и рестриктивни мерки, туку со законот донесен во 2020 година, акцизата се заменила со данок за моторно возило.
„Тоа е минато време на рестрикции и забрани. Со овој закон се воспостави механизам за плаќање повисоки давачки при увоз за возила со повисока емисија на СО2, што значи доколку се увезува постаро возило се наплаќаат повисоки давачки за возилата. Увозниците и граѓаните на овој начин се стимулираат наместо да увезуваат многу стари возила кои се нееколошки и имаат високи емисии на СО2 и за тоа треба да плаќаат значително повисоки давачки, да набавуваат поеколошки и понови возила кои имаат ниски емисии на СО2 и за што ќе платат значително пониски давачки“, вели Анастас Маженковски, помошник директор во Царинската управа.
Како пример од Царината наведуваа дека возило со ЕУРО 4 норма, старо над 20 години кое е релативно ефтино на странските пазари на пример Голф 4 од 2004 година, но кое е со многу поминати километри, многу амортизирано и има висока емисија на СО2, ќе плати данок во износ од околу 1.000 евра. За возило Голф 6 од 2014 година, со емисија на гасови ЕУРО 6, кое е со пониска емисија на СО2 ќе плати данок од околу 300 евра, што претставува разлика од најмалку 700 евра меѓу овие две возила.
Од царината велат дека баш поради ова граѓаните наместо да и плати на државата данок за толку старо возило ќе си ги вложат парите за да си купат поново возило со помала емисија на СО2, со помала амортизација и возило кое помалку загадува.
Дваесет годишни „дизелаши“ најзастапени на македонските патишта
Според статистиката на Министерството за внатрешни работа просечната старост на автомобилите во земјава е околу 20 години. Ако во 2012 просечната старост била 16,8 за само десет години „остарела“ за уште 3 години. Податоците од Министерството за внатрешни работи пак покажуваат дека според годината на производство по патиштата преовладуваат возила кои се произведени 2005, 2006 и 2007 година чија бројка достигнува вкупно 140 илјади од вкупно 480 илјади возила.
Но, од вкупниот број на возила во Северна Македонија се возат возила и од минатиот век и тоа не е бројка со која може да се гордее бидејќи 173 илјади возила се регистрирани со дата на производство од 1990 до 2000.
Според податоците и на царината и на МВР се уште преовладуваат возила кои се возат на дизел гориво. Само во последнава година од 31 илјада увезени стари автомобили дури 25 илјади се дизел, а само 6 илјади се на бензин. Во 2022 година пак во МВР биле регистрирани 388 илјади дизел возила, наспроти 211 илјади на бензин.
„Старосна граница за увоз на патнички возила нема, но постои законска одредба која не дозволува да се регистрираат возила со норма пониска од ЕУРО 4 нормата за емисија на издувните гасови. Во пракса тоа значи дека максимална граница на возила кои можат да се регистрираат се возилата произведени од 2004 година па натаму, што значи околу 20 години стари возила'“, вели Анастас Маженковски, помошник директор во Царинската управа.
Видете и ова: Скапа опрема за пожарникари фаќа прашина во магациниМинистерот за економија Крешник Бектеши пред неколку години најави дека оваа граница би се поместила, и би се ограничил увозот на возила, а како најниска граница би се ставиле возилата со ЕУРО 5 стандард кои всушност почна да се применува од 2011 година. Но, сега од министерството за РСЕ велат дека со други постоечки ограничувања е регулиран увозот.
„ Во овој момент во Министерството за економија не се размислува за измена на правилниците со кои ќе се изврши забрана на увоз на возила со ниво на емисија на издувни гасови под ЕУРО 5 стандард. Одлуката за промена, зголемување на нивото на емисија на издувни гасови за возилата кои се увезуваат, најчесто доаѓа од Владата, а Министерството за економија ја спроведува со измена на правилниците“, пишува во одговорот од Министерството за економија.
Видете и ова: Грковска за службените возила за партиски цели: Ќе постапиме кога ќе имаме доказиНајстарите возила во земјава се од 19 век, најскапото увезено лани е Ламборџини
Три возила кои се регистрирани во 2022 се со датум на производство од 1900 година, а дури 17 олдтајмери се и од пред минатиот век, покажуваат податоците од во Министерството за внатрешни работи.
Според листата на увезени возила од лани, најскапо увезено е Ламборџини (Lamborghini urus) произведено во 2019 година и проценето на околу 360 илјади евра. До 2022 година имало вкупно 12 возила од оваа мрака.
Друштво на листата увезени скапи автомобили му прави Мерцедес АМГ од 2022 со цена од 322 илјади евра, а такви има само 7 регистрирани. Меѓу скапите автомобили кои се увезени е и Порше 911 со цена 248 илјади евра и Мерцедес мајбах од 235 илјади евра, а таков е само еден автомобил кој е регистриран во МВР.
Најзастапени се германските марки на возила, а добар удел имаат и француските. Возилата се увезуваат најчесто од Германија, но значително е застапен и увозот и од останатите земји како Швајцарија, Италија и Франција.
Црна Гора најмногу возила по глава на жител во регионот, забранува увоз под „еуро 5“ стандард
Во регионов најмногу патнички автомобили по глава на жител има Црна Гора, додека Косово најмалку. Според податоците на Евростат, 369 од 1 000 жители на Црна Гора поседуваат автомобил. Втора е Србија со 344 на 1000, додека трета е Северна Македонија со 263 автомобили на илјада граѓани.
Според последните најави, Министерството за транспорт и поморство на Црна Гора изготви правилник со кој ќе се ограничи и старосната граница на увезените половни автомобили. Ќе биде забранет увозот на половни возила со „ЕУРО 4“ стандард, а минималниот ќе се сведе на „ЕУРО 5“, додека за нови минималниот е „ЕУРО 6“. Црна Гора ќе забрани да се увезуваат возила и постари од 15 години, а таквата мерка ќе стапи на сила од 1 јули годинава.
Видете и ова: Скопје се дави во загаден воздух, малигните заболувања во порастЗа властите во Северна Македонија доволна е последната измена во правилникот за увоз донесена од октомври 2023 година. Во Уредбата за пресметката на данок се користи и нова метода за испитување на издувните гасови која е на сила во Европската Унија, а тоа е методата WLTP, која ја замени NEDC методата.
Сега зголемени се и износите на давачките за возилата кои загадуваат повеќе. Според царината статистиката покажува дека овој механизам фунционира во пракса и велат дека тоа индиректно значи дека во земјата наместо ЕУРО 4 се увезуваат понови модели на возила со норми ЕУРО 5 и 6, кај кои просечната емисија на гасови е 130 до 140 грама Со2 по километар.